ВРЕМЕ ЗА НОВИ ПОЧЕТОЦИ!

30/12/2024

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА НОВА ГОДИНА СЕ СЛАВИ ВЕЌЕ ОКОЛУ 4000 ГОДИНИ ВО СИТЕ КРАЕВИ НА СВЕТОТ. НЕЈЗИН ДРЕВЕН СИМБОЛ Е НОВОГОДИШНОТО ДРВО. ЅВЕЗДАТА НА ВРВОТ НА ЕЛКАТА И ДЕНЕС СЕ ПОСТАВУВА ПОРАДИ ВЕРУВАЊАТА ДЕКА СЕКОЈ ЧОВЕК ИМА СВОЈА ЅВЕЗДА ШТО СЕ ПОЈАВУВА НА НЕБОТО ВО МОМЕНТОТ НА НЕГОВОТО РАЃАЊЕ И ЈА ПРЕТСТАВУВА НЕГОВАТА СРЕЌА. ПОДАРОЦИТЕ СЕ СОСТАВЕН ДЕЛ ОД ПРОСЛАВУВАЊЕТО КОГА СТРЕЛКИТЕ НА ЧАСОВНИКОТ ЌЕ СЕ НАЈДАТ ЕДНА НА ДРУГА НАД БРОЈКАТА 12.

 

Ретроспективата на годината што завршува вообичаено е исполнета со промени со кои некогаш се согласуваме, понекогаш не ги прифаќаме, но во секој случај со нив ќе зачекориме во новата година. Во неа ќе ги имаме новостекнатите искуства, ќе внесеме и стари и нови желби, соништа и надеж дека барем дел од нив ќе станат наша нова реалност на секое животно поле.

Изминатата година нека биде тест колку сме научиле од добрите искуства, но и од неуспешните обиди, да бидеме помудри во донесувањето на наредните одлуки.

На прагот на новите 365 дена посакуваме и веруваме дека ова ќе биде година во која секој ќе ја добие својата шанса за нов почеток, за промени, момент кога се брише сè што оставило непријатен моментум од претходната година.

Ова е време кога треба да сме посветени на нашиот тим, на луѓето со кои работиме, создаваме, креираме успеси, донесуваме одлуки… да не заборавиме да ги наградиме за довербата што ни ја дале, за лојалноста што ни ја покажуваат, за добрите идеи и успешно реализираните проекти, за енергијата и посветеноста.

Годината пред нас ќе биде динамична затоа што ќе мора да се најдат одговори на голем број прашања, да се донесат одлуки, да се реализираат идеи, да се остварат проекти. Една од клучните одлуки на АМСМ и на тимот на редакцијата на „АМСМ Клуб Мобилити“ е напредокот во 2025 година и чекорите што нè водат да бидат многу јасно поставени.

За нас постојан предизвик се страниците на нашето списание и нашата веб-страница, со цел во нив да сместиме повеќе живот, повеќе потребни информации, наменски содржини и новини од областа на сообраќајот кај нас и во Европа, податоци од светот на автомото спортот, од сцената на различните модели автомобили, од меѓународните настани врзани со нашата куќа. Бидете сигурни дека и натаму содржините ќе ги задоволуваат вашите очекувања, потреби и високи критериуми. Наша одговорност е да ги прошируваме хоризонтите и да воспоставуваме колку што е можно поблиска комуникација со вас.

Нова година е празник што сите го сакаме и со нетрпение го очекуваме. Новогодишното патување е одличен начин да се прослави почетокот на годината. Но секогаш имајте на ум дека брзината и алкохолот им се едни од најголемите непријатели на вашата безбедност и на сите учесници во сообраќајот. Бидете внимателни, приспособете ја брзината на условите на пат, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, без оглед дали патувате во државата или во Европа. Безбедноста на сите учесници во сообраќајот е на прво место.

Тимот што работи на списанието „АМСМ Клуб Мобилити“ ви ги честита претстојните празници и ви посакува успешна Нова 2025 година!

 

Маргита Поповска-Главен и одговорен уредник

ПОВРЗАНИ СТАТИИ