ПО ЛЕТНАТА ПАУЗА НАЈЕКСПОНИРАНИТЕ ВОЗАЧИ ВО БОРБАТА ЗА ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА ПРОДОЛЖИЈА СО ВАРИЈАБИЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, СО ШТО И ПОНАТАМУ СЕ ДАВААТ ШАНСИ НА ПОВЕЌЕ ПРОТАГОНИСТИ ДА СТИГНАТ ДО ШАМПИОНСКИОТ ТРОН
Иако на врвот на табелата се издвоени Франческо Бањаја и Хорхе Мартин, покрај нив најмалку уште тројца возачи (Марк Маркез, Ениа Бастијанини, Педро Акоста) се во континуирана потера за што подобар пласман, со што влијаат на изгледот на табелата.
Франческо Бањаја како актуелен шампион е во фокусот на вниманието, а внесе драматика со падот во трката за Големата награда на Емилија Ромања, на која што победи неговиот тимски колега од фабричкиот тим на Дукати, Ениа Бастијанини. На таа трка второпласиран беше Хорхе Мартин (пред Марк Маркез), со што се зацврсти на лидерската позиција во генералниот пласман.
Сепак, судбината сакаше Мартин да биде следниот во низата малерозни возачи, па така на спринт трката во Индонезија беше на десетто место, додека Бањаја и Бастијанини славеа, но успеа да се реваншира со победа во главната трка (пред Акоста и Бањаја).
Со Големата награда на Индонезија на патеката Мандалика започна „азиската турнеја“ од календарот, каде што во период од шест седмици се возат пет трки и можат да бидат пресудни. Веќе на следната рунда, Франческо Бањаја со две победи (во спринт трката и главната трка) повторно се наметна, додека околу него беа најголемите ривали (Мартин, Маркез и Бастијанини). Овој пат, трката во Јапонија на патеката Мотеги беше малерозна за Педро Акоста, додека Мартин имаше пад во квалификациите но се избори за второто место во главната трка.
Првите четири возачи во Јапонија имаа голема предност во однос на петтиот, а очекувам така и да биде во следните трки, сè до последната рунда во Валенсија. Денеска бевме неверојатно брзи, мислам дека многу повеќе од последното гран при возено без дожд на оваа патека (пред две години, изјави победникот Бањаја). Сакам да ја задржам титулата. Мора да продолжам да ја намалувам предноста на Мартин, без да преземам голем ризик. Мора да веруваме дека тоа е можно и да не се предадеме,додаде Италијанецот.
Со двете победи актуелниот шампион Бањаја ја намали предноста на Хорхе Мартин кој е водечки со 392 бода, односно со вкупно 382 му се доближи за крајно драматичен финиш на сезоната. Бастијанини има 313 бода, а Маркез 311, но искусниот Шпанец не верува дека има шанса да се бори за титулата.
Имаме голем дефицит, а откако не освоивме поени во Индонезија, разликата сега е премногу голема. Нема да кријам дека титулата беше мојата цел во последните пет трки, но се чини дека борбата за неа е готова оваа сезона. Разликата е преголема, а има двајца сериозни кандидати. Сепак, тоа ми дава смиреност и можам да работам и понатаму на своите слаби точки и да се обидам да ги искористам оние добрите, прокоментира Марк Маркез.
Од прекуокеанската турнеја остануваат трите трки во Австралија, Тајланд и Малезија, по што ќе уследи последната трка во Валенсија на 17 ноември.
КАЛЕНДАР ОД 22 ТРКИ ЗА 2025 ГОДИНА
Организаторите на Светското првенство во мотоциклизам беше лиферуван во јавноста и на него има 22 трки, при што новитет е онаа во Унгарија на новата патека крај езерото Балатон. Новитет е што сезоната ќе започне во Тајланд, а трката во Индија која беше најавена е поместена за 2026 година. Во календарот вметнат е и термин (20 јули) за враќање на трката во Чешка на патеката крај Брно, но организаторите потврдија дека сè уште немаат конечен договор со локалните промотери, бидејќи поставен е услов за комплетно реасфалтирање. Сезоната повторно ќе заврши во Валенсија, на 16 ноември. |