SPEED SIX ПРЕТСТАВУВА ПАРЧЕ МОДЕРНА ИСТОРИЈА СО КОЕ BENTLEY НЕ ВРАЌА 93 ГОДИНИ НАНАЗАД И НЕ ПОТСЕТУВА НА СВОЕТО СЛАВНО ТРКАЧКО МИНАТО И ДОМИНАЦИЈАТА НА ТРКИТЕ НА 24 ЧАСА ЛЕ МАН. УСПЕХ КОЈ НЕ БИЛ НАДМИНАТ БЕЗМАЛКУ 30 ГОДИНИ
Bentley е единствениот производител на автомобили кој има храброст да се врати 93 години наназад и пред светот да прикаже сосем нов модел изграден според оригиналниот дизајн и нацртите од минатото. Славната марка се одважи да го изгради наново најуспешниот и најзначајниот тркач во својата историја моделот Bentley Speed Six кој палеше и жареше на трките на Леман во 1929 и 1930 година. Нема двојби дека Speed Six се смета за најзначајниот Bentley во историјата.
Токму затоа производителот од Кру одлучи да го воскресне. Од Bentley се децидни дека Speed Six не е само уште една реплика туку сосема нов модел изграден според спецификациите идентични на оригиналниот автомобил. Идентичен е и процесот на создавање на автомобилот. Рачно се изработуваат сите елементи и механички склопови: од каросеријата, до моторот и уредувањето на внатрешноста. На овој начин модерниот Speed Six станува сосема нов модел кој ќе продолжи да живее и да ја одржува свежа приказната за големите подвизи на Ле Mан.
ПЛОД НА ОБЕМНО ИСТРАЖУВАЊЕ
При подготовките за создавање на Speed Six ништо не е препуштено на случај од инженерите на Bentley. Обемно истражување е направено за да бидат сигурни дека содржината на новиот Speed Six е точна и автентична со оригиналот. Поточно фокусот на истражувањето бил насочен кон спецификациите и сетапот на оригиналните тркачки изведби од трката на 24 часа Леман во 1930 година. Користени се оригиналните технички цртежи, поточно околу 80% од нив кои биле сочувани од историската фондација на Bentley. Понатаму создадена е нова техничка документација која се потпира на оригиналните забелешки пишувани од механичарите кои ги изработувале деловите и детално ги опишувале измените кои се направени меѓу трките од 1929 до 1930 година. Дополнително земени се податоци и мерки од оригиналниот модел Bentley Speed Six од 1930 година кој се наоѓа во историскиот музеј на Bentley и, исто така, од оригиналниот тркач од Ле Mан од 1930 година познат како Old Number 3.
УМЕТНИЦИТЕ ОД MULLINER
Специјалното одделение на Bentley, Mulliner кое во минатото било задолжено за изработка на каросериите и на внатрешноста, а денес е оддел за кастомизација добило задача да го реинкарнира духот на 1930-те во новиот модел. За таа цел уметниците на Mulliner прегледувале архиви за да ги најдат оригиналните нијанси на бои за каросеријата и нијансите на кожата во ентериерот заедно со деталите од специфичните украси во кабината.
Откако биле собрани сите информации почнат е проектот за изработка на првиот модерен Speed Six. Автомобилот е целосно создаден во погоните на Mulliner. Изработката е рачна. Претежно се задржани традиционални методи на изработка кои ги практикуваат искусните мајстори и уметници на занаетот. Секако покрај нив работи и млада генерација на која се пренесуваат големите вештини и која ќе ја продолжи традицијата на Bentley. Затоа готовиот автомобил претставува ремек-дело лакирано во оригиналната нијанса на Parsons Napier Green боја и ентериер целосно изработен во кожа со оригиналната нијанса на окер боја. Изработката траела десет месеци, а резултатот е блескав.
Моделот е наречен Speed Six Car Zero бидејќи е нултиот автомобил кој треба да послужи како лабораторија за тестирање и ќе остане во сопственост на музејот на Bentley. Врз основа на искуствата добиени низ 35.000 километри возење во секакви услови и 8.000 километри минати на патека каде ќе се проверуваат издржливоста и функционалноста, доколку е потребно, ќе се направат подобрувања на моделите наменети за ретките клиенти. Во овој тест период од шест месеци ќе биде направен уште еден модел именуван како Speed Six Factory Works кој, исто така, ќе остане во сопственост на Bentley. При создавањето на овој модел во одредени фази ќе присуствуваат и клиентите кои тогаш ќе одлучуваат за специфичните детали што ги посакуваат. Така Bentley ќе се осигури дека секој модел ќе биде направен според индивидуалните потреби и желби на клиентот.
ИСТОРИЈАТА НА SPEED SIX И НЕГОВИОТ МОТОР
Speed Six важи за најуспешниот тркач на Bentley во историјата на марката кој победувал на трката на 24 часа Ле Mан во 1929 и 1930 година со возачите Вулф Барнато, Сер Хенри Тим Биркин и Глен Кидстон. Приказната за Speed Six почнува во 1928 година со конструкција на спортска шасија за докажаниот 6½ литарски линиски шест цилиндричен мотор на Bentley. Моторот со цилиндри со дијаметар од 100 mm и од на клипот од 140 mm, и со карбуратор на Smiths со пет млазници и компресија од 4,4:1 испорачувал 110 kW или 150 КС при 3.500 min-1. Меѓутоа за во Speed Six компресијата е зголемена, поставени се нови брегасти вратила и два SU карбуратори и сето ова резултирало во испорака на 180 КС. Speed Six се нудел со три должини на меѓуоскино растојание: 138 инчи (3.505 mm), 140.5 инчи (3.569 mm), и 152.5 инчи (3.874 mm). Најпопуларна била шасијата од 138 инчи, додека тркачот кој победувал на Ле Mан бил изграден врз шасија од 134 инчи (3.403 mm).
Моторот за тркачката изведба на Speed Six бил уште понавиен. Имал компресија од 6,1:1 и испорачувал 200 КС. Со него во 1929 година Bentley поставил репер за доминација на трката на 24 часа Ле Ман. Возен од Барнато и Биркин на оваа трка Speed Six водел непрекинато од старт до цел, следен од уште три идентични тркачи на Bentley. Биркин поставил рекорд свртувајќи го кругот на патеката за 7:21, или за 46 секунди побрзо од претходниот рекорд, а поставил и репер за просечна брзина од 83 mph или 133,5 km/h. Олку доминантни перформанси на Ле Ман не биле видени дури во наредните 30 години што е достигнување вредно за почит.
При создавање на новиот линиски шест цилиндричен 6½ литарец според тркачка спецификација инженерите на Bentley морале да изработат преку 600 делови кои секако биле склопени рачно од врвните мајстори во Кру. Поставен на тест клупа новиот мотор истуркал 205 КС што е за 5 КС повеќе од оригиналот. Зголемената моќност е долг на модерните материјали и потесните толеранции. После наведениот тест период Bentley се обврзува да направи само 12 примероци од модерниот Speed Six. И, доколку некој сака да го поседува ова парче модерна историја нека не брза. Секој од овие 12 примероци веќе има сопственик. Bentley тајно го понудил на своите најверни клиенти и тие набрзина ја разграбале серијата без да прашаат за цена.