Претставуваме Bentley Batur-ПОСЛЕДНИОТ МОХИКАНЕЦ

06/02/2024

BENTLEY ГО ИСПРАЌА ВО ИСТОРИЈА ПРОСЛАВЕНИОТ W12 ПРЕКУ ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА НЕГОВАТА НАЈМОЌНА ИЗВЕДБА НАВИЕНА НА 750 КС И 1.000 NM И СМЕСТЕНА ПОД ХАУБА НА УЛТРАМОДЕРНОТО КУПЕ BATUR ЧИЈА ОГРАНИЧЕНА СЕРИЈА Е ВЕЌЕ РАСПРОДАДЕНА

Прославениот мотор W12 на Bentley заминува во историја. Како последен изданок од својот вид крајот на производството ќе го доживее во април годинава со продукција од преку 105.000 рачно изработени примероци во период од 20 години. Одлуката оваа моќна енергана надалеку прочуена по својата издржливост да замине во историјата доаѓа од стратегијата на Bentley кон одржлива иднина,   односно кон погонските спреги на електрична енергија добиена од обновливи извори со емисија на CO2 од 0 g/km. Стратегијата наречена Bentley100 веќе го започна своето патешествие преку хибридните изведби на моделите Bentаyga и Flying Spur за кои побарувањата од клиентите се повисоки од очекуваното. Но сепак, без оглед на прифаќањето на иднината масивниот W12 останува да биде впечатливо парче висока технологија кое во изминатите две декади ја движеше легендарната британска марка. За простувањето од W12 да биде уште позначајно Bentley одлучи дополнително да го дотера за да ослободува титански 750 КС и 1.000 Nm и да го пикне под хауба на ултрамодерното купе Batur.

ПРЕДВОДНИК НА ДИЗАЈНЕРСКА РЕВОЛУЦИЈА

Batur е олицетворение на убавина. Именуван според природното кратерско езеро на еден остров на Бали маѓепсува со убавината, и е предводник на дизајнерската револуција на Bentley. Иако е последниот Мохиканец за ерата на моќниот W12 која завршува со него, во исто време почнува и новиот дизајнерски јазик кој ќе се одрази на идните електрични модели на Bentley. Поточно, на цела фамилија од електрични автомобили, од која првиот модел се очекува во 2025 година. Долгата хауба која отсекогаш била знак на престиж завршува во широко развлечена маска и тесни светла како очи на мачка. Широкиот задник, пак, визуелно ја префрла масата на автомобилот кон назад давајќи впечаток како да седи на задна оска. Спојот на елеганција која се претопува во мускулесто тело е успешен обид да се спојат минатото и иднината. Batur е грациозен, но во исто време е и набиен со мускули. Буквално делува како мачка спремна на скок да зграпчи плен. Зрачи со моќност и личи како да бришка „триста” дури и кога стои.

НАЈМОЌНИОТ BENTLEY НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Со 750 КС и 1.000 Nm извлечени од масивниот 6.0 W12 Batur се качува на трон како најмоќниот сериски модел на Bentley на сите времиња. Оваа последна и ултимативна изведба на овој титан од мотор го испорачува максималниот вртежен момент во распон од 1.750 до 5.000 min-1, а максималната моќност на 5.500 min-1. Во основа, моторот W12 е составен од два блока на познатиот мотор на VW, VR6, споени под агол од 72 степени. За да се извлече олкава моќ инженерите на Bentley и на неговиот оддел за ексклузивни проекти Mulliner, кој се смета за најстариот производител на каросерии на светот, имале доста работа околу неговата последна надоградба.

Низ еволуцијата во последните 20 години овој W12 добил 37% поголема моќност, 54% повисок вртежен момент и 25% пониска емисија на издувни гасови. Сето ова е постигнато со: оптимизација на системите за управување, подобрување на подмачкувањето и ладењето, поставување на поефикасни турбо полначи, пософистицирано вбризгување на горивото и систем за деактивирање на цилиндрите.

Последно: поставени се нови значително поефикасни турбо полначи, поставен е поголем вшмукувачки тракт кој вшмукува 33% повеќе воздух (1050 kg на час) при максимална моќност. Зголемен е капацитетот на двата интеркулери, по еден за секој турбо полнач, кои извлекуваат 35% повеќе топлина од воздухот пред да биде вшмукан во цилиндрите. А поладен воздух значи поголема густина, поголемо полнење и поголема моќност.

 

ПЕРФОРМАНСИТЕ ПОД ТАЈНОСТ

Bentley сѐ уште ги држи техничките податоци за Bаtur во тајност. Но, ако се знае дека досега најмоќниот Continental GT Speed со 659 КС тежок 2,5 тони вози со максимални 335 km/h и спринтува до 100 km/h за 3,6 секунди, тогаш може да се заклучи дека полесниот Batur ќе биде уште побесен. Беснотилакот во целост ја користи напредната шасија на GT Speed за која веќе станало збор во овие редови. Шасијата користи динамичка контрола на воздушно потпирање со три комори и адаптибилни амортизери врзани со активен систем на стабилизатори со моќни електромотори. Тие се активираат во 0,3 секунди и делуваат како против тег на силите кои се јавуваат во свијок спречувајќи го навалувањето на каросеријата. Дополнување на управливоста е управувањето на четири тркала кое при мали брзини ги свртува задните тркала спротивно од предните значително зголемувајќи го чувството на пргавост. При високи брзини задните тркала се вртат во линија со предните за поголема стабилност. Масивната тракција ја обезбедува електронски самозаклучувачки диференцијал вграден во задната оска комбиниран со погон на четири тркала со варијабилна и векторска распределба на вртежниот момент.

Од GT Speed се земени на заем и сопирачките. Овој најголем сопирачки апарат на светот некогаш вграден во сериски автомобил се состои од вентилирачки дискови од карбон-силикон-карбид од 440 mm напред кои ги зафаќаат 10 клипни сопирачки шепи, и 410 mm назад со 4 клипни шепи. Овие дискови создаваат малку прашина и го чуваат ликот на уникатните бандажи од 22 инчи.

 

ВИЗИЈА ЗА ИДНИНАТА

Batur не е само најава за идниот дизајнерски стил на Bentley, туку визија како ќе бидат создавани идните модели на марката со користење на материјали и техники кои се пријателски настроени кон нашата планета. Иновативните технологии се испреплетени со луксузни материјали за да се создадат елементи и детали кои досега не биле видени на ниту еден модел на Bentley.

Затоа дизајнерите на Mulliner одговорни за оваа уметничката креација го зеле космосот како инспирација при креирање на уникатните комбинации од бои и материјали. Користени се нови композити со извонредни карактеристики слични на карбон-фибер, но добиени од лен. Од овој обновлив извор на т.н. ленено супер-влакно се добиваат неверојатно лесни, а во исто време неизмерно силни панели кои во Batur се користени и за каросеријата и за цврстите елементи во кабината. Теписите кои повеќе наликуваат на килими се добиени од рециклирани влакна, а кожата е добиена од посебни добавувачи кои при процесот на штавење користат помалку вода и ниска емисија на СО2.

Цело богатство од иновативни завршни детали стои на располагање на клиентите кои по сопствена желба ќе го креираат својот скапо платен Batur. Од 18-каратно злато, преку титаниум, различен финиш на фурнир и специфични комбинации на текстил и кожа. Според дизајнерите на Mulliner единствениот лимит на понудата е имагинацијата на клиентите. За да демонстрираат до каде се границите на можностите и воедно да ја поттикнат инспирацијата кај клиентите понудени се неколку космички теми на Batur: Nebula, Supernova, Hyperspace и Dark Matter.

Наведовме дека сите 18 примероци колку што се планирани за ова парче уметничко ремек-дело на четири тркала веќе имаат свој сопственик кој морал да ја пикне раката в џеб до длабочина од 1,65 милиони фунти. И тоа е почетокот. Сите дополнителни желби, дополнително и ќе се наплатуваат.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ