НЕ СЕ СЛУЧУВА ЧЕСТО ДА СЕ ОБНОВИ ЛЕГЕНДАРЕН АВТОМОБИЛ, ОДНОСНО ТОА СЕ ПРАВИ ЕДНАШ НА 10 ИЛИ ПОВЕЌЕ ГОДИНИ. ГОЛЕМА ЧЕСТ Е ДА СЕ РАБОТИ НА НОВ ДИЗАЈН НА ЛЕГЕНДА КАКО ШТО Е МОДЕЛОТ „СЛ“, А УШТЕ ПОГОЛЕМА Е ОДГОВОРНОСТА ЗАТОА ШТО ЈАВНОСТА ОЧЕКУВА НЕШТО УШТЕ ПОСПЕКТАКУЛАРНО. ТОА ОЧЕКУВАЊЕ НЕ СМЕЕ ДА ДОБИЕ ДИМЕНЗИЈА НА РАЗОЧАРУВАЊЕ, ТУКУ ДА БИДАТ ЗАДОВОЛЕНИ ВКУСОВИТЕ НА ЈАВНОСТА, А ПОТОА ЗАДОЛЖИТЕЛНО СЛЕДУВА ГОЛЕМ АПЛАУЗ И ПОЧИТ
Одделот АМГ, а не Мерцедес ги презеде работите во свои раце и ја конструира најновата генерација од легендарниот модел „сл“. Штом АМГ прави нешто, тогаш тоа мора да е „луто“, во спротивно прочуената спортска работилница нема да мрдне ни со прст, а не од корен да конструира купе кабриолет.
Резултат од работата на мерцедесовиот „фризерски салон“ е следниов: погон на сите тркала првпат во историјата на овој модел, 2 + 2 седишта повторно воведени по три децении пауза, платформа направена од алуминиум, композитни материјали, магнезиум, железо (челик), предни тркала обесени во повеќе точки (пет), јаглеродно керамички сопирачки, управливи задни тркала и, најважното од сѐ, враќање на платнениот покрив. Не е толку битна заштедата од 21 кг што влече благодат за тежиштето и на крајот носи подобрување на стабилноста, туку најважно е враќањето на платнениот покрив, односно на традицијата. За покривање на патничкиот оддел потребни се 15 секунди и сѐ тоа до 60 км/ч, а над таа брзина не е можно покривање или отворање.
Славче Таневски е дизајнер, вработен во Одделот за обликување на автомобилите во таборот на Мерцедес. Моделот „сл“ е неговиот осми дизајниран автомобил. Следува списокот од седум претходно дизајнирани модели: „ц л а купе“, „ц л а шутинг брејк“, „б класа“, „г л ц“, „г л ц купе“, „е ку с“ и „мајбах е ку с“. |
Следно на списокот е „амг актив рајд контрол“, односно активно стабилизирање против превртување, потоа на ред е крутоста што е од пресудно значење кај кабриолетите. Во споредба со претходната генерација, торзионата крутост е зголемена за 18 отсто, напречната крутост за 50, а должинската за 40 отсто. Како за сите отворени автомобили, така и за „сл“ од големо значење е аеродинамиката да биде добро „испеглана“, особено во одделот за патници каде што струењата мора да бидат намалени до крајни граници и наедно бучавата од ветрот да биде неутрализирана. Ако тргнеме да пишуваме што сѐ има новиот „сл“, ќе ни треба повеќе време и хартија…
Засега новиот „сл“ носи еден V8 мотор со две силини со работна зафатнина од 4,0 литри, попознат под шифрата „м 177“. Изведбата „сл 55“ поседува 470 КС, а „сл 63“ се „расфрла“ со 577, благодарејќи на поголемиот притисок во двојниот турбокомпресор. Тие стотици коњски сили ќе се пренесат на сите тркала преку деветстепениот автоматски менувач. Дали само овие мотори ќе бидат во „игра“ или ќе влезе и V6? Озборувањата велат дека е можно зајмување на погонот од „амг гт 63 е“, модел премиерно прикажан во септември на ИАА во Минхен. Ако успее зајмувањето, тогаш новиот „сл“ ќе добие изведба со дури 831 КС.
Сега малку историја. Во 1952 година се појави „300 сл“ (W 194) наменет за тркачките патеки. Уште во првата година штотуку претставениот „300 сл“ ги покажа своите врвни квалитети – победи на легендарната трка 24 часа Леман во формација 1 – 2, а веднаш потоа на домашен терен на патеката Нирбургринг ја заврши трката на првите четири места. Две години подоцна искуствата стекнати на тркачките патеки Мерцедес ги преточи во туристички спортски автомобил со премиера во Штутгарт. Така е роден друмскиот „300 сл“ („сл“, спорт лајт, односно „спортски лесен“) со фабричка ознака W 198. Многу години подоцна, во 1999 година, жирито составено од специјализирани новинари за автомобили го прогласија „300 сл“ за „Спортски автомобил на векот“. Не само за новинарите, туку и за јавноста „300 сл“ бил повеќе од автомобил, така што од нив го добил прекарот „гулвинг“ поради необичното отворање на вратите. Некои го нарекуваат првиот хипер автомобил, а други го крунисуваат со титулата најубав.
И по седум децении легендата „сл“ е сѐ уште жива благодарејќи на конструкторскиот тим од АМГ, но и на Македонецот Славче Таневски, довчерашен мајстор на својот занает, а отсега натаму велемајстор на дизајнот. Челниците од Мерцедес му ја доверија задачата да го осмисли и нацрта обликот на новата генерација на легендарниот модел.