ПРИЈАТЕЛСТВОТО МЕЃУ НАРОДИТЕ ВРЗ ОСНОВА НА НЕГУВАЊЕТО НА СПОРТОТ Е ДВИЖЕЧКАТА СИЛА ИЛИ ПАК ЦЕЛТА КОН КОЈА СЕ СТРЕМИ И ОВАА 33. ОЛИМПИЈАДА ШТО СЕ ОДРЖУВА ПОД МОТОТО „ИГРИ ШИРУМ ОТВОРЕНИ“. СЕТО ТОА ПРЕТОЧЕНО ВО СПЕКТАКУЛАРНАТА ПРОГРАМА СО КОЈА СВЕЧЕНО СЕ ОТВОРИ ВО ПЕТОКОТ, НА 26 ЈУЛИ.
Француската метропола чии постојани епитети говорат меѓу другото и за филозофијата до која се држат и парижаните и Французите воопшто, нивната смисла за убавото и креативниот дух, почнувајќи од 24 јули, кога започнаа и првите натпревари во рагби, ракомет и фудбал, до 11 август е домаќин на овогодишните Олимписки игри за чие отворање и натаму се зборува со восхит и длабока почит. Најважните случувања беа во Трокадеро и на Сена, од Pont d’Austerlitz до Pont d’léna, во чија должина од 6 км дури 300.000 луѓе имаа можност да проследат дел од нив – 100.000 на самото крајбрежје.
Настапите на Лејди Гага (славејќи го француското кабаре со изведбата на „Mon truc en plumes“ од Zizi Jeanmaire) и Селин Дион (емотивно изведувајќи ја „Hymne à l’amour“ на Édith Piaf) го дополнија впечатокот, без исклучок на палењето на огнот и сл. Нема сомневање, идејата за свеченото отворање да не биде на стадион како и досега на своевиден начин всушност ја навести спектакуларноста на програмата, имајќи го предвид фактот дека жителите на Париз, но и на Франција воопшто, се одликуваат со креативен пристап кон сè, буквално. Ангажирањето на „Louis Vuitton“ е добар показател за гореспоменатото. Самиот трејд-марк е приказна за себе, датира од 1854-та и дури 42 години е постар од првите Летни олимписки игри во Атина.
Илуминациите, светлосните ефекти од Ајфеловата кула ќе се паметат уште долго, а добитниците на медалите ќе имаат и парче од неа, вградено во секоја од 5.085-те метални тркалезни плочки, дизајн на „Chaumet“. И четиричасовниот спектакл генерално бидејќи ги обедини различностите. Впрочем, тоа беше и основната замисла на уметничките раководители, односно режисерите во согласност со нивната концепција. Балонот на чија основа е олимпискиот оган ќе лебди на небото до завршувањето на 33. Олимпијада, која ќе ја обезбедуваат 250.000 припадници на внатрешните безбедносни сили. За време на отворањето беа ангажирани околу 45.000 полицајци, жандарми.
Бројките навистина се впечатливи и кога во прашање е гледаноста, се очекува да биде 10 цифрена, па дури и 11- вкупно, а секој ден ќе достигнува и до неколку милиони, благодарејќи на 350-те илјади часа телевизиски пренос. Акредитирани се 20.000 новинари. 10.714 спортисти на 206 тимови, меѓу нив и тимот на бегалците, ќе се натпреваруваат во 32 дисциплини (заедно со 4-те дополнителни: сурфањето, спортското качување, скејтбордингот и брејкденсот), во 754 сесии, на 35 различни места (локации), па дури и на Тахити, Француска Полинезија, каде што се одржуваат натпреварите во сурфање. Островот е оддалечен од Париз безмалку 16.000 км. Во реализирањето на поставените задачи (329-те случувања, настани) се вклучени 45.000 доброволци, волонтери. Секојдневно во олимпиското село се послужуваат по 600.000 оброци.
Два од шесте македонски олимпијци веќе земаа учество во натпреварите – пливачот Никола Ѓуретановиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска. Џудистот Еди Шерифовски се натпреварува деновиве во категорија до 81 кг, а подоцна (8 и 10 август), на своите ривали ќе им се спротивстават и теквондистката Милијана Рељиќ, борачот Владимир Егоров (до 57 кг) и атлетичарот Дарио Ивановски (маратон). Ќе навиваме и за нив, секако.