Претставуваме Lamborghini Temerario-ЖЕСТОК, ХРАБАР, БЕСКОМПРОМИСЕН

27/08/2024

БЕСНЕЕЈЌИ ВО ЛИГА САМ ЗА СЕБЕ НОВИОТ LAMBORGHINI TEMERARIO ГИ ПОСЕДУВА СИТЕ АТРИБУТИ ЗА ДА БИДЕ ДОСТОЕН НАСЛЕДНИК НА HURACAN, НАЈПРОДАВАНИОТ МОДЕЛ ВО ИСТОРИЈАТА НА ОДГЛЕДУВАЧНИЦАТА НА ЗМЕЕВИ ОД СЕНТ`АГАТА БОЛОЊЕЗЕ

 

Заврши ерата на еден од најдобрите V10 атмосферски мотори кои историјата на автомобилизмот ги познава. Мотор кој придонесе за неверојатната популарност на Huracan. Модел кого љубителите на Lamborghini го обожаваа токму заради како од сон донесениот V10 и неговата линеарна испорака на моќност. Но, време е за нова ера. А таа почнува со Temerario. Името доаѓа од бик кој се борел во корида во 1875 година и бил познат по својата храброст и жестина.

Уште при поставувањето на основите за Temerario во Lamborghini одлучиле да создадат модел кој ќе се граничи со извонредното, а за да се достигнат овие небески висови било потребно да се почне од нула. Така паднала одлуката 5.2 литарскиот V10 со потекло од Audi да замине во историјата и на негово место да дојде V8 битурбо целосно создаден од Lamborghini, од конструкција до изработка. Секако ниту Lamborghini не може да избега од модерната ера во која владеат електрика и турбини. Воедно Temerario го заокружува планот на одгледувачницата на змееви од Сент`Агата Болоњезе за целосна електрификација.

По знаменосецот Revuelto кој покрај легендарниот атмосферски V12 има и три електромотори за максимални 1.015 КС и спортскиот теренец Urus SE чиј хибриден погон остварува 800 КС, Temerario е третиот лут борец од Сент`Агата Болоњезе кој влегува во класа на електрично возило со високи перформанси.

Меѓутоа специфично за Temerario е неговиот мотор со внатрешно согорување  способен да се врти на 10.000 min-1, како ниту еден Lamborghini досега, па дури и ниту еден сериски супер спортист со битурбо V8 досега. Затоа неговите вкупни 920 КС му дозволуваат да вози во лига сам за себе.

 

ДУША НА АТМОСФЕРСКИ МОТОР

Беснотилокот од V8 создаден за Temerario е еден од најмоќните мотори во својот сегмент. Иако е потпомогнат од два турбо полначи има душа на високо-вртежен атмосферски мотор, заради прогресивното линеарно развивање на моќноста и неверојатна глад за вртежи кои застануваат на 10.000 min-1. Звучи неверојатно еден V8 битурбо да се врти на десет илјади. Висини кои се поблизу до тркачки, отколку до сериски мотор. Temerario слободно може да се пофали дека е прв и единствен сериски супер спортист со V8 битурбо кој се врти на 10.000 min-1.

Моторот е конструиран по принцип на жешко-V каде издувот и турбо полначите се сместени внатре меѓу двата блока на цилиндрите. Коленестото вратило е рамно под агол од 180 степени. Принцип кој дозволува лесно одење во високи вртежи, а специфичниот редослед на палење на цилиндрите создава моќен срцепарателен звук. Блокот е од легура А357+Cu која се користи во мотоспортот, има клипни лостови од титаниум и подигнувачи на вентили преслечени со јаглерод сличен на дијамант кој може да издржи и преку 11.000 min-1. Идејата да се добие компактна конструкција која испорачува висока моќност и висок вртежен момент со одзив на класичен атмосферски мотор е остварена во целост. Овој V8 има специфична моќност од 200 КС по литар зафатнина. Односно, неговите 4.0 литри туркаат 800 КС меѓу 9.000 и 9.750 min-1 и вртежен момент од 730 Nm кои стојат на располагање меѓу 4.000 и 7.000 min-1. Ако споредуваме, тоа се 25 КС помалку од 6.5 литарскиот V12 на Revuelto, но во исто време и 5 Nm повеќе од оние на знаменосецот.

 

ЕЛЕКТРИЧЕН ВЕТАР В ПЛЕЌИ

Бисеров на врвна технологија потпомогнат од електриката му овозможува на Temerario брилијантни перформанси. Максималната брзина заминува 340 km/h, додека за катапултирањето од место до 100 km/h се потребни само 2,7 секунди. Воедно електричната поддршка му дозволува на Temerario да биде првиот Lamborghini во историјата на марката кој може да вози само со преден погон. Секако само во електричен модус.

Електрификацијата на Temerario ја сочинуваат три електромотори со аксијален проток во форма на диск. Два поставени на предна оска, односно по еден резервиран за секое тркало и трет поставен назад. Електричните мотори на предната оска му овозможуваат на Temerario да вози и со постојан погон на четири тркала и нудат векторска распределба на вртежниот момент. Меѓутоа векторската распределба не е постојана, туку таа реагира само кога е нужно. Сѐ со цел да се задржи природниот начин на возење и инволвираноста на возачот.

Третиот електромотор заради компактноста е сместен во блок на мотор и директно е врзан со коленестото вратило и со новиот осум степен менувач со две спојки. Така електромоторот постојано се врти со брзината со која се врти моторот. Односно секогаш има ист број на вртежи со моторот и при тоа остварува постојан вртежен момент од 300 Nm. Неговите 300 Nm се важни бидејќи ја пополнуваат турбо дупката без оглед на бројот на вртежи и ја овозможуваат веќе опеаната линеарна испорака на моќ на бесниот V8. Тој игра ролја и на стартер мотор и на три-фазен генератор кој ја полни литиум-јонската батерија со капацитет од 3,8 kWh сместена во централниот тунел.

 

Електромоторите покрај тоа што му даваат ветар в плеќи на Temerario тие им помагаат и на сопирачките при голтање на брзината. На овој начин се дополнува батеријата и се намалува стресот врз сопирачките. Поточно се продолжува животниот век на најновата генерација на карбон-керамички дискови на Brembo од 410х38 mm напред со 10 клипни клешти и 390х32 mm назад со 4 клипни клешти.

 

ПОЧИТ КОН МИНАТОТО

Иако Temerario е создаден од бел лист хартија дизајнот носи обележја кои се дел од историјата на марката. Формата на шестаголник преовладува во дизајнерскиот потпис. Од предните светла за возење дење во кои се сокриваат тунели за довод на воздух, до обликот на капакот за гориво, задните светла и отворот во кого се сокриваат издувните цевки. Евидентно е дека многу време е посветено да се добијат беспрекорно чисти линии, а низ нив да се вметне врвна аеродинамика која го лепи автомобилот за асфалт при високи брзини.

Бидејќи целата приказна за Temerario се врти околу неговиот мотор дизајнерите се потрудиле тој да биде визуелно нагласен. Затоа моторот не го покрива класична хауба, туку тој останува целосно отворен и мами со својата магична појава. Како кај мотоцикл. Дури и погледот одзади потсетува на мотоцикл заради отворените тркала кои, пак, дополнително ја нагласуваат моќта на ѕверката која стои на нив.

Чувството на моќ се доживува и од внатре. Се седи како во пилотска кабина. Филозофија која во Lamborghini ја довеле до перфекција. Чувството на леснотија заради тенката арматура, екстремно ниската позиција на седење и совршениот агол на воланот му дозволуваат на возачот да биде едно со автомобилот. Да го доживува како екстремна играчка која ќе му понуди неизмерно задоволство зад волан. Комбинацијата од дигитални екрани и механички копчиња кои физички се чувствуваат на допир и воланот инспириран од светот на трките го дополнуваат доживувањето на пилот во кабина.

Врвниот звук креиран од музичките уметници Sonus Faber, комфорната електроника, информациските системи, постојаниот надзор од трите камери и телеметријата потребна за на патека со која се управува преку контроли на волан само го дополнуваат врвното доживување за кое е подготвен Temerario.

Претставувајќи го на Изложбата на елеганција на Пебл Бич во Калифорнија, Lamborghini ги отвори списоците за нарачка кои евидентно ќе бидат долги. Дури и оние што ќе побрзаат ќе мораат да ја почекаат втората половина на 2025 година за да уживаат во жестокоста на Temerario. Иако уживањето не прашува за цена, за оние што сакаат да знаат таа почнува од преку 300.000 евра. А, во колку се искористат сите придобивки од програмата на Lamborghini за персонализација ad Personam, тогаш Temerario може да се доближи до границата од половина милион европски банкноти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ