Mazda 3 SkyActiv–G 122 MHybrid Automatic: СЕРИОЗНА ЗАКАНА ОД ИСТОК

18/02/2020

МОДЕЛОТ MAZDA 3 СÉ ПОВЕЌЕ СЕ ОДДАЛЕЧУВА ОД ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ КОНКУРЕНТИ ВО СЕГМЕНТОТ И ФАЌА ПРИКЛУЧОК КОН ОНИЕ КОИ ИГРААТ ВО ПРЕМИУМ ЛИГАТА. НЕЈЗИНИОТ НАДВОРЕШЕН ДИЗАЈН ЗРАЧИ НА СВОЈСТВЕН НАЧИН, ДОДЕКА КАБИНСКИОТ ПРОСТОР ИСПОРАЧУВА ИСКЛУЧИТЕЛНО ВИСОКО НИВО НА ЗАВРШНА ОБРАБОТКА.

 

НОВАТА ТРОЈКА ГРАДЕНА ПО „КОДО“ ТЕРКОТ

Јапонскиот производител Mazda го претстави дизајнерскиот јазик „Kodo“ во 2010 година со што веднаш ја импресионираше глобалната јавност, а признанијата од експертската фела и донесоа бројни меѓународни награди.

Почетоците на новата генерација Kodo дизајн, кој е еден од камен-темелите на визијата Zoom-Zoom 2030, датира од 2015 година, кога компанијата го претстави концептот RX-Vision, следен од Kai концептот во 2017 година кои беа инспирирани од спортската историја на брендот, а многу од елементите што се користени кај овие два студиски концепти своја примена најдоа во најновата генерација на Mazda 3. Одговорните лица сакале да постигнат „престиж во дизајнот“ од една страна, а во исто време да ги задржат минималистичките линии без додавање на непотребни елементи, со што е добиен совршен сооднос помеѓу напнатоста, моќта и постојаната промена во одблесокот на светлината на мускулестите колкови на возилото. На прв поглед, нискиот преден дел и отсуството на препознатлив браник содаваат визуелен ефект кој во исто време зрачи со елегантна и спортска нота. Воедно, задната страна има изразен наклон и голема метална површина кој суптилно имитира купе.

Во меѓувреме, меѓу предниот и задниот дел се наоѓаат кабинскиот простор опфатен со тенки контури, што е значително различен пристап во креирањето на каросерија виден кај останатите автомобили во оваа класа. Ефектот кој дизајнерите сакале да го создадат е претставен во автомобил со посебен, софистициран изглед кој умешно го истакнува неговиот карактер.

МИНИМАЛИСТИЧКИОТ ПРАВЕЦ НА КРЕИРАЊЕ

Кабинскиот простор е изведен со посебен стил и едноставност, со добра изработка, уредно поставен и осмислен ентериер, со еден збор сè што се опишува како „Јапонска Takumi изработка“. Единствениот производител на автомобили кој зборува за Takumi (древен јапонски збор што значи „занаетчија“) е Lexus, со други зборови, одговорните лица сакаат да кажат дека Mazda 3 го достигнала тоа ниво на квалитет. Кокпитот е изведен во многу минималистички стил. Тука сè е чисто и дизајнирано со цел фокусот да биде ставен на возачот.

Просторот на предните седишта е повеќе од доволен, позицијата за возење е одлична, овозможувајќи му на возачот да ги има сите контроли и дисплеи совршено во видното поле. Но, самиот облик на каросеријата и начинот на кој е конструиран моделот не дозволува преголема комоција на задната клупа кога станува збор за лица со повисок раст. Сликата се повторува и во пределот за складирање багаж, чии што габарити од 358 литри се на долната граница за возилата од оваа класа.

Невообичаено, но Mazda не го следи постоечкиот тренд за поставување на екран осетлив на допир, всушност таа опција воопшто не е понудена, туку се додадени копчиња за командување со секундарните функции кои не го нарушуваат минималистичкиот правец на креирање, истите се логички распоредени и екстремно лесни за ракување.

МЕК ХИБРИДЕН СИСТЕМ

Моторната опција во тестираниот примерок на Mazda 3 поседуваше 2 литарски атмосферски агрегат кој според денешните стандарди е со поголема зафатнина од вообичаено и се смета за ретка појава. Иако по зафатнина голем, моќта која ја испорачува оваа погонска единица нема да ве воодушеви, нејзината излезна сила изнесува 122 КС и произведува само 213 Нм влечна сила. Сепак, целта на инженерскиот тим воопшто не бил да се бркаат перформансите, туку да се добие еластичен и долготраен агрегат кој ќе има ниска емисија на штетни гасови. Од таа причина на агрегатот му помага мек хибриден систем кој се грижи да ги обезбеди дополнителните особини. Иако, е развиен со помош на Toyota, самиот хибриден систем не функционира како оној што го поседува најголемиот јапонски производител.

Електричниот мотор не е во можност самостојно да го движи автомобилот на чиста електрична енергија – користи интегриран стартер генератор (ISG), прикачен директно на агрегатот со внатрешно согорување, кој може да помогне со дополнителни 6kW енергија на погонот кога тоа е потребно. Што значи дека може да асистира при забрзувањето, или едноставно да овозможи покривање на празнините во вртежниот момент при испораката на силата за време на менување степен, со што ја прави промената на брзини да се чувствува многу порамномерно.

Во друг случај може да извлече сила од својата мала литиум-јонска батерија монтирана под задното седиште за да го управува напредниот систем за стартување и повтoрно задвижување на агретот. Исто така, се грижи и за системот кој е одговорен за исклучување на два цилиндри во одредени моменти со цел да ја намали потрошувачката на горивото, за што ја користи точката на ротација во рамките на шестстепениот автоматски менувач кој допринесува да се обезбеди беспрекорен пренос помеѓу два и четири цилиндри, а истовремено овозможува целиот процес да се одвива речиси незабележливо во секојдневна употреба. Засега едноставниот хибриден систем на Mazda не е толку ефикасен воградски услови на користење како покомплексните хибридни поставки, но за многумина тоа е доволно за оваа 2 литарска бензинска верзија на новата Mazda 3 да ја направи одржлива алтернатива на дизел изведбите. Со постигнатите резултати на неколкудневното користење може да потврдиме дека потрошувачката од 7,6 л на 100 км е над декларираната, но не е далеку кога ќе се земе споредбено со потрошувачка на дизелски агрегат со иста зафатнина и сличен распон на моќност.

Мулти-линк дизајнот на потпирањето кој се користеше во претходната генерација го отстапи место на поедноставната торзиона задната оска со што се задржани агилните карактеристики на автомобилот, додека без проблем ја одржува удобноста при возењето.

Во секојдневна употреба Mazda 3 е агилен и забавен автомобил за управување, а ако тоа не е доволно, дозволува и поспортско однесување кога е тоа потребно. За доживувањето да биде дополнето се грижи селекторот за режим на работа кој може да се постави во модус Sport со што се добива подиректен одзив на педалот за забрзување, автоматскиот менувач дозволува вртежите да одат повисоко како би се извлекол максимумот од агрегатот, а тогаш тонот кој излегува од двојните издувни цевки станува резок и далеку погласен.

Во кратки црти Mazda 3 може да се опише како автомобил чиј дизајн, удобност на ентериерот, еластичното возење и ракување се позитивни атрибути што се направени од вистински причини – да не се освојуваат наслови, туку да ja претстави компанијата во најдобро можно светло, јасно давајќи им на знаење на „мејнстрим“ конкурентите дека својот фокус го насочува кон премиум играчите.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

МОТОР: Четирицилиндричен
Бензинец
ЗАФАТНИНА: 1998 СМ3
МОЌНОСТ: 122 КС
при 6.000 врт/мин.
МЕНУВАЧ: 6 Степен автоматски
ПОГОН: На предните тркала
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: Напред: MCPHERSON
Назад: ТОРЗИОНА ГРЕДА
СОПИРАЧКИ: Напред: Вентилирачки дискови
Назад: Дискови
ГУМИ: напред 215/45 R18, позади 215/45 R18
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 1.389 кг
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.460X1.795 X1.435 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
9.9 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: 5.6 лит/100 км
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 195 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ 30.490€

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ