WRC – РЕЛИ ЛАТВИЈА – НОВ ВЕЛИЧЕСТВЕН ПОДВИГ НА МЛАДИОТ ФИНЕЦ

24/07/2024

НЕВЕРОЈАТЕН ПОДВИГ НА ДВОКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН КАЛЕ РОВАНПЕРА НА РЕЛИТО НА ЛАТВИЈА. АПСОЛУТНА ДОМИНАЦИЈА ОД СТАРТ ДО ЦЕЛ КОЈА РЕЗУЛТИРАШЕ ВО ЕДНА ГРАНДИОЗНА ПОБЕДА ЗА КАКВА САМО МОЖЕ ДА СЕ СОНУВА.

 

Првото рели на Латвија, како дел од Светскиот шампионат во рели, во историјата ќе остане запаметено по грандиозната победа која ја освои финскиот гениј зад волан Кале Рованпера. Стапнувањето на брзите песокливи патеки на Латвија го врати Рованпера во сеќавањата кога на 12 годишна возраст токму тука стартуваше на своето прво рели во животот.

Незалудно Рованпера го смета релито на Латвија за свое домашно рели и кон него негува посебни симпатии. Кале настапувал во Латвија од мали нозе бидејќи таму возачката дозвола не била услов за да се натпреварува на рели. Во 2015 година на 14 годишна возраст Рованпера станува шампион во категоријата R2 во Националниот шампионат на Латвија. Во 2016 година стартува во највисоката класа и станува шампион на Латвија. На возраст од 16 години тој е најмладиот возач во историјата кој станал шампион во еден Национален шампионат. Следната 2017 година победува на сите релија од шампионатот на Латвија и ја брани титулата. На крајот од таа година добива возачка дозвола и за првпат настапува на рели од WRC, поточно на последниот настан од сезоната 2017 на релито на Велика Британија.

По ова кусо сиже за почетоците на кариерата на Кале Рованпера станува јасно од каде доаѓа апсолутната доминација на релито на Латвија. Секако тука мора да се спомене и претходното рели на Полска од каде тргнаа величествените подвизи на младиот Финец. Латвија е 37 држава која стана дел од Светскиот шампионат во рели и годинава во полн сјај ја прикажа својата повеќе од 60 години долга историја во организирање на рели настани.

Возбудата која ја чувствуваше оваа со рели порасната балтичка нација се пренесе и врз караванот на светското рели. Екипажите со нетрпение го чекаа стартот на релито во четврток попладне на специјално подготвената патека во главниот град Рига. Возејќи на асфалт, но со спецификација на автомобилите за на чакал приредија несекојдневен настан мамејќи бурни овации од илјадниците фанови. Релито после овој специјален брзински испит го поведе Рованпера како вовед во бурата која ќе биде ослободена во преостанатите три дена.

Вистинскиот старт на релито на Латвија се случи во петок наутро на патеките кои извиваат низ низинските предели покрај Балтичкото море во близина на градот Лиепаја, каде беше сместен и сервисниот парк. Уште од првиот испит од денот Рованпера продолжи со жестоко темпо зголемувајќи ја предноста од испит, во испит. Единствен кој успеа да го следи беше домашниот возач и новата голема ѕвезда на светското рели Мартин Шешкс.

24 годишниот Латвиец кој зад волан на Ford Puma Rally1 без хибриден погон на претходното рели во Полска го освои петтото место сега настапи со автомобил во полн формат. Тој за првпат во кариерата седна зад волан на хибриден монструм од групата Rally1 и беше воодушевен од перформансите. Секако одушевувањето го преточи во реални резултати.

Водечките во шампионатот Нувил, Еванс и Танак стартуваа први и ја извршуваа неблагодарната ролја на метла. Ситуација од која профитираа останатите, посебно Рованпера. Освои четири од седум испити од денот. Два му препушти на Шешкс, а еден на Ожие. Осумкратниот шампион кој пред релито на Полска доживеа несреќа сега се врати подготвен за трка. Toyota во потрага по бодови ги пријави Рованпера и Ожие, заедно со Еванс, за бодовен биланс во шампионатот за производители. Катсута секако не изостана, но бодовите кои ќе ги освои нема да одат на конто на тимот. Рованпера, Шешкс и Ожие беше триото кое се качи на подиум на крајот од денот. Финецот создаде комфорна предност од 15,7 секунди пред Шешкс, додека третопласираниот Ожие му дишеше во врат на Латвиецот. Катсута го заврши денот на четвртото место, петти беше Формо, шести Танак, а Еванс падна дури на седмата позиција.

Следниот ден, сабота утро, Рованпера продолжи со жестокоста. Во текот на целиот ден беше недостижен за своите ривали. Постојано го зголемуваше водството за на крајот од денот да создаде комфорна предност од 42,5 секунди пред тимскиот другар Ожие. На оваа етапа Рованпера воедно го освои 200 брзински испит. Вториот испит од денот, односно десеттиот испит од релито го одбележа големиот јубилеј за младиот Финец. 200 освоени брзински испити во кариерата на Рованпера и на совозачот Јоне Халтунен на нивното 50 рели во боите на Toyota Gazoo Racing.

Благодарение на извонредното остварување во саботата Рованпера можеше да си дозволи релаксација претпоследниот ден од релито. Зад него, пак, се одвиваше вистинска борба меѓу Шешкс и Ожие. Можеби осумкратниот шампион со неколку секунди предност ја доби битката за второ место на крајот од денот, но младиот Шешкс беше ѕвездата на релито кого многубројната публика безрезервно го поддржуваше. Немаше фан кој не се обиде да добие селфи со Шешкс, па дури и претседателот на Латвија Едгарс Ринкевичс искористи шанса со селфи да ја овековечи средбата со младата ѕвезда. Во сенка на блескавите перформанси на водечкото трио остатокот од поредокот се чинеше неинтересен.

Танак успеа да се искраде на четвртата позиција откако Катсута го изгуби сервото на управувањето. Формо и Еванс се наредија на петтото и шестото место, додека Катсута мораше да се задоволи со седмото.

Очекувано, преостанатите четири брзински испити од релито предвидени за во недела Рованпера им ги препушти на ривалите. Ја контролираше ситуацијата од врв и загуби само неколку секунди во текот на денот. Не форсираше ниту на последниот специјален испит Wolf Power оставајќи ги останатите да се борат за дополнителните бодови. Така стигна до својата 14 исклучително голема победа во кариерата. Ожие заврши втор и заедно со Рованпера и ја донесоа 1-2 победата на Toyota.

Мартин Шешкс беше трагичар на денот и на релито. На последниот испит, на неколку свијоци по стартот му откажа преносот. Не беше сигурно дали е менувачот или диференцијалот. Како и да е, за него ова рели заврши прерано и претажно. Неговото откажување го искористи Танак за да се добере до третото место. Формо го наследи четвртото место, Еванс петтото, а Катсута шестото.

Без оглед на лошиот резултат на релито на Латвија Нувил останува на врвот во генерален пласман. Со 145 бода Нувил води пред Танак кој има 137 бодови и пред Еванс кој има 132 бода. Иако води сепак неговата предност е за нијанса стопена. Од друга страна, пак, Toyota драстично ја намали разликата во однос на Hyundai. Корејците сега бележат 351 бод, а Јапонците со 350 бодови. Очекувано M-Sport Ford е далеку назад со 177 бодови.

Следно на репертоарот е релито на Финска. Овој трет по ред ултра брз настан се одржува од 30 јули до 4 август. По него следи долга пауза до почетокот на септември.

 

WRC2СОЛБЕРГ ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ

После доминацијата од три победи едно по друго, во Португалија, на Сардинија и во Полска, Toyota не успеа да се избори за уште една победа во категоријата WRC2. Херој на релито на Латвија беше Оливер Солберг со Skoda Fabia RS Rally2. Она што го загуби од Пајари во Полска, Солберг го надомести во Латвија. Швеѓанецот водеше од старт до финиш и ја освои толку посакуваната победа која му помогна да се задржи на водечката позиција во шампионатот со 3 бода пред Пајари. Toyota мораше да се задоволи со второто и третото место. Пајари не ги повтори перформансите од Сардинија и од Полска. Желбата за хет-трик од победи не му се оствари. Го заврши релито на третото место зад својот тимски другар Мико Хеикила кој беше втор. Пајари се подготвува за влез во голема лига на следното рели. Во Финска на домашен терен за првпат ќе седне зад волан на Toyota Yaris GR Rally1.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ