ВО СВОЈАТА ПОСЛЕДНА ГОДИНА ОД ПОГЛАВЈЕТО ПОЗНАТО КАКО „ГЕНЕРАЦИЈА 2“, ФОРМУЛА Е ВЛЕГУВА СО ДУЗИНА НОВИ РЕДЕФИНИРАЊА НА ПРАВИЛАТА, ЗА КОИ СЕ ВЕРУВА ДЕКА ЌЕ БИДАТ ДОБРИ „МИРУДИИ“ ЗА ЦЕЛОТО ШОУ
Иако подоцна од вообичаеното, осмата сезона од светското првенство на Формула Е стартуваше на крајот од јануари со двете трки во Саудиска Арабија и уште една која што се одржа во Мексико две седмици подоцна.
Освен што максималниот капацитет на енергија беше зголемен за 10 проценти од 200 на 220 киловати, беше испробан и новиот квалификациски систем – откако претходниот беше критикуван дека намерно ги оштетува водечките возачи во генералниот пласман со лимитирањето секогаш да возат први во квалификациите на таканаречената „нечиста“ патека. Со овие промени најпрвин беа скратени тренинг сесиите од 45 на 30 минути, а потоа беше дозволено на гран при викендите со една трка да има лимит од четири сета пневматици, а на оние со по две трки, од шест сета пневматици.
Новиот систем предвидува сите дваесет и два болида да учествуваат во првиот дел од квалификациите, кога возачите се поделени во две групи по единаесет. Критериум за таа поделба повторно ќе биде пласманот на табелата. Двете групи ќе имаат по десет минути отворена патека за да постават конкурентно време, а најбрзите четири од секоја продолжуваат во втората фаза каде што на принцип на директни дуели ќе го формираат конечниот стартен поредок. Според организаторите, ваквиот квалификациски формат бил одобрен од ФИА како „максимизирање на возбудата за навивачите и воедно да го охрабри издвојувањето на најдобрите возачи“. Во однос на стариот систем, тоа значи дека нема да има четири различни групи, па оние последните да бидат во некоја рака фаворизирани. Дополнителното мешање на најдобрите од двете групи, треба да е моментот кој ќе обезбеди оној што е навистина најбрз да прогрeсира понатаму во рамноправни околности.
Сепак, останаа неслушнати повиците од поранешниот двократен шампион во Формула Е, Жан Ерик Верње, кој имаше што да каже на тема фер-плеј.
– Нашето првенство е мошне професионално. Сепак, начинот на кој што се тркаме во моментот вклучува и меѓусебни удари на возачите, бидејќи возилата во моментот тоа добро го поднесуваат. Но за мене тоа е неприфатливо и сметам дека ФИА треба да преземе нешто. Трката како што беше онаа во Лондон е комплетно неприфатлива, – рече возачот на ДС Течита, евоцирајќи спомени за елиминацијата на неговиот клупски колега при судирот со Лотерер во Британија. – Децата кои што ги гледаат трките на Формула Е мислат дека ова е како картинг трка меѓу пријатели. Тоа не смее да биде така. Тоа е лошо за шоуто и апелирам ФИА што побрзо да направи нешто. Треба повеќе да контролираат. Во картинг, ако некого удриш ќе те дисквалификуваат, не им е битно зошто тоа се случило. Зошто да не го направиме истото и ние во Формула Е?
Стартот на шоуто во Дирија му донесе пол позиција на Стофел Вандорн од Мерцедес, кој што влезе во историјата како прв возач што триумфирал со новиот квалификациски систем. Во финалниот дуел тој се соочи со Џејк Денис од тимот Андрети, но ривалот му ја олесни работата со мало пролизгување во свиокот број 6, кое што му ја додели најдобрата стартна позиција на белгискиот возач. Но во трката, тимскиот колега на Вандорн и минатогодишен шампион Ник де Врис успеа да се врати во игра и да избие на првото место за конечна „еден/два“ победа на Мерцедес. Де Врис имаше добар старт и успеа да го престигне второпласираниот Денис, но по првото излегување на возилото за безбедност на патеката водечкиот Вандорн имаше мала грешка при активација на дополнителната енергија, по што неговиот колега го презеде водството, а со тоа воедно и победата во трката. На крајот Денис се најде на третото место, иако во текот на трката беше престигнат од Лотерер, но тој не стигна до целта.
– Едноставно ја утнав активацијата и загубив некаде секунда и половина до две, за ништо. Самиот сум виновен за тоа, сè друго одеше добро. Требаше само да ги следиме процедурите и да ги постигнуваме целите што си ги зададовме. Но, всушност јас му ја препуштив победата на Ник, останавме заедно и финиширавме со „1-2“ победа. Разочаран сум за грешката, но сепак ова беше позитивен ден за нас и можеме да бидеме задоволни од стартот на сезоната.
Својата добра форма Де Врис ја покажа и во квалификациите за втората трка во Дирија, каде што во финалето го победи Едоардо Мортара од тимот на Вентури, и тоа со предност од само пет илјадити делови од секундата. Овој пат Денис и Вандорн потфрлија со пласман на осмо, односно дванаесто место, па така Робин Фријенс зад воланот на Вирџин се најде на третата позиција. Де Врис имаше комотно водство на почетокот, но кон средината од трката кога Лукас Ди Граси му се приближи и се обиде да го престигне, дојдоа до контакт во два наврати, при што Бразилецот отиде напред, па потоа и Мортара го нападна возачот на Мерцедес, кој тактизираше со употребата на енергијата. Во финишот Мортара го престигна Ди Граси и поита кон победата, додека Де Врис продолжи да тоне и на крајот заврши како десетти. Во самиот финиш Робин Фријенс успеа да го достигне Ди Граси и да му го преземе второто место, додека Лотерер стигна до четврта позиција.
– Не бевме доволно брзи. Можеби предоцна ја активиравме дополнителната енергија, но едноставно немавме ритам. На крајот имав и контакт со Верње, при што загубив четири или пет позиции. Грешката е наша и верувам дека едноставно не бевме доволно брзи, – објасни Ник Де Врис.
Интерконтиненталниот трансфер во Мексико не донесе огромно поместување во распоредот на силите, но изненадувања сепак имаше. Мортара беше пред праг на нова пол позиција, но грешката во последниот свиок од финалниот дуел го промовираше Паскал Верлајн како освојувач на првото место во квалификациите, при што и неговиот тимски колега Андре Лотерер го надополни успехот со пласман на трето место, пред Верње, да Коста и де Врис.
Сепак, стартот на трката повторно го врати Мортара во игра, па тој изби на чело, додека неговите ривали штедеа енергија. Дури и Верње успеа да ги престигне и да дојде до второто место, пред Порше да им дозволи на своите возачи да ја употребат целата енергија што ја имаат на располагање. Таквата стратегија вроди плод, па Верлајн и Лотерер дојдоа до „еден-два“ победа, која воедно е прв триумф на Порше во Формула Е. По голема борба со Мортара, Верње успеа да го освои третото место.
– Мојата грешка во квалификациите ме постави во позиција да бидам зад Паскал. Од почетокот имавме јасна тимска стратегија да се фокусираме на трката и да не се тркаме меѓу себе. Идниот пат ќе се потрудам јас да бидам напред. Честитки за Паскал, лани една победа му беше „украдена“ и сега ја заслужи назад. Ова е величенствен успех за тимот, вложивме многу напор за да ги надминеме тие успони и падови од претходната тешка сезона. Мислам дека конечно почнавме да ги „склопуваме“ нештата,- изјави Андре Лотерер, објаснувајќи го приодот на Порше во оваа трка.
Верлејн ја потврди оваа страна на приказната и се согласи дека тимот направил одлични калкулации.
– Кога го поминав Мортара за првото место, добив задача да забрзам и да го подигнам темпото. На крајот се виде дека пресметките биле точни и дека ривалите беа зад нас само една или две секунди. Се фокусиравме на ефикасноста и на енергија за 40 круга во трката (напомена: по правило должината на трката е 45 минути, по што се вози последен круг). Не сакавме да го забавиме темпото и да пробаме сценарио со 39 круга, се држевме до оригиналниот план и бевме „на сигурно“. Не дојдовме во опасност и покажавме дека можеме да победиме и со трка од 40 круга,- рече победникот Верлејн.
Ваквата стратегија беше оценета како победничка од ривалот Едоардо Мортара, кој укажа дека неговиот тим доцна реагирал и во текот на трката ја приспособиле енергијата за додатниот круг, додека Порше тоа го направил на почетокот.
– Очекувавме дека е можно да се возат 40 круга, но доцна почнавме со спроведувањето на стратегијата. Тие започнаа порано и поради тоа имашее големи разлики. Ни беше тешко бидејќи ја немавме вистинската стратегија од почеток. Потрошивме многу енергија и бевме ранливи на крајот. Поради нападите на конкурентите на крајот мојата потрошувачка беше преголема, па се најдов на петто место. Не е крај на светот, но ќе мора да направиме подобар пристап за следните трки,- заклучи возачот на Вентури.
Следни трки од календарот на Формула Е се двата спектакли низ улиците на вечниот град, Рим, на почетокот од април, по што ќе се продолжи на други локации низ Европа, како што е легендарното Монако.
РАМКА: Шарл Пик се враќа како сопственик на тим
Поранешниот возач во Формула 1, Шарл Пик, во 2015 година се повлече од трките откако не успеа да ја развие својата кариера по настапите за Марусија и Кетерхем. Во средината на февруари, тој објави дека ќе ја преземе француската екипа ДАМС, која се натпреварува во Формула 2 и Формула Е го опслужува тимот Нисан. Екипата ДАМС беше сопственост на основачот Жан Пол Дрио, кој починал во 2019 година, по што го наследиле синовите Грегори и Оливие. Според првичните сознанија, тимот не бил на продажба, но Пик се обврзал да ги задржи сите вработени и да ја продолжи визијата за создавање конкурентен француски тркачки тим. Шарл Пик потекнува од богато семејство кое претходно го спонзорирало тимот ДАМС кога таму возеле Ерик Бернард и Оливие Пани, а дури и братот на Шарл, со оваа екипа се натпреварувал во Формула Рено.