Ферари официјално го претстави својот најнов модел, F80, со што започнува ново поглавје во историјата на своите легендарни суперавтомобили.
На фотографиите веднаш се приметува новиот дизајн – нема ништо носталгично во надворешниот облик на купето, сѐ е ново, а желбата и поривот за овој облик е добиена од космичките бродови и филмовите со тема научна фантастика. Така отприлика Флавио Манцони го објаснува обликот на „ф 80“, главниот дизајнер од Ферари. Повеќе личи на автомобил наменет за трката 24 часови Леман отколку на некој друмски. Моделот ќе биде произведен во лимитирана серија од 799 примероци кои се веќе продадени и тоа за „скромни“ 3,6 милиони евра. И сето тоа беше објавено при првичното претставување пред светот.
Прво нешто што „заскокоткува“ е тежината, бидејќи таа е претерано битен чинител во кругот на спортските автомобили. Тежината на овој досега најскап и најбрз друмски Ферари е 1.525 кг, за 50 кг помалку од неговиот претходник „ла ферари“ и 125 кг потежок од „мекларн двојно в 1“. Потежок е затоа што е за малку поголем со димензиите, 4.840 мм должина, 2.060 мм ширина и 1.130 висина. Јаглеродни влакна плус магнезиум плус алуминиум, тоа се трите материјали од кои целосно е направен „ферари ф 80“. Во овие димензии сместен е V6 мотор со двоен турбо компресор. Малку збунувачки е ова со погонската единица. Каде е Ферариевата класика V12 и помалиот V8 или можеби тие се претешки за оваа класа автомобили? Заедно со двојниот турбо компресор, V моторот со фабричка ознака „ф 163 цф“ со зафатнина од точно 2.992 см³ и шест цилиндри поставени под агол од 120 степени, развива 900 КС при 8.750 врт/м (9.200 врт/м). Оваа силина се пренесува на задната оска преку автоматски менувач од класата „мањетино“ (како во болидите од ф 1) со осум преноси.
Покрај овој филигрански конструиран и наново доработен мотор, во купето се вградени три електромотори, два на предната оска и еден на задната. Овој на задната кинетичката енергија ја претвора во електрична и при тоа си обезбедува силина од 81 КС, односно 95 КС во текот на обновувањето на кинетичката енергија. Предните електромотори со чија помош купето има погон на сите тркала, развиваат по 142 КС, односно вкупно 284 КС. Сѐ на сѐ, вкупната силина е еднаква на 1.200 коњи доволни купето да постигне крајна брзина од 350 км/ч и да забрзува од 0 до 100 км/ч за 2,15 сек , односно 5,75 сек до 200 км/ч.
Кога сме кај овие бројки да го спомнеме легендарниот „288 гто“ кој своевремено беше најбрзиот и воедно првиот друмски автомобил што постигнал крајна брзина од 300 км/ч. На оваа брзина ќе се спротивстави Порше со моделот „959“ во 1.986 со неговите 317 км/ч, а една година подоцна Ферари одговара со легендарниот „ф 40“ и 321 км/ч. Да напоменеме дека „Ф 40“ е последното купе направено под будното око на големиот Енцо Ферари и последното купе без електроники и слични „компјутерски игри“. Практично „ферари ф 40“ е последниот Мохиканец во класичното семејство. По него доаѓа моделот „ф 50“, за потоа да биде претставено купето со име „енцо ферари“, во чест на основачот и легенда Енцо Ферари, а до неодамна приматот најбрз го имаше „ла ферари“ и сега „ф 80“. Тоа е тој круг на врвни спортски купе модели.
Многу нешта се позајмени и од болидите од формула 1 и од болидот наменет за трките на издржливост, како на пример уредот кој топлината од издувните гасови ја претвора во електрична енергија и секако уредот кој кинетичката енергија ја претвора во електрична. И материјалите се наследени од возилата наменети за трки, а исто така и карбонско керамичките сопирачки, чии дискови ги имаат следните димензии (пречник), напред 408, а назад 390 мм, додека тркалата односно пневматиците се со димензии, 285/30 р 20 напред и 345/30 р 21 назад. Од 100 до 0 км/ч, односно од 200 до 0 км/ч потребни му се 28 односно 98 метри. Сѐ е во служба на брзината и безбедноста, затоа нештата чинат толку многу, но во цената е вклучен и ексклузивитетот од само 799 примероци.
И за крај еден интересен податок. Седиштето на возачот се подесува речиси во сите насоки, но не и возачкото кое е дел од монококот. Овој вид распоред на седиштата е наречен 1+1, каде му се остава повеќе простор на возачот за што подобра видливост и подобро управување со автомобилот. И да, Ферари повторно направи најбрзо друмско купе, сега на ред се другите производители.