ФРАНЦУСКАТА МАРКА Е ВО ПОЛН ЗАЛЕТ НА ПОВЕЌЕ ФРОНТОВИ, А РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ ВИДЛИВИ ПО БРОЈОТ НА МОДЕЛИ ВО ГАМАТА, ДЕЛ ОД НИВ СЕ ОБНОВЕНИ, А ПОГОЛЕМ ДЕЛ СЕ ЦЕЛОСНО НОВИ ИЗВЕДБИ. ЗАМИСЛАТА НА PEUGEOT Е ДА СОЗДАДЕ ШТО Е МОЖНО ПОШИРОКА ПАЛЕТА ВО КОЈА КЛИЕНТИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ГО ПРОНАЈДАТ ИДЕАЛНОТО ВОЗИЛО ЗА СЕБЕ, А ЕДЕН ОД НИВ Е И НЕОДАМНА ОСВЕЖЕНИОТ 3008.
Кога за првпат е претставен на авто салонот во Париз 2016 година, моделот 3008 донесе потполно нов тип на перцепција за тоа како изгледаат новите модели на марката. По исклучително добриот пазарен успех во Peugeot одлучија дека 4 години подоцна е вистинското време за „фејслифт“ и ревидирање на агрегатската понуда.
НАВРЕМЕНО ЗАТЕГАЊЕ НА БОРИТЕ
Обновената изведба дизајнерски гледано има многу посмел настап отколку основата на која се базира, воедно запазена е новата корпоративна филозофија, па така употребени се нови потези како би се нагласил карактерот на возилото. Промените на екстериерот се најзабележливи на предниот дел. Особено маркантно и впечатлив делува новиот изглед на светлосните склопови кои се многу интелигентно интегрирани во предната решетка без рамка, најавувајќи ги естетските кодови на иднината. Не помалку атрактивен е и задниот дел каде доработениот изглед на светлосната структура во облик на лавовски канџи изведени во LED технологија, покриени со транспарентно придушено стакло дава јасна динамична слика за моделот. Страничната силуета останува непроменета, а на неа се истакнуваат мускулестите црти над тркала и хромираната линија на долниот дел од браникот која со себе ја носи елегантната нота кај 3008.
КОМФОРНО И КВАЛИТЕТНО ОПКРУЖУВАЊЕ
За внатрешноста кај 3008 едноставно може да се каже дека е вистински погодок, за тоа е задолжен i-Cockpit-от врз кој се темелат ентериерите на новите модели на марката, тој се смета за еден од најнапредните и најергономските во сегментот. Пред возачот е поставен 12,3 инчен екран во 3D изведба кој овозможува целосна персонализација, управувачот е позициониран ниско и поседува речиси четвртаст облик. Бројот на физички копчиња е сведен на минимум, во замена понудени се „шорткат“ прекинувачи преку кои се доаѓа до посакуваните функции за брз пристап кон командите на 8 инчениот екран. Оние кои првпат се среќаваат со вакво решение на почетокот може да бидат збунети, но во суштина сè е едноставно за управување по кратко привикнување. Внатрешноста е изведена со високо квалитетни материјали и на патниците им овозможува одлично чувство на удобност и комфор. Како бонус доаѓа капацитетот на багажниот простор кој поседува зафатнина од 520 литри, а доколку се собори задната клупа неговиот капацитет се зголемува 1.482 литри.
СВЕЖА АГРЕГАТСКА ПОНУДА
Имавме прилика да се дружиме со модел под чиј поклопец се наоѓа 1.5 литарскиот дизел аграгат со 130 КС и 300 Нм влечна сила која е на располагање од ниски 1.750 врт/мин. За трансмисија е задолжен 6 степен мануелен менувач кој се одликува со одлично пресметан пренос и оди рака под рака со исклучително флексибилниот мотор кој во реалност може да одржува високо темпо и воедно без проблем да се носи со целосно оптоварено возило. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10.8 секунди, додека стрелката на брзиномерот се искачува до максимални 192 км/ч. Понудената динамика изненадува во секој поглед, агилноста на подвозјето влева доверба како во секојдневната употреба по градските гужви така и на отворен пат. За време на тестот во просек трошевме 6,3 литри на 100 километри, што за возило со вакви пропорции и тежина од речиси 1.5 тони е одличен успех. Вреди да се напомене дека со освежувањето на стандардните бензински и дизел агрегати на понудата кај 3008 се приклучија и две плагин хибридни верзии од кои помоќната нуди и погон на сите тркала. Пошироката палета на двигатели, како и добро урамнотежените пакети на опременост, дополнети со еден од најмаркантните дизајни во категоријата прават освежениот 3008 да биде сериозно моќен избор за секој што е во процес за набавка на ново SUV возило.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО ДИЗЕЛ |
ЗАФАТНИНА: | 1.499 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 130 КС при 3.750 врт/мин. |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: НЕЗАВИСНО ПОТПИРАЊЕ, MCPHERSON НАЗАД: ПОЛУЗАВИСНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД215/65 R17, ОДЗАДИ 215/65 R17 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.430 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.447 X 1.841 X 1.624 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
10,8 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
4.2 Л/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
192 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ |
28.633 € |