ХРАБРО И ОДВАЖНО BENTLEY ОДЛУЧУВА ДА СЕ ВРАТИ 95 ГОДИНИ НАНАЗАД, И ДА ГО ДОНЕСЕ МИНАТОТО ВО СЕГАШНОСТА ПРЕКУ ИСКОНСКИОТ BENTLEY BLOWER. АВТОМОБИЛ СОЗДАДЕН ПОД ИДЕЈАТА ДА СЕ ВЛАДЕЕ НА ТРКИТЕ НА ЛЕ МАН
Одлуката на експертите од Кру да го вратат во живот Bentley Blower не е случајна. Blower бил подготвуван да настапува на Ле Ман иако не го достигнал успехот на поголемиот Speed Six. Сепак тој е првиот модел на оваа легендарна британска марка кој користел механички компресор како помош за зголемување на моќноста, без да се задира во зголемување на зафатнината на моторот. Идеја која во тоа време се сметала за ексцентрична. Од Bentley се децидни дека модерниот Blower не е реплика која се појавува еднаш, туку сосем нов модел создаден според спецификации идентични на оригиналот. Идентичен е и начинот на изработка, а автентични се и алатите. Исто како во 1929 година рачно се изработуваат сите елементи, вклучувајќи го моторот со сите негови делови, каросеријата и внатрешноста со оригинално уредување. Затоа во Bentley го гледаат Blower како сосем нов модел преку кого историјата на марката продолжува да живее.
ДА СЕ РАСТУРИ, ЗА ДА СЕ НАПРАВИ
Одлуката да се создаде сосем нов Blower според нацртите од оригиналот не била едноставна. Подготовките траеле долго бидејќи на инженерите им било потребно обемно истражување за да бидат сигурни дека новиот Blower Car Zero, или нулти примерок, според содржината ќе биде автентичен со оригиналот. На крај е одлучено оригиналниот тркач од Ле Ман, Blower Team Car со број 2, се смета за највредниот Bentley на светот и е во сопственост на марката, да биде демонтиран дел по дел. Потоа деловите еден по еден се скенирани со ласер за да се направи дигитален модел во CAD со прецизни димензии.
Според димензиите направена е комплетно нова техничка документација која им е дадена на најдобрите техничари специјалисти во Bentley регрутирани и испратени во Mulliner да работат посебно на овој проект. Mulliner e специјално одделение на Bentley кое во минатото ги изработувало каросериите и внатрешноста на моделите, а денес е оддел за персонализација и за уникатна изработка на модели по нарачка. Дополнително ангажирани се уметниците на Mulliner кои низ архивите ги барале кодовите и називот на оригиналните нијанси на бојата на каросеријата и нијансите на кожата и дрвото во ентериерот и специфичните украси низ кабината.
Но, не сите елементи можеле да бидат направени во Mulliner, затоа во Bentley се потрудиле да најдат кооперанти кои имаат искуство во создавање на машински елементи според традиционален начин.
БРИТАНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ НА ДЕЛО
Шасијата е рачно моделирана од челични профили со дебели ѕидови и составена со загреани заковки. Нејзината изработка е доверена на 200 години стара компанија Israel Newton & Sons која на традиционален начин прави котли за парни локомотиви и парни мотори за споро влечење на тежок товар, и има експертиза да обликува и составува дебел челик.
Компанијата Vintage Car Radiator Company специјализирана за прецизна рачна изработка на елементи при реставрација на возила била задолжена за изработка на ладилникот со школка од сребрен-никел полиран како огледало. Тие го изработиле и резервоарот за гориво од челик и бакар.
Изработката на лиснатите пружини според оригинална спецификација била доверена на компанијата Jones Springs со 75 годишна традиција во изработка на ковани елементи.
Специфичните светла со полирано куќиште се дело на светски познатите реставратори на светла Vintage Headlamp Restoration International. Станува збор за тим од двајца извонредни мајстори, кои патем се татко и син, способни да ги изработат и најсложените класични светла според оригинална спецификација.
Дрвената рамка на каросеријата според најдобрата британска традиција е направена од јасен, исто така, од специјалист за реставрација Lomax Coachbuilders. Потоа дрвената рамка е фино дотерана според спецификациите на Blower од тимот експерти на Mulliner.
КАРОСЕРИЈА ОД СКАЈ
Каросеријата е приказна сама за себе. Изработена е како кај оригиналот според системот на Вејман – Weymann. Овој систем го развил и патентирал Чарлс Вејман во 1921 година првично за обвивка на трупот на авионите, а потоа и за каросеријата на автомобилите. Системот подразбира дрвена рамка обложена со ткаенина во неколку слоја која потоа се лакира во посакувана боја. Тој обезбедува лесна конструкција што било популарно со оглед на тежината на тогашните автомобили. Подоцна системот е напуштен бидејќи не пружал соодветна безбедност за патниците при судир.
Сепак Blower го користи овој систем, а каросеријата е составена од неколку слоја на специјален материјал наречен Rexine. Тоа е тип на вештачка кожа која кај нас е позната како скај, но е посебно отпорна на надворешни влијанија. Материјалот е внимателно оптегнат и поставен во повеќе слоеви, а лакиран е во сјајна црна боја. Како контраст внатрешноста е изработена од посебно штавена дебела кожа во Оксфорд црвена боја. Од неа се и седиштата наполнети со точно 10 kg природни коњски влакна исто како кај оригиналот. Кожата доаѓа од престижниот шкотски производител Bridge of Weir на кого му веруваат и останатите британски автомобилски марки.
ПРИКАЗНАТА ЗАД BLOWER
Blower Car Zero носи сосем нов 4½ литарски четири цилиндричен линиски мотор изработен врз техничката документација на оригиналот конструиран од основачот Валтер Овен Бентли. Моторот бил неверојатно современ за тоа време. Од него не би се срамеле ниту моторите на спортските автомобили конструирани 50 години подоцна. Користел магнезиум за блок на мотор, клипови од алуминиум, брегасти вратила во глава, четири вентили и две свеќички по цилиндар. Имал дијаметар на цилиндерот од 100 mm и од на клипот од 140 mm. Полнењето било преку два карбуратори SU и имал двојно магнетно палење. Првичниот 4½ литарец во сериската верзија испорачувал 110 КС, а во тркачката 130 КС што не било доволно за победа. Така се раѓа идејата за механички компресор од која настанува Blower или во слободен превод дувалка. Компресорот од тип Roots е поставен напред пред ладилникот и е јасно воочлив. Благодарение на него Blower испорачувал 240 КС при 4.200 min-1 и бил помоќен од шест цилиндричниот 6½ литарец на Speed Six. Меѓутоа иако помоќен не бил доволно издржлив за успех на Ле Ман.
Модерниот класик Blower Car Zero останува во сопственост на Bentley и ќе служи за обемно тестирање пред да започне изработката на лимитираната серија од 12 примероци кои веќе се распродадени. Тестирањето опфаќа 35.000 километри возење во реални услови и лути 8.000 километри возење на патека. Проверката на издржливоста и функционалноста ќе покаже дали е потребно да се прават измени и подобрувања бидејќи моделите наменети за ретките клиенти се сертифицирани да возат на класичните релија со преку 100 годишна историја како што се Пекинг до Париз или Миле Милја.