Тест: SsangYong Torres Forest Edition FWD AT6-АВАНТУРИСТИЧКИ ДУХ

19/04/2024

МАРКАТА SSANGYONG ВО СВЕТОТ Е ПРЕПОЗНАТЛИВА ПО СВОИТЕ МОДЕЛИ ШТО СЕКОГАШ СЕ ПОЗИЦИОНИРАЛЕ ВО КЛАСИТЕ НА ТЕРЕНЦИ ИЛИ SUV ВОЗИЛА, ДАЛЕКУ ПРЕД ВРЕМЕТО КОГА ОВОЈ ТИП НА ПРЕВОЗНИ СРЕДСТВА СТАНУВААТ НАЈПОПУЛАРНА ОПЦИЈА ВО ДЕНЕШНИОТ АВТОМОБИЛСКИОТ СВЕТ. СЛЕДЕЈЌИ ГИ ГЛОБАЛНИТЕ ТРЕНДОВИ ЈУЖНОКОРЕЈЦИТЕ ГО ПРОШИРУВААТ СВОЈОТ ОПСЕГ СО ПОТПОЛНО НОВО ВОЗИЛО НАРЕЧЕНО TORRES, ЧИЈА ЗАДАЧА Е ДА СЕ СМЕСТИ ВО ПРОСТОРОТ ПОМЕЃУ МОДЕЛОТ ПОМАЛИОТ KORANDO И ГОЛЕМИОТ REXTON

 

НОВ ПРАВЕЦ ИНСПИРИРАН ОД СТАРАТА ШКОЛА

Името на моделот Torres доаѓа како инспирација од националниот парк Torres del Paine во Чиле, што покажува дека овој теренец првенствено е наменет за авантуристички возачи кои бараат за нијанса поцврст SUV претставник. За разлика од останатите модели со слична големина, кои изгледаат премногу софистицирани за да се возат вон асфалтната подлога, Torres изгледа тотално спротивно, како навистина да е направен за возење надвор од патот, изведен со контури што го прават автомобилот да изгледа прилично голем и мошне цврсто. Однапред, тенката решетка на ладилникот со попречни столпчиња му дава изглед кој е директно инспириран од алигаторските заби. Црвениот поклопец на долниот дел од браникот зад кој е скриена алката за влечење и рачките поставени на поклопецот од моторот се функционални детали кои најчесто се сретнуваат кај сериозни оф-роуд возила, а во оваа прилика се единствено вметнати за да го дополнат визуелниот впечаток. Дарежливите пропорции се видливи на профилот од возилото, каде се забележува благото искачување на покривот од втората половина на возилото, a тука е користен уште еден елемент што треба да асоцира на теренските возила. Панелот обоен во сребрена боја кој е поставен веднаш зад Ц-столбот потсетува на минатото, кога теренците на своите страни ги закачувале канистрите со гориво кои им биле потребни за експедициите во непознатите и тешко проодни предели. На задниот дел, Torres има испакнат хексагонален дел од вратата на багажникот што остава впечаток дека под тој дел има сместено резервна гума со кој ја заокружува целината на дизајнот што несомнено наликува на автентичен теренец. Полн со авантуристички каратер и дух кој повлекува на старата школа, Torres го интерпретира новиот правец на градење возила за јужнокорејската марка која произведува возила од далечната 1954 година.

 

СОВРЕМЕНО И УДОБНО

Моделот Torres исто како и однадвор кокетира со премиум атмосферата и во својата внатрешност. Тргнувајќи од контролната табла со 12-инчен екран до одличните седишта (греени и вентилирани), сè во овој корејски SUV зрачи со квалитет, во однос на изгледот, но и во однос на чувството. Посебно ќе ја споменеме бојата со која се прекриени седиштата, а истата се протега и низ остатокот на кабината, едноставно остава силен впечаток на современ и удобен простор. Покрај тоа, место има и за модернизам кој ја минимизира употребата на физички копчиња, истовремено обезбедувајќи јасна комуникација. Командувањето со 8-инчниот инфозабавен екран е крајно едноставно и интуитивно, радува фактот што за најважните функции се обезбедени физички копчиња, додека за климатизацијата е обезбеден посебен екран во долниот дел, веднаш пред менувачот. Управувачот е изведен со речиси квадратен облик, иако делува необично не го менува чувството во возење. Torres е големо момче кое има меѓуоскино растојание од 2.680 мм. Затоа, без разлика која врата ќе ја отворите, секогаш ве пречекува многу простор, тоа важи за патниците во првиот и вториот ред кои нема да се пожалат дека немаат доволно место за нозете, ниту дека допираат со главата до кровот. Тука е и багажниот дел, кој располага со најмалку 703 литри, а волуменот може да се зголеми до 1.662 литри (вклучувајќи рамен под за товарење) ако ги преклопите и задните седишта.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН БЕНЗИНСКИ
ЗАФАТНИНА: 1.497CM3
МОЌНОСТ: 163 КС при 5.000 врт/мин
МЕНУВАЧ: 6 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД: 235/55R18,
НАЗАД: 235/55R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.528 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4.700/1.890/1.720ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
9.3 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
8,6/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
191КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
45.900 ЕВРА

 

РАФИНИРАНА ОПЦИЈА

Под поклопецот на моторот нема изненадување, Torres едноставно го презема проверениот и докажан 1.5 T-GDi агрегат, дизел опција воопшто не постои. Станува збор за четирицилиндарецот помогнат од турбополнач кој развива способни 163 КС и адекватна влечна сила од 280 Nm што се покажа доволно моќно да го повлече нашиот тест примерок со тежина од 1,6 тони. Забрзувањето до 100 км/ч трае 9,3 секунди, што никогаш нема да се смета молскавично брзо или спортски, а сепак е подобро од некои конкурентски модели. Овој параметар како и максималната брзина од 191 км/ч не се во приоритетните очекувања на целната група, многу поважен фактор е неговата рафинираноста. Моторот работи многу цивилизирано и речиси нечујно, дури и ако му дадете поттик, сето тоа останува прифатливо, за што е одговорна добрата изолација на моторниот простор. Ако сакате работите да бидат малку повозбудливи, префрлете се на програмата за спортско возење и користете ги лопатките за мануелна промена на брзините кои се сместени зад управувачот. Ова го задржува шестстепениот автоматски менувач на Aisin во избраниот сооднос малку подолго и придонесува кон забавата. Управувањето е повеќе од солидно, особено ако се земат во предвид габарите и основната намена на возилото. Самото тоа кажува дека и потпирањето е калибрирано на поцврст начин, што нас ни се допадна, првенствено затоа што не се навалува премногу кога ќе посакате да го возите на повозбудлив начин. За време на нашето дружење потрошувачката се движеше во просек по 9,5 литри на секои 100 изминати километри, што е сосема нормално во овој сегмент. Со својата авантуристичка естетика, пространа и добро уредена внатрешност, обемна опрема и одлично држење на патот, сè ни вели дека Torres ги има сите потребни состојки да отвори нови хоризонти играјќи ја улогата на аутсајдер кој може да го заземе одамна заслуженото место во индустријата.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ