ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ, ЗАРАДИ КОВИД-19, ВКЛУЧИТЕЛНО И ЕКОНОМСКАТА СОСТОЈБА, ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ПРЕТРПИ ЗАГУБИ, НО И ПРОМЕНИ. СЕ СВЕДЕ НА МИНИМУМ, И ТУКА И ВО СВЕТОТ. ЗА СРЕЌА, ПОЛЕКА СЕ ВРАЌА СО ИСТИТЕ, ПА И НОВИ ЛИНИИ ЗА КОИ СЕ БАРА И КАРТА ПОВЕЌЕ. НА ПРИМЕР, ЛУКСУЗНИТЕ ПАТНИЧКИ ВОЗОВИ НА BELMOND И НАТАМУ СЕ АТРАКТИВНИ БЕЗ ОГЛЕД НА ЦЕНИТЕ ЗА НИВНИТЕ ПАТУВАЊА СО ПРИДАВКАТА „БАСНОСЛОВНИ“. ROYAL SCOTSMAN И VENICE SIM- PLON-ORIENT-EXPRESS ГО ВРАТИЈА ПРИМАТОТ. НИВНИТЕ АРАНЖМАНИ СЕ ПРОДАДЕНИ ЗА СЛЕДНИТЕ ДВА-ТРИ МЕСЕЦИ, ДУРИ И ПОВЕЌЕ, А ОРУЖЕНИТЕ КОНФЛИКТИ НЕ ГИ ПРЕМИСЛИЈА ЛУЃЕТО, ПАТНИЦИТЕ СО ДЛАБОК ЏЕБ. РАСКОШОТ Е САМО ЕДНА ОД ПРИЧИНИТЕ ЗА НИВНОТО ПРЕБУКИРАЊЕ. ОСТАНАТОТО Е УЖИВАЊЕ – ДУХОВНО БОГАТСТВО
Интересот за Royal Scotsman е голем, а негови патници се луѓе што ја обожаваат Шкотска, т.е. нејзините планински врвови, езерата со ефект на огледало, па и долините каде што се дворците или аристократските, богаташки резиденции. Но, патувањата им овозможуваат на гостите да се запознаат и со традициите, обичаите на Шкотите, односно Шкотланѓаните, и со легендите, митовите, а содржините или активностите од нивните програми се различни, усoгласени со маршрутите, од посетите на шкотските мануфактури каде што се произведува виски, но и дегустира, вклучително и на дуќаните за производите на дестилационите процеси, т.е. дестилатите, надалеку прочуени, до прошетките во шумите и пукањата во глинените или керамичките гулаби. Секако, дел од времето е резервиран и за престој во самиот воз чија восхитувачка убавина произлегува од неговата оригиналност и ексклузивноста, се разбира додека лета со брзина што е пропишана и својствена за возови чија придавка е „луксузни“. А, вечерите на свеќи ја дополнуваат, незаобиколно и т.н. кејли (cèlidih, забава со пеење, свирење, танцување и раскажување приказни). Возот е пуштен во 1985-тата, значи дека 37 години функционира одлично. Патниците до 1990- тата престојувале во старите вагони, но славата не била ни малку поматена бидејќи архаичноста била доста ценета. Всушност, првите години се здобил со најголема популарност. Belmond ги заменил со Pullman коли (железнички), а реновирањето е всушност дело на James Park Associates, кое и денес е исто, непроменето. Изворот на вдахновението инаку е таканареченaта ера, односно периодот на Едвард (1901-1910 година) или поточно ентериерите на тогашните камени градби, пред сè замоците, но стилизирани. Лакираните дрвени панели, но и мебелот преслечен со платна во топли бои, му даваат посебен шарм, вклучително и парните тушеви кои придонесуваат и за негова, т.е. комфорност на приватните кабини. Royal Scotsman е крстен во 2007-та и оттогаш се воведуваат иновации, новини како неодамнешниот Bamfor Hayrban Spa. Имено, цел вагон е претворен во спа-центар кој е прв, единствен во светот. И таканаречената кола опсервер е многу посетена. Оттаму се гледа сè, погледот е спектакуларен, додека се ужива во некој пијалак, седнати на тросед или фотелја, но секогаш полна е и верандата. Колата опсервер е местото и каде што се прават вечерните забави.
Приватните кабини се акомодирани, потсетуваат на дворците, а удобноста им е другото име. Првото е луксузот или раскошот сеедно. Шкотските платна се доминантни, особено тартанот чиј квалитет е висок, наизглед и убав. Ѕидовите наместа се украсени со рачно изработени слики. Еднокреветни, двокреветни, „близначки“ – поврзани меѓусебно за двајца и апартмани, со неколку простории за семејство, изборот навистина е голем. За леглата, нивната угодност не може да се има сомнеж. И покрај тоа што се отмени, префинети, собите располагаат и со тавански вентилатор, и со греење кое може да се подесува, и со плакар, и со држач на облека, и со мијалник, веце и туш, и со бели крпи што се променуваат секојдневно, и со фен, и со перници од пена и антиалергичен јорган, и со ватирана покривка за креветот, и со ѕвонец за повик на сервисот чии поволности се пресметани во цените, кои се различни согласно турите и деновите, односно времетраењето на патувањата. Цените варираат од 4.000 фунти (294.698 денари), 4.800, 5.500, 6.650, 7.000, 9.500 до 12.500 фунти (9.209,312 денари), од два, три, четири, пет до седум дена.
Инаку, без оглед на вирусната пандемија и оружените конфликти, резервациите се направени, пребукирано е сè, до крајот на август. Притоа се посетуваат интересни места, градови, села…, дури може и да се плива во езерата, чистотата на планинските езера го нуди тоа. Целата содржина е осмислена убаво, за деновите на гостите да бидат исполнети максимално, а истовремено да се има време и за оддишка, во приватните кабини, додека пири ветрот заради отворените прозорци. Неоспорно уживање, идеално време за сонување и покрај грубата реалност. Па и во Bamford Haybarn Spa.
Освен ручекот на отворено, како дел од програмскиот концепт чии активности (веслање на брза вода, играње голф, дегустирање виски, планетно истражување со астроном) знаат да бидат и напорни, да уморат, и оброците (утрински, пладневни, вечерни, па и меѓу) во ресторанскиот вагон се, исто така, искуствени, со придавката „уникатни“.
Ресторанот инаку е обложен со махагон, а јадењата се приготвуваат со прехранбени, шкотски производи. Се послужуваат и вина и ликери и вискија од слад. Јадењата се кулинарски ремек-дела, од пердувест или крупен дивеч и морски плодови до чаден лосос. Екстраваганцијата е присутна и во деликатесните салати од гулаби, халибути (ретки видови риби)… Десертите, пак, воодушевуваат и со изгледот, а вкусноста е несомнена. Впрочем, не може да биде инаква бидејќи подготовката е следена од шефот Mark Tamburrini со мишелин ѕвезда, но и тој е вклучен максимално бидејќи рецептите се всушност негови. За сезонските овошја и зеленчуци да бидат свежи, набавката се врши секој ден. Локалните пазарџии се и доставувачи на попатните станици. Нема промашување никаде, во секој поглед. И навечер, откога ќе заврши оброкот. Забавата е типична шкотска, со гајда. Шкотланѓанецот е, исто така, облечен традиционално, а здолништето му е амблемно. Присутен е постојано, ги дочекува гостите, патниците, но и се испраќа со нив. И да, вискито е задолжително и на доаѓање и кога си заминуваат. Се чува професионално и се точи од буре. Вообичаените здравици се однесуваат на патувањето, на стекнатите пријателства, со желба да го повторат и пак да се видат.
МИНАТО ДОСТОЈНО ЗА ПОЧИТ
И Venice Simplon-Orient-Express, чие минато е достојно за пофалба и за почит, не загуби од атрактивноста ни денес, кога се говори за патувањата низ Европа, од Венеција, како што кажува неговото име, преку Верона, до Амстердам, Брисел, Будимпешта, Виена, Истанбул, Лондон, Париз, Прага и во спротивен правец. Извесно време, поради технички причини, како и вирусната пандемија, долгите линии се укинаа. Но, за среќа, повторно се обновија и Venice Simplon-Orient-Express повторно е на железничките шини. Уживањето што го нуди, чувството на радост и задоволство во патувањето е очигледно, а доказ е и сведоштвото на патниците, личното искуство и сеќавањето, спомените, без оглед на времетраењето, макар и еден ден, вклучувајќи ја и ноќта. Всушност, целта е гостите да преноќат во нив, да се препуштат на комфорот и покрај тоа што преовладуваат гламурот и луксузот, и во кабините, апартманите, и во првокласните ресторани, на забавата.., и притоа да се чувствуваат како да се наоѓаат во некој прекрасен кралски дворец. А, неговата историја се раскажува одново и одново. Блиското минато е богато исто како и далечното, кога го нарекувале воз на кралевите и крал на возовите.
Имено, во 1867 година Georges Nagelmackers од Брисел одлучил да замине во Америка, накратко. Патувал и со железница, во Pullman вагон, каде што и преноќил. Седиштата, кои личеле на клупи, се пуштале надолу за патниците да можат да спијат, но неудобно. Тогаш бил млад, полн со идеи, обземен со желби за нови достигнувања. Сфатил дека во Белгија недостасуваат железнички коли, но не какви било, туку раскошни, во исто време и комфорни, каде што ќе може да се преноќи, но и да се јаде. Размислувал и решил да се фати за работа. Кога се вратил, го напуштил банкарството и почнал да го реализира планот. Не било ни малку лесно, се соочувал со сериозни проблеми, предизвици, но не се откажал. Судбината сакала да го поврзе со George Pullman и соработката започнала. Ги преуредиле вагоните така што вметнале дрво, обработено фино, и месинг. Седиштата ги тапацирале со кадифе, прозорците ги покриле со исти завеси, со убави долги реси, ставиле многу детали, се погрижиле за кујната во ресторанот.., и во 1883 год., на 5 јуни, Express d’Orient тргнал за Виена. Осум години потоа го ребрендирале во Orient-Express. До 1930-тите, кога станал „миленик“ на елитата, направиле измени, и тоа неколку, а во меѓувреме сообраќал на релацијата Лондон-Париз-Истанбул. Патем застанувал и во други поголеми градови, како впрочем и денес. Крајна дестинација во извесен временски период била и Атина. Така функционирал до 1977 год. На 19 мај сообраќал последен пат.
Крајот на истата година бил, всушност, почеток на неговото блиско минато, кога James Sherwood, тогашниот претседател на Orient-Express Hotels Ltd. (сега Belmond Ltd.), од аукциската куќа Sotheby’s во Монако купил две железнички коли, вагони од луксузниот патнички воз, а во наредните пет години вложил единаесет милиони фунти во други триесет и пет, купени од различни колекционери, музеи. Ги поправиле, обновиле и на 25 мај 1982 година Venice Simplon-Orient-Express го започна вториот живот, сообраќајќи на релацијата Лондон-Венеција. Тој е, всушност, еден од неколкуте луксузни патнички возови на Belmond, кој патува и за главниот град на Франција – Париз, од Венеција каде што е неговата почетна станица. Возот не сообраќа во декември, јануари и во февруари. Карти за оваа дестинација, одредиште кое истовремено е и најпосакувано, можат да се резервираат и онлајн. Моменталната цена е 4.120 фунти (околу 305.000 денари), за еден. Имено, секоја кабина има мијалник, туш-кабина, топла и ладна вода, пешкири, влечки, бањарки, а тоалетите се надвор, на едниот и на другиот крај од вагонот. Вкупно има седумнаесет железнички коли од кои, во единаесет се наоѓаат кабините за престој, спиење, ресторанот зафаќа три вагони, во еден е барот, во два се чува багажот, кои во исто време служат и како сервис. Има и ексклузивна продавница, која се наоѓа во средината на возот. Од Венеција се поаѓа во 07:46, а во Париз се пристигнува во 08:33 утредента.
Пред да се напушти Venice Simplon-Orient Express, во купето може да се појадува (оброкот се состои од топло печиво, чаден лосос, јајца, тартуфи, кавијар, како и вода, кафе, чај). Потоа, стјуардите ги местат креветите за да се ужива во глетката од прозорците, седејќи на софите од 1920-тите бидејќи е запазен тој стил, а возот се движи со голема брзина. Всушност, стјуардите се постојано на располагање, од моментот на качувањето до напуштањето на возот, кога се пристигнува во француската метропола. Во меѓувреме патниците можат и да се одморат, да читаат, да си муабетат, да се напијат жесток пијалак во барот, а ручекот и вечерата во ресторанот се нешто посебно.
Јадењата и пијалаците се послужуваат во порцелан, сребро, кристал, готви Christian Bodiguel, заедно со тимот, кој е и шеф, а има освоено и неколку мишелин ѕвезди. Се користат свежи продукти, кои се набавуваат попатно, по станиците каде што застанува возот. На пример, јастозите ги ловат во Brittany (регион во Франција), јагнешкото месо е од Mont Saint-Michel (Нормандија, исто така, француска комуна), каде што јагнињата пасат близу соленото мочуриште. Сите оброци се вклучени во цената, освен пијалаците и à la carte опциите, кои се наплаќаат дополнително.
Протоколите мора да се почитуваат, како за ковид-19, така и другите, на пример за дрес-кодот. На пример, во ресторанот е задолжително да се носи соодветна, односно елегантна облека – костум, т.е. фустан. Можностите, погодностите што ги нуди Venice Simplon-Orient-Express додека се патува за Париз едноставно привлекуваат, но и гостите, патниците ги тераат на размислување, за повторно да му се вратат, макар и да се возат на друга релација, бидејќи гарантираат убав помин, а спомените од времето поминато во него будат чувство на пријатност, секогаш кога ќе се присетат на возбудливото доживување.