СПОСОБЕН ДА СЕ ТРКА НИЗ ПУСТИНА, ДА ПРЕЛЕТУВА ПРЕКУ ДИНИ ПРИ БРЗИНИ ВООБИЧАЕНИ ЗА НА АВТОПАТ И ДА ПОЛЗИ ПО КАРПИ FORD BRONCO RAPTOR ПРЕТСТАВУВА УЛТИМАТИВНА ИГРАЧКА ЗА ТВРДОКОРНИТЕ ЕНТУЗИЈАСТИ НА ТЕРЕНСКО ВОЗЕЊЕ
После пауза од 25 години и бројните молби на искрените љубители на тврдокорни теренци Ford во игра го враќа името Bronco. Прекален низ најтешките предизвици кои можат да се замислат на терен новиот Bronco само продолжува од каде што застана претходникот. Зачнат во далечната 1965 година како директен одговор на Jeep CJ-5, првата генерација на Bronco беше создадена за на видело да излезат теренските карактеристики на моделот. Концептот тврдокорен теренец изграден околу класична шасија со високо подигната каросерија со две врати Bronco го задржа сè до 1996 година. Заради зголемената побарувачка за помеки теренци со дополнителен пар врати и посовремена конструкција интересот за Bronco опадна, што го натера Ford да го прекрати производството. Неговото име беше во мирување цели 25 години. А минатата година се појави шестата генерација со која Ford покажа дека ја научил лекцијата.
Натпреварувајќи се директно со Jeep Wrangler, современиот Ford Bronco доаѓа во изведба со кусо и долго меѓуоскино растојание, односно со две и со четири врати, потоа со тврд и со мек кров, и со можност за отстранување на вратите. Згора Ford смислил еден куп начини за персонализација на Bronco меѓу кои и една шик финта. Сопственикот може да докупи странични панели и браници со различен дизајн и после неколку навртки да добие сосема различна изведба.
Ултимативниот Bronco доаѓа од Ford Performance и го носи бруталното име на фамилијата Raptor со кое ги повикува тврдокорните „off-road” ентузијасти да уживаат додека се тркаат низ пустина, прелетуваат преку дини со огромна брзинa и ползат по карпи.
НИЗ ПУСТИНА КАКО ПО АВТОПАТ
Со Bronco бруталната фамилија на Ford наречена Raptor добива трет член. Пред него фамилијата Raptor, значи грабливец, ја зачна прославениот пикап F-150. Верзијата Raptor се произведува од 2010 година и веќе вози во третата генерација. По него на сцена стапи глобалниот пикап Ranger Raptor кој се појави кон крајот на 2018 година како модел за 2019 година и за кого веќе стана збор во овие редови, а неговата втора генерација треба да дојде в година.
Инспириран од американскиот „off-road” шампионат Ultra4 кој се вози низ пустина Bronco Raptor e создаден да ги совладува песочните дини со брзини својствени за на автопат и опремен е со „off-road” технологија која е на натпреварувачко ниво. За да се постигне соодветна крутост потребна да се издржат напрегањата при возење на терен со висока брзина шасијата е дополнително зајакната во однос на обичниот Bronco, а поставени се и двојни пречки во пределот на носачите В и С со што вкупната крутост е зголемена за 50%. Лежиштата на амортизерите се поставени повисоко за да се добие подолг од на потпирањето, а комплетно се сменети и водилките за соодветна поддршка. Заради тоа зголемена е и трагата од 1.651 mm на 1.869 mm, или плус 218 mm, во споредба со стандардниот Bronco и клиренсот од 210 mm на 333 mm, или плус 123 mm. Така одот на предните тркала изнесува 330 mm, a на задните 355 mm што само по себе ветува поголема моќ за впивање на ударите, полесен доскок после прелет на дина, поголема стабилност на нерамен терен и поголема артикулација на оските кога се ползи преку карпи.
Амортизерите HOSS (High-Performance Off-Road Stability Suspension) доаѓаат од специјалистот FOX. Овие полуактивни амортизери со дијаметар на клипот од 78,7 mm имаат систем кој препознава подлога и нудат поголема моќ на придушување кога се вози на терен и помала за возење на асфалт. Предните носат интегрирани резервоари, а задните одвоени. Протокот на флуид и стапката на придушување се одредува независно за секој амортизер по примените информации од сензорите кои отчитуваат стотина пати во секунда. Така Bronco Raptor одржува максимална контрола кога со висока брзина се вози на нерамен терен.
ПОГОН ДОКАЖАН ВО ТРКА
Погонот на Bronco Raptor е директно пренесен од тркачот Bronco DR кого Ford Performance го има развиено за шампионатот Ultra4, а ги прави специјалистот Dana. Полукрутата задна оска Dana 50 доаѓа со диференцијал со прстенест запченик од 235 mm, а предната оска Dana 44 носи масивно димензионирани полуоски и диференцијал со прстенест запченик од 210 mm. Олкави запченици заедно со преносниот однос на редукторот од 3,06:1 ветуваат сооднос на ползење од 67,7:1 што е значително повисоко од оној на вообичаените сериски теренци, а е добар компромис и за постигнување на висока брзина. Спојката со поголем капацитет за пренос на вртежниот момент и докажаниот 10-степен автоматски менувач од F-150 Raptor ветуваат голема издржливост и уверуваат дека и најголемите предизвици ќе бидат совладани.
Движечката сила е моќниот 3.0 литарски EcoBoost V6 со два турбо полначи кој за потребите на Bronco Raptor е дополнително дотеран според високите стандарди на спортското одделение Ford Performance. Иако сè уште не ги откриваат точните податоци за моќноста на моторот сепак од Ford Performance наведуваат дека таа ќе биде далеку над 400 КС, а вртежниот момент ќе се движи некаде околу 600 Nm. Моторот е подготвен да ги издржи најголемите напрегања на високи температури кои владеат во пустина. Затоа има посебно подготвен систем за ладење и систем за вшмукување на воздухот. Дури и издувот е посебно подготвен. Има еднаква должина на цевките и активна клапна која дозволува да се менува интензитетот во четири различни модуси на работа, од тивок, до екстремно „наежувачки“.
Поставен е на огромни тркала каде гумите мерат 37 инчи, или 940 mm во дијаметар. Тркалата се од лесен метал од 17 х 8,5 инчи, а гумите се „all-terrain” на BFGoodrich со димензии 37х12,50R17LT). За да ги собере масивните гуми морала да нарасне и ширината на Bronco Raptor за 250 mm во однос на обичниот Bronco. Нараснала и способноста за влечење на приколка од околу 1.500 kg, на преку 2.000 kg.
ЕКСТРЕМЕН ДИЗАЈН
Најопасниот Bronco во историјата на моделот го носи дизајнот во екстреми. Од една страна е мускулест и агресивен, а од друга страна одушевува неговата едноставност. Сепак, кога ќе се појави во ретровизор, или ќе ве „шишне“, веднаш станува јасно дека напаѓа грабливец. За да се вдомат огромните тркала Bronco Raptor морал да нарасне во ширина за 250 mm кои го претвораат во сериозно широк теренец што е потребно за подобрена стабилност при високи брзини посебно кога се вози на терен. Панелите на каросеријата се од композитни материјали и делуваат како наменски изведени скулптури. Таков е случајот со напумпаните страници од кои предните имаат шкрги за одвод на топлиот воздух од под хауба. И хаубата е добиена по ист принцип. Има слеани рачки за подигнување и испапчување со интегрирани отвори за ладење обоени во црна боја. Браниците се челични, како и заштитата на подвозјето и стомакот.
И внатре формата ја следи функцијата. При креирањето почитувани се желбите на возачите кои се натпреваруваат во „off-road” дисциплини. Арматурата е рамна распоредена хоризонтално со огромен екран поставен централно и уште еден пред возачот кој ги заменува класичните инструменти. Тука се и едноставните копчиња од климата и за заклучување на диференцијалите, додека копчињата од стаклата и изборот на погон се поставени на централниот гребен зад рачката од менувачот.
Bronco Raptor овозможува возење на отворено благодарение на едноставниот систем за отстранување на вратите и на покривот. Вратите се без рамки и ги собира во багажникот. Ретровизорите се поставени на каросеријата и остануваат во функција и по вадење на вратите, додека предното стакло е фиксно и не се симнува заедно со рамката како кај Jeep Wrangler.
За сега Bronco Raptor се нуди само на американскиот пазар. Обожавателите веќе можат да ги направат првите нарачки, а првите примероци кои ќе се симнат од производната лента во втората половина на летото.