НЕНАМЕТЛИВ И ПОЛН СО ЗАТСКРИЕНИ АДУТИ КОИ НЕСТРПЛИВО ОЧЕКУВААТ ДА БИДАТ ОТКРИЕНИ, ВО КОМБИНАЦИЈА СО НИСКИ ТРОШОЦИ ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА И РЕПУТАЦИЈАТА ЗА НЕУНИШТЛИВОСТ ГО ПРАВИ SUZUKI S-CROSS ДА БИДЕ ЕДЕН МНОГУ РАЗУМЕН ИЗБОР
Мнозинството смета дека компанијата Suzuki го прави она во што е најдобра, креирање доверливи алтернативи на развиканите мејнстрим модели, но со новата генерација на S-Cross Јапонците сметаат дека треба да излезат од сенката и да ги променат нештата, влегувајќи во отворена битка за повисоко место во сегментот.
НОВ ИЗГЛЕД ЗА НОВОТО ВРЕМЕ
Освен името, новиот S-Cross не дели речиси ништо со својот претходник. Отсега тој настапува со изменети пропорции и дизајн кој делува далеку позрело, семејниот SUV е сериозно рестилизиран со цел на клиентите да им понуди пософистициран и помодерен изглед. Со новата генерација компанијата Suzuki се обидува да го доближи S-Cross до толку посакуваните протеренски изведби со подигнување на каросеријата и создавање на похрабра слика, а за да се потполни SUV темата тука се црните облоги на браниците, лаковите над тркалата и страничните рабови, што му даваат на автомобилот одредена робусност во креирањето, додека сребрените заштитни плочи поставени под предниот и задниот браник го заокружуваат посакуваниот ефект.
Земено во целост, изгледот нема да освои награди за креативност или иновација, но дизајнот изгледа прилично карактерно и цврсто без сè присутните претерувања што се често видливи кај конкурентите, кои патем стануваат „демоде“ само по неколку години од нивното претставување.
МАКСИМАЛНА ФУНКЦИОНАЛНОСТ
Моделот S-Cross во својата нова кабина не отстапува од класичниот начин на градење, во внатрешноста не е експериментирано во ниту еден дел, сè е направено по принципот што сите го знаеме со децении нудејќи максимална функционалност во дадените габарити, далеку од тоа дека дизајнот не е допадлив и модерен. Помеѓу главните новини се истакнува и инфозабавниот систем со екран на допир од 9 инчи кој изгледа и се чувствува далеку помодерно од претходните мултимедијални уреди на Suzuki. Составот на вградените материјали претставува очекуван микс, на местата каде почесто ќе допирате со раката е користена помека компонента, додека во подножјето е направено од тврда пластика.
Знаејќи ги способности на производителот не се сомневаме дека сè е изведено суштински и издржливо, доволно цврсто за да се справи со долгогодишна употреба. Габаритот и доброто држење на телото е делот во кој позитивно изненадуваат предните седишта, додека на задната клупа проблем со сместувањето за нозете и просторот за главата нема да имаат и лица повисоки од 180 сантиметри. Багажникот со волумен од 430 литри е идеален придружник што ќе ги собере сите аксесоари потребни за годишен одмор на четиричлено семејство.
Во однос на опремата кај тесттираниот примерок Јапонците не прават компромис. Имено, навигацијата, камерата за рикверц и двозонската контрола на климата, заедно со загреваните предни седишта, стартувањето без клуч и многуте активни и пасивни безбедносни системи се само дел од составите на GLX пакетот.
ИЗГРАДЕН ВО СКЛАД СО ФИЛОЗОФИЈАТА
Засега, клиентите на S-Cross на располагање имаат само една моторна опција која од 1,4-литарски турбо бензинец со блага хибридна технологија истискува 129 КС и 235 Нм влечна сила. Затоа, пак, таа може да биде спарена со 6 брзински мануелен менувач или 6 степена автоматска трансмисија. Моделот S-Cross стандардно доаѓа со погон на предните тркала, а како опција се нуди и AllGrip погон на сите четири тркала.
Кога го спомнавме хибридниот погон од 48V кој работи како стартер генератор, имаме облигација да кажеме збор-два и за него. Составен е од мал електро мотор со моќност од 10 kW кој во секое време го помага бензинскиот мотор, неговата улога е најзабележлива при забрзувањата од место на мирување, или кога ја презема улогата во моменти кога автомобилот крстари „coasting“ со константна брзина по автопат. Моќноста на системот доаѓа од мала батерија која ја акумулира енергијата што најчесто се создава при сопирање. Целиот систем е изграден во склад со филозофијата на Suzuki, да не биде премногу комплициран, лесен за одржување и секако да не додава многу дополнителна тежина на возилото, затоа неговата конструкција е максимално компактна и тежи помалку од 15 килограми.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБОБЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 1.373 СМ3 |
ЕЛЕКТРО МОТОР: | 10 kW–3.000 врт/мин |
МОЌНОСТ: | 129 КС ПРИ 5.500 ВРТ/МИН |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД:ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ ПОЗАДИ: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 215/55 R17, ПОЗАДИ 215/55 R17 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
КГ 1.195 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В |
4.300Х1.785Х1.585 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч |
9.5 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.4 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
195 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ: |
28.490 ЕВР |
Во тесттираниот примерок опремен со мануелен менувач и преден погон, хибридната комбинација се покажа како добро рафинирана и прифатливо моќна, додека шестстепениот мануелен менувач е доволно мазен без да биде особено импресивен. Можеме да го кажеме истото и за забрзувањето од 0 до 100 км/ч од 9,5 секунди кое на хартија не делува импресивно, но во пракса е повеќе од задоволително.
Кога станува збор за потрошувачката може да кажеме дека јапонската компанија е на висина на задачата. Имено за време на неколку дневното дружење во просек трошевме 6,7 литри гориво, што е секако повисоко од декларираното, но ако се земе предвид дека не бевме претерано нежни со педалот за забрзување постигнувањето е исклучително економично. Поради тоа веруваме дека во најмала рака комбинираната потрошувачка можеше да биде помала за минимум половина литар.
Моделот S-Cross го возевме таму каде што ќе го поминува поголемиот дел од своето време, во урбана средина и на отворен пат. Во секое сценарио делува доволно брз и прилично лесен за возење, тоа делумно се должи на управувањето, кое го прави S-Cross едноставен за маневрирање и лесен за протнување низ градската гужва и сè потесните улици.
На отворен пат доаѓа до израз добро калибрираната суспензија и ригидната каросерија што создава изненадувачки удобна комбинација.
Компанијата Suzuki поседува модел кој ги има сите атрибути да се вметне како сериозен конкурент кога станува збор за SUV што е подготвен да ги исполни сите семејни потреби. Притоа, задоволството да биде поголемо, буџетот предвиден за гориво да биде далеку понизок отколку кај конкуренти се грижи благиот хибриден погон.