ФИНСКА НА ФИНЕЦОТ НЕ МУ БИЛА ПИШАНА. НАКУСО, ВАКА МОЖЕ ДА СЕ ЗАКЛУЧИ ОД НЕСРЕЌАТА КОЈА „ГО СРЕТНА“ КАЛЕ РОВАНПЕРА НА КРАЈОТ ОД НЕГОВОТО ДОМАШНО РЕЛИ. РЕЛИ НА КОЕ БЕШЕ АПСОЛУТНО ДОМИНАНТЕН ОД САМИОТ ПОЧЕТОК И ЗАСЛУЖИ ДА ПОБЕДИ. СО ДЛАБОКА ПОЧИТ ТОА МУ ГО ПРИЗНАА И НЕГОВИТЕ РИВАЛИ
Три Балтички држави со три супер брзи релија кои се одржаа набрзо едно по друго. На секој од нив, без исклучок, доминантна фигура беше Кале Рованпера. Рели на Полска, не планирано учество заради сообраќајна незгода на тимскиот другар Себастијан Ожие. Стартуваше во последен момент, без подготовки и без тестирање. Се прилагоди и победи. Веднаш потоа рели на Латвија кое Кале го сака и го чувствува како свој домашен настан. Води од почеток до крај како во еден здив, и победува во голем стил.
Рели на Финска, вистинскиот домашен настан на Кале Рованпера. Рели кое седум години по ред му бега од рака. Рели кое годинава беше одлучен да го освои. Посебно, со оглед на ритамот што го имаше фатено од претходните две релија. Совршен старт. Апсолутна доминација во текот на трите натпреварувачки дена. Огромна предност во однос на второпласираниот Ожие. За жал, огромен камен исфрлен на сред пат од претходниот натпреварувач му пресуди на Кале. Ударот беше неизбежен, го фрли автомобилот во воздух и право во дрвата. За Кале и совозачот Јоне Халтунен ова беше горчлива завршница. И тоа пред самиот крај на претпоследниот брзински испит од релито. Последниот лев свијок, на само грст метри од целта. Тажен крај на еден совршен настап. Тажен крај за несреќниот крал на Балтикот.
Факт е дека Кале овој пат не направи грешка. Беше брз, но внимателен. Не како лани кога претера во еден десен свијок, излета од пат, удри во камен и се преврте. Годинава стори сѐ како што треба во тек на целиот настан. Но, победата му се лизна од раце не по негова вина. Се чини како проклетство да ги следи Рованперови кога се работи за освојување на релито на Финска. Да се вратиме дваесетина години наназад.
Во 2002 година таткото на Кале, Хари Рованпера, зад волан на Peugeot 206 WRC. Истиот брзински испит. Влезе прешироко во лев свијок, удри во камен, го оштети потпирањето напред десно и беше принуден да се откаже на патната делница по испитот. И тоа во момент кога победата му беше на дофат. Тогаш беше далеку побрз од тимскиот другар Маркус Гронхолм, и беше во идеална ситуација да дојде до првата победа во Финска. Но, тоа не се случи. Хари Рованпера никогаш не го освои релито на Финска. Можеби судбински така е запишано и за Кале. Иако тешко е да се поверува. Хари тогаш беше на залезот од кариерата, а Кале е на почеток, со две титули зад себе и без двојби блескава кариера пред себе.
Најмногу победи во Финска, вкупно 7, има легендата на светското рели Хану Микола. Тој го дели рекордот со Маркус Гронхолм. Шест победи има Марку Ален, пет Томи Макинен, четири Тимо Макинен. Сите Финци, сите легенди на релито.
Првиот странец кој славел во Финска е Себастијан Лоеб во 2008 и има три победи. И От Танак има три победи. Себастијан Ожие и Елфин Еванс имаат по две. Тоа е групата од четворица кои славеле во Финска, во 73 годишната историја на релито. Двајца Французи, еден Британец и еден Естонец. Останатите се Финци.
Од Финците со повеќекратни победи тука се и големи имиња како Јуха Канкунен, Ари Ватанен, па и сегашниот директор на тимот на Toyota, Јари-Мати Латвала кој зад себе има три победи на ова славно рели.
Годинашното рели на Финска беше одбележано од огромниот број на страшни излетувања, превртувања и судири со стебла. Пространите фински шуми низ кои извиваат брзите патеки на ова рели го зедоа својот данок. Но, релито на Финска годинава предочи нешто многу поважно. Најочигледно го прикажа недостатокот од новиот бодовен систем на Светскиот шампионат во рели. Систем кој соодветно не ги наградува победниците, туку прави некаква распределба на бодови која се чини не зависи многу од вистински прикажани перформанси.
Она што беше евидентно на ова рели е дека Hyundai по прашање на перформанси заостанува зад Toyota. Всушност тоа што можеше да се заклучи од претходните релија се обелодени во Финска. Меѓутоа можеби Hyundai заостанува со перформанси, но не заостанува по прашање на собирање бодови. После релито на Полска и релито на Латвија, во генерален пласман Toyota заради одлични пласмани на своите екипажи успеа да се доближи и заостануваше само еден бод за Hyundai. А сега, после Финска заостанува 20 бодови. Да не заборавиме дека Hyundai беше надвозен на сите три настани, дури и првиот возач во корејскиот тим Тиери Нувил призна дека брзината на Toyota е сосема неочекувана.
Точно во Финска на Toyota и се случи најлошата варијанта. Изгуби двајца возачи на последниот ден од релито кога нема можност за рестарт. Но, Ожие ја однесе победата. Сепак, таа не значеше ништо дури и во шампионатот за возачи. Имено победникот Ожие од Финска си замина со 24 освоени бода, а второпласираниот Нувил со 23 освоени бода.
Хипотетички, доколку во неделата, Ожие завршеше зад Нувил, според бодовниот систем ќе освоеше помалку бодови за тој ден, како што се случи на последниот специјален испит Wolf Power. Тогаш, без оглед на победата, ќе имаше помалку бодови од второпласираниот. Со сегашниот систем на бодување ова сценарио е сосема остварливо. Односно победникот може да има помалку бодови од тој што завршил втор. Со претходниот систем дури и во најцрно сценарио разликата сепак ќе беше барем два бода во корист на победникот на релито.
За што станува збор: Ожие во случајот ја наследи победата од Кале и наследи 18 бодови за прво место во сабота. Нувил ја наследи втората позиција од Ожие и наследи 15 бода за второ место во сабота. Во недела Ожие заврши трет и доби 5 бода. Нувил заврши четврти и доби 4 бода. На специјалниот испит Wolf Power Ожие беше петти и освои 1 бод, додека Нувил беше втор и освои 4 бода.
Да собереме: Ожие 18+5+1=24; Нувил 15+4+4=23. Само да претпоставиме: Ожие во недела да завршеше на последен место, ќе добиеше 1 бод. Тогаш без оглед на победата ќе собереше 20 бода, или 3 бода помалку од второпласираниот Нувил. Каде е тука наградата за победа? Па нели сите се натпреваруваат за да победат, а следствено победата треба да донесе награда.
Во претходниот бодовен систем за победа на крајот на релито Ожие ќе добиеше 25 бода, Нувил како второпласиран ќе добиеше 18 бода. Па дури Ожие и да не освоеше ниту еден бод на специјалниот испит Wolf Power, а Нувил да освоеше максимални 5, разликата повторно ќе беше 2 бода во корист на победникот.
Затоа збиднувањата во Финска јасно дадоа на знаење дека бодовниот систем не функционира. Едноставно излезе дека победата на Ожие е безначајна. Нешто кое го наведе дури и тивкиот Ожие со осум титули зад себе да протестира. „Ние победуваме, а губиме. Како обичниот гледач да го разбере тоа,” велеше Ожие. „Системот на бодување не може да биде по погрешен од ова што е сега. Мене како возач не ми значи ништо, ниту пак ме мотивира да возам понатаму. Секако ќе останам да му помогнам на тимот, но фрустрирачки е кога без оглед на успехот, некакви бодови се доделуваат на крајот од викендот и никој не ја разбира вистинската причина зошто е тоа така,” заврши револтирано Ожие.
После превирањата во Финска од септември Светскиот шампионат во рели полека влегува во завршница на сезоната. Сепак, после ова рели предноста на Hyundai во шампионатот за производители се зголеми за 20 бодови. Односно од 351 бод Hyundai скокна на 395 бодови, или 44 бодови плус. Од друга страна Toyota од 350 бодови скокна на 375 бодови, или 25 бодови плус. M-Sport Ford, пак, своите 177 бода успеа да ги зголеми за 30 бодови и да стигне до вкупно 207 бода.
За возачката титула се чини дека не вреди да се расправа. Нувил од претходните 145 бода скокна на 168 бодови и убедливо води меѓу возачите. Ожие сега е најблизу со 141 бод, додека Танак со 137 и Еванс со 132 бодови заради откажувањата не забележаа ниту бод на ова рели. Ситуацијата му оди во прилог на Нувил кој се чини дека е на чекор од освојување на титулата.
Но, после ова рели останува да виси во воздух прашањето дали Ожие ќе го прифати барањето на Toyota, односно дали ќе прифати да ја смени програмата и да вози на сите релија до крајот на сезоната. Бидејќи, евидентно е дека е единствениот кој може да го загрози Нувил за титула и воедно може да му помогне на тимот да ја одбрани минатогодишната титула меѓу производителите.
Следно на репертоарот е релито Акрополис на Грција кое се вози од 5 до 8 септември и кое можеби ќе може да ни даде некаков увид во исходот на крајот од сезоната.