Светско првенство во Формула 1-РАСЕЛ И ХАМИЛТОН ГО ВРАТИЈА МЕРЦЕДЕС НА ПОБЕДНИЧКИТЕ ПАТЕКИ

10/07/2024

ВОЗАЧИТЕ НА МЕРЦЕДЕС, ЏОРЏ РАСЕЛ И ЛУИС ХАМИЛТОН НАЈДОБРО СЕ СНАЈДОА ВО ТРКИТЕ ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА АВСТРИЈА, ОДНОСНО ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, УСПЕВАЈЌИ ДА СТИГНАТ ДО ПОБЕДНИЧКИОТ ТРОФЕЈ И ПОКРАЈ МЕШАНИЦИТЕ КОИ СЕ СЛУЧИЈА НА ПАТЕКАТА

 

Ландо Норис и тимот Мекларен се истакнаа како најголеми противници на Ред Бул во средишниот дел од Ф1 сезоната. Откако Норис триумфираше на трката во Мајами, Ферстапен возврати со нов триумф на Имола, по што следеше еднократниот шок со триумф на Шарл Леклер во Монако. Веќе во Канада се виде дека во променливи временски услови постојат повеќе конкурентни за првото место, но тогаш Ферстапен успеа да ги задржи зад себе Норис, Расел и Хамилтон, а потоа истото да го направи и во Барселона.

Трката во Австрија се покажа како голема пресвртница бидејќи Норис во финишот успеа да покаже перформанси со кои го загрози првото место на Ферстапен, но реализацијата на таа предност се покажа како „проблем“. Ландо не успеа да направи маневар за да може да помине покрај Ферстапен, кој пак, иако се жалеше на лоши пневматици и нивни лош контакт со подлогата, успешно го спречуваше во обидите за престигнување.

 

Работата дополнително беше искомпликувана со опомените од стјуардите за нарушување на лимитот на патеката, па и покрај целата предострожност, Ландо на крајот доби казна од пет секунди, но не стигна да ја отслужи бидејќи при последниот обид за престигнување неговиот болид се допре до оној на Ферстапен, па обајцата со дефекти и искинати гуми се обидоа да стигнат до боксот и да продолжат. Од таа ситуација најмногу профитираше Џорџ Расел, кој ја однесе победата пред Пјастри, Сајнц и Хамилтон, додека Ферстапен успеа да стигне на целта како петти, наспроти Норис кој мораше да се откаже.

Неверојатно! Ова беше тежок дуел од самиот почеток на трката. Требаше да се издржи на третото место, и кога видов дека Макс и Ландо се еден до друг, знаев дека Ландо ќе се обиде да стигне до победата. Тимот заврши одлична работа за да ни овозможи да бидеме во позиција да ја искористиме шансата. Знаев дека ова е една можност за која што се сонува. Горд сум што сум повторно на највисокото скалило од пиедесталот. Последните три трки беа неверојатни, но верувам дека ќе уште повеќе, рече Џорџ Расел, за кого ова е трета победа во кариерата.

Актуелниот шампион Ферстапен на крајот доби казна од 10 секунди за предизвикување инцидент, која не ја промени неговата позиција во конечниот пласман, но затоа предизвика лавина од коментари и реакции.

 

Во првата делница бев добар, но на крајот бев малку заглавен во мешаница. Мислам дека требаше да ме повикаат во бокс за да ми овозможат чиста патека. Но денеска направивме многу погрешни работи, почнувајќи од стратегијата, а потоа и самите застанувања во боксот. Загубивме шест секунди при двете застанувања и се ставивме себеси во таква позиција. Не знам зошто, но болидот стануваше се полош во текот на трката и навистина не можам да си објаснам како балансот се трансформираше, од ОК на почетокот до неуправливост на крајот. Но и покрај сѐ, мислам дека можевме да победиме денеска доколку не ги направевме грешките во боксот,- изјави Ферстапен во првата изјава без да го спомне инцидентот. – Не ми е гајле за критиките, си одам дома и го живеам мојот живот. Единствено што ми е битно е моето пријателство со Ландо.

Направив комплетна проверка на случката и можам да кажам дека не би сменил ништо од она што јас го направив. Јас се борев, а тоа е она што го сакаме, возачите да имаат дуели. Не сакаме да се жалиме, не сакаме работите да завршуваат како сега, како од моја така и од негова страна. Но животот е таков понекогаш. Двајцата сакавме да победиме и да одиме до лимитот, некој можеби и повеќе од другиот, возврати Ландо Норис.

Само седум дена подоцна, циркусот се пресели на легендарната англиска патека Силверстоун, каде што публиката виде одлично шоу преку трката која започна и заврши на сува подлога, а во средишницата беше одбележана од врнежи на дожд.

Трката во Силверстон имаше невообичаен вовед со квалификациите на кои што тројца Британци за прв пат во 75-годишната историја на спортот се најдоа на првите три места на оваа патека, која што е позната и по фактот дека на неа се возела инаугуралната трка од светските првенства во Формула 1 во 1950 година. Џорџ Расел ја освои пол позицијата пред тимскиот колега Луис Хамилтон, што исто така е рекорд сам по себе, бидејќи по 82-ри пат возачите на еден тим го окупирале првиот стартен ред, додека Ландо Норис се најде на третото место.

Победникот од Австрија ја поведе трката, но беше престигнат од тимскиот колега, но кога временските услови се влошија и патеката беше влажна, Ландо Норис ги престигна обајцата. Стратезите на двете екипи коректно си ја одработеа домашната задача, но во услови кога на крајот патеката почна да се суши Хамилтон покажа дека има најдобро подготвен болид за тие услови и успеа повторно да се пробие до врвот. Џорџ Расел во тие моменти се повлече од трката поради дефект, што е негово второ откажување на последните три трки во неговата татковина. Според првичните наоди од неговите механичари, станувало збор за дефект на системот за ладење на моторот. Ландо Норис не беше задоволен од тоа што добил меки гуми во финишот, но му ја честиташе победата на поискусниот сонародник, укажувајќи дека била заслужена.

Со ова тој стигна до 104 победа во кариерата, при што последната беше освоена во Саудиска Арабија 2021, односно меѓу последните две имаше пауза од 56 трки. Воедно ова е негова деветта победа на Силверстон што е нов рекорд на сите времиња, во поглед на успешноста на еден возач на една патека. На возраст од 39 години и 182 дена, тој не е најстариот победник во историјата, но е највозрасниот кој стигнал до победа во 21 век и прв возач кому му пошло од рака да победи откако ќе го прослави јубилејот од 300 настапи во Формула 1.

 

Најважно нешто е како ќе се издигнеш и ќе продолжиш да работиш понапорно од порано, дури иако си бил на дното. Имаше денови од 2021 до денес кога чувствував дека не сум доволно добар, или дека никогаш нема да бидам тука каде што сум сега. Најважно нешто е дека имам одлични луѓе околу мене кои продолжуваат да ме поддржуваат. Секогаш кога гледам како тие се напрегаат, тоа ме охрабрува и јас да го правам истото, – порача во оваа пригода Хамилтон, кој на крајот од годината најави трансфер во конкурентскиот болид на Ферари.

Со пласманот на второто место, Макс Ферстапен ја зголеми предноста во генералниот пласман во однос на Ландо Норис, кој на крајот мораше да се задоволи со третото место бидејќи се покажа дека Мекларен беше супериорен само додека патеката беше мокра, а потоа и двајцата возачи беа престигнати од ривалите.

Чинам дека денеска не бевме доволно брзи. Кога патеката беше комплетно сува, Мерцедес беше многу побрз. Во влажни услови ние бевме подобри, но имаме уште многу работа. Сѐ уште не сме имале викенд во кој што нашиот болид бил најбрз. Учествувавме во борби ваму и таму, но никогаш не го имавме најдобриот болид. Треба да продолжиме да работиме како тим, а јас да се концентрирам на мојата работа и сето тоа да го склопиме заедно. Направивме убави нешта, но фрустрирачки е дека неколку пати оваа сезона испуштивме работи што требаше да бидат во наша полза, изјави Ландо Норис.

 

Неговиот тимски колега Оскар Пјастри беше четврти, комплетирајќи уште една трка  за да ги има извозено сите трки од оваа сезона од старт до цел. Карлос Сајнц ја комплетираше првата петорка, а воедно го постави најбрзиот круг во трката во последната обиколка на патеката Силверстон. Меѓу другите освојувачи на бодови се најдоа Хулкенберг, Строл, Алонсо, Албон и Цунода.

Ферстапен има 255 бода и е сам на врвот, додека Ландо Норис сега има 171, со што се оддалечи од третопласираниот Леклер кој остана на 150 бода. Саинц се доближи на 146, додека Пјастри има 126. Возачите на Мерцедес се виртуелно изедначени, бидејќи Расел има 111, а Хамилтон 110 бодови.

Ред Бул е прв кај конструкторите со 373 бода, а Ферари и Мекларен се веднаш зад нив со 302 и 295 бодови. Мерцедес на четвртото место има 221 поен.

Со двете трки во Унгарија и Белгија Формула 1 ќе дојде до предвидената летна пауза, а но веќе од 25 август се враќа со трката во Холандија, а потоа и легендарната Монца.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ