РЕЛИ ДАКАР, 46. ИЗДАНИЕ-ПУСТИНСКАТА „БРКОТНИЦА“ НАСКОРО ЗАПОЧНУВА

11/12/2023

ТИЕ СО НЕСКРОТЛИВ ДУХ ГИ ПРАВАТ ЗАВРШНИТЕ ПОДГОТОВКИ ПРЕД ДА ГО ЗАПОЧНАТ „ТАНЦОТ“ ДОЛГ РЕЧИСИ 8.000 КИЛОМЕТРИ СО ПУСТИНСКИТЕ ДИНИ ВО САУДИСКАТА ПУСТИНА. МОТОЦИКЛИ, АВТОМОБИЛИ, КАМИОНИ, КВАДРИЦИКЛИ И ШТО УШТЕ НЕ, НО СО ЕДНА ЦЕЛ, ДА СЕ ИСТРАЕ ВО ТИЕ ДВЕ НЕДЕЛИ И ДА СЕ ПОМИНЕ ЦЕЛТА. ТОЈ Е СОН НА СЕКОЈ УЧЕСНИК, НО НЕКОИ ОД НИВ СОНУВААТ И ЗА ПОБЕДА, А НЕ САМО ДА ЈА МИНАТ ЦЕЛТА

 

Почетокот на секоја нова година започнуваше со релито Дакар и со автомобилската изложба во Детроит. Сето тоа се случуваше во неколкуте први денови од јануари, барем така беше дo неодамна во кругот на автомобилската индустрија. Идната година нема да присуствуваме на отворањето на Салонот за автомобили во Детроит затоа што организаторот го смени распоредот, го префрли настанот во лето (или есен како годинава), но затоа релито Дакар е во полн залет и сѐ е подготвено учесниците да го започнат своето патешествие долго точно 7.891 км, од кои 4.727 км се специјални етапи, во времетраење од две недели или просечно по околу 470 км дневно. Целата пустинска бркотница започнала во 1978/1979 година кога група ентузијасти тргналe од Париз и заиграле со Сахара и сѐ така до Дакар, главниот град на Сенегал.

Најнапред тоа било шок за светската јавност затоа што толку километри да бидат извозени низ пустински предели е повеќе од авантура и лудост. Тоа е рели на издржливост и едно од петте што се возат за светскиот шампионат. Првото рели, Дакар, ќе се вози од 5 до 19 јануари 2024 година, второ е релито наречено Абу Даби Дезерт Челинџ и се вози на територијата на ОАЕ, трето е Ултимејт Рели Рајд Трансиберико што ќе се вози во Португалија и Шпанија, четврто е Десафио Рута 40 и се вози во Аргентина и петто е Рели де Мароко и ќе се вози во Мароко. Релито Дакар е прво од ваков тип (рели на издржливост) и затоа е познато во цел свет. Тоа е мамка за сите производители на моторни возила, а победата носи многу слава и секако поттикнување на продажбата. И секако иновациите во тие возила многу често се применуваат во туристичките автомобили. Всушност, така се одвива напредокот во автомобилската индустрија. Рели натпреварите и трките се еден вид тест-полигон на кој се испитуваат возилата и нивната подготвеност, а потоа стекнатите искуства се вградуваат во секојдневните возила.

Релито Дакар се вози во првите денови од секоја година од 1979 година и само еднаш е откажано во 2008 година. Со години се возеше од Париз до Дакар, а потоа маршрутата беше сменета и релито тргнуваше и од други градови. Во 2009 година релито се пресели во Јужна Америка и остана таму сѐ до 2019 година. Можеби таму им здодеа да возат низ Андите и низ најсушната пустина на планетава Атакама и решија да се преселат на Арабискиот Полуостров. Таму се од 2020 година и сѐ уште се таму. Годинава, како и во претходните четири, домаќин на релито Дакар ќе биде Саудиска Арабија. Стартот е закажан за 5 јануари од 1000 години стариот град Ал Ула, а целта е во Јанбу. Камаз е производител што поседува најмногу титули на релито Дакар, дури 19, а го дели првото место со КТМ (класа мотоцикли), втор на вечниот список е Митсубиши со 12 (класа автомобили), Јамаха девет (класа мотоцикли), Пежо има седум (класа автомобили), исто колку и Хонда (класа мотоцикли), БМВ има шест (класа мотоцикли), Цитроен и Мини имаат по четири (класа автомобили) итн. Стефан Петерхансел или Мистер Дакар, како што е неговиот прекар, потоа Фабрицио Меони, Марк Кома, Ари Ватанен, Јуха Канкунен, Жан Луи Шлезер, Јута Клајншмит (прва жена победник на релито Дакар), таткото и синот Де Рој, Карлос Саинц, непобедливите екипи на Камаз што често имаа 1 – 2 победа, а понекогаш и 1 – 2 – 3, упорниот самурај со камион од марката Хино, неповторливиот Јошимаса Сугавара кој учествувал на 36 изданија од релито Дакар. Тој е и најстар учесник што досега возел на ова рели, во 2019 година на 77-годишна возраст. И познатите светски ѕвезди од филмот, актерството, музиката, ја испробале својата среќа, снаодливост и подготвеност, всушност ова е мамка за тие со авантуристички дух.

Има многу да се пишува за релито Дакар. Да го почекаме стартот и да видиме што ќе се случи во 46. издание од релито Дакар и неговите две недели во Саудиската Пустина.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ