WRC Рели Хрватска-ПРЕКУ ДРАМА ДО ПОБЕДА

30/04/2024

ОСУМКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ СЕ ЗАКИТИ СО ВТОРА ПОБЕДА НА РЕЛИТО НА ХРВАТСКА. СО НЕА СТИГНА ДО ЈУБИЛЕЈНИОТ 100-ТИ ПОДИУМ ВО КАРИЕРАТА, A НЕГОВИОТ ТИМ TOYOTA БРОИ СТОПРОЦЕНТЕН УСПЕХ НА ОВА БАЛКАНСКО РЕЛИ

 

Звучи неверојатно, но хрватскиот ролеркостер од рели ù остана верен на својата исклучителна непредвидливост. По четврти пат во завршницата приреди драма како ниту еден друг настан во календарот на светското рели. Релито на Хрватска првпат се возеше во 2021 година. Тогаш во последните метри Елфин Еванс за влакно ја загуби водечката позиција препуштајќи му ја победата на Себастијан Ожие, која беше 51. за осумкратниот светски шампион. Во 2022 година победата отиде во раце на Кале Рованпера кој водеше низ текот на целото рели. Во завршницата заради бурата која се истури врз патеките за малку ќе загубеше од Танак кој го следеше во чекор и изби пред него на претпоследниот брзински испит. Сепак, во самата завршница Рованпера смогна сили и стигна до за него значајна победа бидејќи на првото рели на Хрватска излета во првите метри. Минатата 2023 година Еванс беше човекот кој победи на релито во Загорје. Откако адутите Ожие и Рованпера загубија драгоцено време менувајќи дупнати гуми Еванс ја презеде лидерската позиција. Тиери Нувил му ја украде накратко, но откако удри во бетонска бариера и се откажа на Еванс му преостана само да довози до целта.

Ова кусо сиже за трите претходни настани во Хрватска ни предочува дека релито во Загорје не смее да се земе здраво за готово. Поразлично не беше ниту годинава. После неверојатно жестока борба меѓу Еванс и Нувил, каква одамна не е видена на светската рели сцена, победата отиде во раце на Ожие. Така осумкратниот светски шампион се закити со втора победа на релито на Хрватска, или 59 во кариерата. Поважно за Ожие е што на релито на Хрватска стигна до јубилејниот 100-ти подиум од 184. рели настани во WRC. Од него повеќе подиуми има само Себастијан Лоеб вкупно 120 со ист број на стартови.

После паузата по релито на Монте Карло, Ожие во Хрватска покажа дека е сила на која треба да се смета. Иако вози скратена програма Французинот брзо влезе во ритам. Добрата форма ја покажа на пробите пред почетокот на релито. Беше најбрз оставајќи ги зад себе Еванс, Нувил и Танак. Меѓутоа перформансите на проба и борбата за секунди на брзинските испити не се еднаква материја.

Релито на Хрватска стартуваше во петок наутро, а патеките ги однесоа екипажите во ридовите Западно од Загреб. Се очекуваше Ожие да преземе контрола, но тоа не се случи. Стартуваше шести и мораше да се бори со контаминираниот асфалт. Распосланата кал посебно во свијоците ја направи подлогата исклучително беа многу мали. Затоа битката се водеше меѓу првите стартни позиции, односно меѓу водечките во шампионатот Тиери Нувил и Елфин Еванс. Нивната борба буквално личеше на борба меѓу титани. Иако Нувил за влакно водеше во дел од денот дупната гума го забави доволно за Еванс да прејде во водство пред последниот испит од денот. Нувил се врати на последниот па така го завршија денот со еднаков резултат. Двајцата имаа исто време, резултат кој ретко се случува во рели. Третото место му припадна на Ожие. Тој заостануваше зад водечките 6,6 секунди и ја гледаше својата шанса во тек на следниот ден. От Танак место со ривалите се бореше со автомобилот. Пријави дека неговиот Hyundai i20 N делува нервозно и тешко се контролира. По големиот сервис се чинеше дека работите легнаа и тој успеа да го добие Ејдриен Формо за четвртото место. Шести заврши Такамото Катсута, а седми Андреас Микелсен кој од категоријата WRC2 премина во WRC во тимот на Hyundai.

Битката на титани продолжи и во сабота, на вториот ден од релито. Минувајќи низ многу превирања Нувил и Еванс постојано беа близу еден до друг менувајќи го водството во текот на денот. Белгиецот беше возачот кој победи на крајот на денот освојувајќи ги привремените 18 бодови. Еванс заостана само 4,9 секунди, а Ожие 11,6 секунди. Второто место на Еванс му донесе 15 бодови, а третото 13 бодови на Ожие. Епилогот е дека изборот на гуми кумуваше на исходот. Најавениот пороен дожд не падна. Возачите на Toyota одбраа по четири меки и две тврди гуми, додека Нувил се одлучи за поразновиден пакет од две меки, две тврди и две гуми за дожд. Се покажа дека неговиот избор е подобар во предоминантно сувите услови. Танак повторно заврши четврти, но загуби дополнително време откако удри во камен и го извитка задното тркало. Формо остана на петтото место, но добрите перформанси и победата на првиот испит од денот му помогнаа да се одлепи од шестопласираниот Катсута. Микелсен, пак, остана на седмата позиција.

Никој не можеше да ги подготви екипажите за драмата која се случи во недела, на последниот ден од ова рели. Балканскиот настан и остана верен на неверојатната непредвидливост која го следи. Денот го отвори Такамото Катсута со победа на првиот испит, а веќе на следниот неприликите кои им се случија на Нувил и на Еванс беа еднакви на срцев удар за водечките возачи. После три дена борба рамо, до рамо и со само 2,6 секунди меѓу нив на кобниот брзински испит Нувил и Еванс целиот труд го фрлија во вода. Заради доцна прочитана забелешка Нувил влезе широко во еден лев свијок и удри во дрво сериозно оштетувајќи го задниот дел од автомобилот. Продолжи, но загуби 23,3 секунди. Еванс, пак, се изврти на остар десен свијок и загуби 20 секунди. Со два испити до крајот на релито водството го презеде Ожие. Искусниот лисец не ја испушти оваа од бога дадена шанса и по втор пат победи на ова рели. Еванс со целосен автомобил успеа да го задржи второто место, додека Нувил со оштетен не можеше подалеку од третото. Формо на истиот испит го оштети управувањето и ја загуби позицијата, но победи на последниот испит Wolf Power и ги освои дополнителните 5 бода. Танак го задржа четвртото место, петтото го наследи Катсута, а шестото Микелсен. Благодарение на бодовите освоени на крајот од вториот ден на релито Нувил ја задржува водечката позиција во шампионатот за возачи. Со 86 бодови води пред Еванс кој има 80 бодови. Разликата е мала, но и сезоната е на почеток. На трето место во шампионатот е Формо со 59 бодови, додека Танак со 50 бодови е четврти.

Меѓу производителите Toyota полека но сигурно ја зголемува предноста. Благодарение на 1-2 финишот на релито на Хрватска го зголеми водството за 7 бодови, и има 176 бодови наспроти 169 бодови на Hyundai. M-Sport Ford, пак, има само 96 бодови. Интересно е што Toyota има стопроцентен успех во Хрватска, или четири победи од четири настани.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ