Претставуваме BRABUS ROCKET 1000 “1 OF 25”-БОТРОП НА МАПАТА НА КЛУБОТ „ИЛЈАДА”

22/03/2024

ЕТЕ, ВАКА СЕ ВОЗИ! ДОЛЖИНА 5 МЕТРИ, ТЕЖИНА 2,4 ТОНИ, 1.000 КОЊСКИ СИЛИ, 1.620 ЊУТН МЕТРИ, ЛОВ НА 100 KM/H 2,6 СЕКУНДИ, НА 200 KM/H 9,7 СЕКУНДИ, НА 300 KM/H 23,9 СЕКУНДИ, МАКСИМУМ ОГРАНИЧЕН НА 316 KM/H

 

Да се влезе во малото избрано друштво наречено клуб „Илјада” каде членуваат автомобили со моќност од 1.000 КС и повеќе не е мала работа. Трпеливо и умешно создавајќи ракети на четири тркала од 1977 година престижното тјунерско ателје Brabus од малото, но веќе на далеку прочуено германско гратче Ботроп се дрзна да влезе и во клубот „Илјада”. Изминатите години Brabus полека го подигаше прагот на максималната моќност на своите беснотии, а последна беше класата Rocket со моќност до 900 КС. По нејзиното претставување беше прашање на време кога моќноста на Rocket ќе ја улови границата „Илјада”. И ете, тоа се случи. Точно две години по претставувањето на чудовишниот Brabus Rocket 900 “One Of Ten” својата муцка на виделина ја појавува уште позастрашувачкиот Brabus Rocket 1000 “1 OF 25” поставен на основата на купето со четири врати од Штудгарт, Mercedes-AMG GT 63 S E Performance, кое вози со хибриден погон.

РЕВОЛУЦИЈА ВО БОТРОП

За првпат во 47 годишната историја на градење автомобилска ексклузива Brabus во својата понуда вклучува хибриден погон. Тоа е еднакво на револуција. Се поставува прашање дали таа ќе заврши како излет со само еден примерок? Или, пак, Rocket 1000 “1 OF 25” е вовед во нешто уште почудовишно со многу повеќе од сегашните 1.000 КС? Зошто умот врти натаму? Затоа што на биковски моќниот 4.5 литарски битурбо кој за во Rocket 900 “One Of Ten” е навиен на 900 КС му е намалена моќноста на 796 КС. Инженерите се одлучиле на овој потег за во спрега со електричниот мотор од 204 КС да добијат „округло“ 1.000 „коњи”. Можеби, размислуваме хипотетички, следниот чекор во Barbus е некој си Rocket 1100 “One Of Ten”. И тоа многу лесно може да се случи бидејќи основата е тука.

РЕМЕК ДЕЛО ПОД ХАУБА

Под хауба Rocket 1000 го пакува сериозно навиениот V8 чие потекло води од Mercedes-AMG. Во однос на серискиот „осмак” зголемена е зафатнината за малку, и сменето е сè што било потребно за да се извлече олку моќ. Со проширување на дијаметарот на цилиндрите на 84 mm и продолжување на одот на клипот, поточно на коленестото вратило на 100 mm зафатнината пораснала од 4.0 на 4.5 литри. Коленестото вратило е изработено на CNC машина од полно парче метал и термички е обработено. Истиот процес е користен и за клипните лостови, додека самите клипови се изработени со процес на ковање. Вака обработени кованите клипови се значително полесни и ги намалуваат инерциските сили, така моторот полесно лови вртежи. Целосно е доработено снабдувањето со гориво со пумпи кои работат под висок притисок, ремапирана е и управувачката електроника, а турбо полначите се приказна за себе.

Имаат голема компресорска комора со дијаметар од 52 mm, посебно конструирано јадро со посилни аксијални тркалачки лежишта и создаваат притисок од 1.4 бари. Цевките во издувниот вод имаат дијаметар од 76 mm како и целиот издувен систем кој, пак, е направен од не`рѓосувачки челик со отворен проток и активни клапни. Преку нив возачот ја менува нотата која оди од тивко кога се прибира дома, до сонорно крешендо кога се ослободува целосниот потенцијал. Иако моторот можеби повеќе е придушен, сепак сè уште бесни со 796 КС при 5.900 min-1 и 1250 Nm при 2.900 min-1. Вртежниот момент е електронски ограничен на 1.050 Nm за да не страда погонот на четири тркала 4MATIC+, спортскиот диференцијал со ограничено пролизгување на задната оска, и менувачот со девет степени SPEEDSHIFT MCT9 со можност за рачно менување на степените.

КОГА ЕЛЕКТРИКАТА ПОМАГА

Бидејќи е хибрид приказната за моќноста не застанува на моторот со внатрешно согорување. Задната оска носи електричен мотор кој се напојува од литиум-јонска батерија со капацитет од 6,1 kWh, а моќноста од 204 КС и 320 Nm ја испраќа кон погонот на четири тркала преку двостепен автоматски менувач. Благодарение на него комбинираната моќност ги достигнува монструозните 1.000 КС и ослободува вртежен момент од 1.820 Nm кои се електронски ограничени на 1.620 Nm. Монструозната моќ ослободува и монструозни перформанси. Овој колос долг преку 5 m и со тежина од 2.380 kg се катапултира од место до 100 km/h за 2,6 секунди, до 200 km/h за 9,7 секунди и до 300 km/h за 23,9 секунди. Максимумот е ограничен на 316 km/h за да се сочуваат гумите заради големата тежина.

ЕМ СПОРТСКИ, ЕМ КОМФОРЕН

Идејата зад Rocket 1000 не е да биде само чистокрвен спортист, туку и комфорен транспортер на долги рути, и корисен во град. Затоа независното воздушно потпирање наречено SportXtra е модификувано според строгите критериуми на Brabus. Дозволува меко пеглање на нерамнините кога се наоѓа во модусот Comfort, додека во модусот Sport го спушта автомобилот за дополнителни 20 mm и го доближува до тркачите нижејќи одлични времиња на патека. Иако, дури и тогаш, Rocket 1000 не е брутално тврд.

Дел од тајната на доброто водење се крие и во лесните бандажи и во керамичките сопирачки кои ја намалуваат онаа тежина на автомобилот врз која потпирањето нема контрола. Бандажите се добиени со посебна технологија на ковање и обработка на CNC машина. Нивниот впечатлив дизајн наречен Brabus Monoblock P Platinum Edition е дополнително украсен со аеродинамични дискови од гол лакиран карбон-фибер. Тие ги сокриваат огромните вентилирани бушени карбон-керамички дискови со димензии 420х39 mm напред и 380х32 mm назад. Гумите се на Continental, SportContact 7, со димензии: напред 275/35 ZR 21 поставени на бандажи 10.5Јх21 и назад 335/25 ZR 22 поставени на бандажи 12Јх22.

СТРАВ ШТО ВЛЕВА СТРАВ

Нема двојби дека Rocket 1000 влева страв. Замислете како е кога во ретровизор ќе ја погледнете агресивната муцка и широките страници. Личи како да ќе не проголта се до моментот кога ќе не „шишне”. Тогаш за миг се фрла поглед на уште поширокиот задник од каде штрчат дебелите издувни цевки порабени со карбонфибер. Широките страници се потребни за да се вдомат енормните тркала со широки гуми. Тие ставаат дополнителни 78 mm во однос на серискиот модел развлекувајќи ја ширината на 2.068 mm. Изработени се од карбон-фибер исто како и предниот, и задниот браник.

Огромните отвори во предниот браник водат воздух директно во турбо полначите и во сопирачките, а сплитерот кој завршува со вертикални стабилизатори го спречува подигнувањето на предната оска при високи брзини. Интегрираниот спојлер и масивниот дифузор го стабилизираат задникот. Но, во Brabus сметале дека е подобро да се постави и широко задно крило за уште поголем „downforce”.

Мотото на Brabus, совршенство во секој детаљ, не се однесува само на техниката туку и на внатрешноста која ја создаваат врвни мајстори на занаетот. Спремни се да ги исполнат желбите на клиентот кој на крај ужива во благороднички скроен и изработен ентериер. Како потврда за врвната изработка, на потпирачите на седиштата се поставува заштитниот знак BARBUS MASTERPIECE или ремек дело.

Уживањето во оваа ексклузива која судејќи според името, Brabus Rocket 1000 “1 OF 25” ќе биде изработена во само 25 примероци си има и соодветна цена. Таа почнува од 450.000 евра нето. Без давачки и желби. Секако сè што ќе посакаат идните сопственици во Brabus ќе им исполнат и соодветно ќе им наплатат.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ