Светско првенство во Формула Е-ПРЕВРТЛИВАТА СРЕЌА НА РОУЛАНД И ПОРШЕ

29/04/2024

ОЛИВЕР РОУЛАНД ВОЗИ ЗА НИСАН, НО БЛАГОДАРЕНИЕ НА ДИСКВАЛИФИКАЦИЈАТА НА ПРВИОТ ВОЗАЧ НА ПОРШЕ ЈА ДОБИ ПОБЕДАТА НА ПРВАТА ТРКА ВО МИЗАНО, ЗА ПОТОА НА ВТОРАТА ДА ИМА ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМ И ДА МУ ЈА ПРЕПУШТИ ПОБЕДАТА НА ВТОРИОТ ВОЗАЧ НА ГЕРМАНСКИОТ ТИМ

 

Првиот настан на овој автодром во Италија донесе очекувано хаотична трка, при што уште еднаш беше забележан феноменот дека некои возачи избегнуваат да бидат во водство, односно преферираат долгите правци да ги минуваат во заветрина трошејќи помалку енергија.

Мич Еванс од Јагуар конечно потсети на победничките перформанси на овој тим кој доминираше минатата година, освојувајќи ја пол позицијата за првата трка во Мизано со време 1:17.068. Жан Ерик Верње кој доминираше на тренинзите се најде во првиот ред заедно со Еванс, што е втор ваков пласман за него оваа сезона.

Расплетот покажа дека возачите бегаа од водечките позиции на стартот. Себастијан Буеми беше изненадувачки лидер на трката, откако стартуваше како осми, но изедначеноста беше лесно воочлива бидејќи повеќемина се сменија во водство.

Ник Касиди имаше контакт со болидот на Жан Ерик Верње, но Французинот беше прогласен за виновен од стјуардите и му беа додадени пет секунди на крајот од неговата трка. Верње имаше слични проблеми и во дуелот со Паскал Верлен, но во овој случај тој немаше вина.

На шест круга пред крајот Да Коста беше во водство пред Роуланд, Верње и Џејк Денис. Првите двајца се издвоија, додека Верње беше одбранбено настроен, чувајќи ја позицијата од шампионот во болидот на Андрети. Сепак, на крајот откако беше аплицирана казната од 5 секунди за Верње (поради контактот со Касиди), Џејк Денис го презеде неговото трето место во трката.

Антонио Феликс Да Коста победи на првата од двете трки возени на патеката „Марко Симончели“ крај Римини, но откако пехарите беа поделени, неколку часа по свечената церемонија, стјуардите донесоа одлука за дисквалификација на возачот на Порше. За Португалецот ова беше прва победа оваа сезона и прва по пауза од една година, но неколку часа по крајот на натпреварот стјуардите одлучија да го дисквалификуваат поради технички неправилности.

Тоа е што е, но сепак претставува огромен удар за нашите надежи во првенството. Овие 25 поени ќе нè вратеа во игра, но сега нашиот живот ќе биде нешто покомплициран. Имаме пристап „трка по трка“ и позитивното нешто е она што го направивме на патеката, и сите го видоа. Тоа е победничко чувство, чувство на исполнетост кое ќе остане, рекол португалскиот возач за „ТНТ спорт“.

Според новинарските написи во прашање е извесен дел што бил легален во претходната генерација на болиди, позната како „генерација 2“, но не се нашла на листата на дозволени решенија за новите болиди кои беа претставени минатата сезона.

Германскиот тим најава жалба и има на располагање 96 часа по трката да вложи официјален протест на резултатите. Основата за жалба Порше ја гледа во формулацијата на правилникот каде што имало известување само дека се додадени нови компоненти, но не и известување дека претходните се забранети.

Стекнавме впечаток дека не сите тимови се третирани еднакво. Тоа е наш личен впечаток, но со ФИА во едно светско првенство, ова мора да биде гарантирано во иднината за да можат сите тимови да бидат третирани еднакво. Мислам дека ова е голема загуба за нас, но исто така и за спортот, за Формула Е затоа што последиците се мошне остри. Јасно е дека овој дел е од старата генерација и дека не бил посочен како забранет. Ние не сме го виделе тоа, но сега мора да видиме што ќе правиме во следните 96 часа, рече Флоријан Модлингер, тимски шеф на Порше.

Во овие околности второпласираниот Оливер Роуланд од Нисан беше промовиран како победник, додека актуелниот шампион Џејк Денис сега е втор. Стјуардите соопштија дека по проверката, нивните болиди биле во согласност со правилникот, конкретно мислејќи на спорниот дел, за кој Порше призна дека го користел во текот на целата ланска сезона, а бил инсталиран и на нивниот втор болид во ова првенство.

Втората трка во Мисано се возеше следниот ден, а Џејк Хјуџ го подобри резултатот во квалификациите на 1:16.538 и ја освои пол позицијата пред Верње, кој повторно беше втор и во овие квалификации. Третопласиран беше Паскал Верлен од Порше.

Верлен водеше до пет круга пред крајот, но Оливер Роуланд кој напредуваше до второто место тогаш направи маневар во свиокот број пет, за во последниот круг на истата позиција ривалот да го направи истиот потег и да се врати во водство. На тој начин Верлен го зачува водството до крајот и стигна до втора победа оваа сезона. Роуланд не само што го загуби првото место, туку подоцна беше престигнат од десетина ривали. По трката беше коментирано дека возачот на Нисан имал два проценти помалку енергија од своите ривали поради што морал буквално „да лази“ во финишот штедејќи енергија и на тој начин отвори пат за Ник Касиди од Јагуар да дојде до пласман на подиумот.

Го презедов водството со идеја да останам напред, но Роуланд ми правеше притисок и јас бев сигурен дека ако пробам да му парирам и да се бранам, ќе загубам премногу енергија. Затоа го пуштив да оди напред, а притоа имав информација од мојот тим дека имам дури и повеќе енергија отколку што ми беше потребна за финиш. Да бидам искрен, до последниот круг не бев сигурен дали тоа е точно.

Тогаш Роуланд остана без енергија и ние повторно се вративме на лидерската позиција. Завршивме добра работа и се покажа вистинска одлуката да се верува во информациите на тимот, – изјави Верлен кој во саботната трка не освои поени бидејќи имаше непланирано застанување во боксот поради скршено предно крило.

Начинот на кој што работи бројачот на круговите, всушност наложува дека треба да мериме и еден нулти круг на почетокот. Заради некоја причина, кога ја поминав линијата бројачот „падна“ и мислам дека тоа беше надвор од предвиденото. Јас бев брз во свиоците, ги следев однапред зададените цели и ја реализирав стратегијата како што планиравме. Вакво нешто досега ни се нема случено, и ќе треба во иднина да внимаваме повеќе на оваа едноставна процедура. Освоивме убави поени досега во првенството, и она што доаѓа е добро. Ние сме аутсајдери и можеме да продолжиме да се забавуваме, да го одржуваме болидот на лимитот и да се обидеме да реализираме што е можно повеќе одлични трки. Но, за наша несреќа, со денови како денешниот не се освојуваат титули, сепак останува да сочекаме. Сè уште сме млад тим кој има многу за учење и грешки за исправање, но идејата е тој процес да заврши оваа година, за наредната година да не ги правиме истите грешки,- посочи возачот на Нисан, Оливер Роуланд.

По гран при викендот во Мизано, односно седум извозени трки, Верлен и Денис се изедначени на врвот од табелата со по 89 бода. Оливер Роуланд има четири пласмани на подиумот и три финиша со 0 поени, односно е трет во генералниот поредок со 80 бода, а Ник Касиди држи чекор со него, исто така, бележејќи пласман меѓу тројцата најдобри во четири наврати, едно осмо место и две трки без финиш.

Трката за големата награда на Монако ќе биде дел од календарот на Формула Е на 27 април, додека мај е резервиран за четири од последните осум трки, односно два гран при викенда во Берлин и Шангај со по две трки.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ