Димитар Миновски–40 години работен век во АМСМ-УСПЕХОТ Е МОТИВАЦИЈА ЗА СЕБЕ И ПРИМЕР ЗА ДРУГИТЕ

19/02/2024

ПАТУВАЊЕ ДОЛГО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ИСПОЛНЕТИ СО КРАЈНА ЦЕЛ ДА СЕ ПОСТИГНЕ ЛИДЕРСТВО ШТО ЌЕ ГО ТРАСИРА ПАТОТ ДО УСПЕШНО СОЗДАВАЊЕ НА БРЕНДОТ АМСМ ПРЕКУ ВИЗИЈА, БЕСПРЕКОРНА РАБОТА, МАКСИМАЛНО ВЛОЖУВАЊЕ, КРЕАТИВНОСТ, САМОДОВЕРБА, КРЕИРАЊЕ И ИНОВАТИВНОСТ. АМСМ Е СИНОНИМ ШТО СЕКОГАШ АСОЦИРА НА ДИМИТАР МИНОВСКИ, ОД НЕГОВИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ПОЧЕТОЦИ ДО ДЕНЕС

 

АМСМ Клуб Мобилити: Господине Миновски, 30 години успешно го водите Авто Мото Сојузот на Македонија. Што би издвоиле како најбитен предуслов за да се биде успешен? Миновски: Успехот е цел кон кој се стреми секој во својот живот. Тоа значи остварен човек што чувствува дека е исполнет и пошироко, кој придонел во својата работна околина и семејството.

Успехот е мотивација за себе и пример за другите. Успехот е процес. Јас добро го сфатив тоа во АМСМ каде што се остварувам цел работен век, сè досега. Тоа е организација што има долга традиција и историја на постоење, што временски нужно наметна потреба од организациони, кадровски движења и, еројатно, најтешкото, зачувување на брендот АМСМ. Да се зачува брендот АМСМ е многу сложен процес поврзан со општественото позиционирање на организацијата што наметнува вештина на многу чекори и постапки што мора да се доследни од раководството и вработените. Во овој контекст доаѓа до промена на цела плејада луѓе што беа вклучени во управувањето и раководењето и кои со своето залагање и искуство оставија свој белег и печат.

Желбата за работа, истрајноста, комуникацијата со раководството и органите, вообичаено во стандардна форма, но и наредбодавателно, се секојдневни моменти во согласност со природата на мојата работа, но често и применување тактика на компромис, а во одредени случаи и одолговлекување на донесувањето заклучоци и одлуки, со цел созревање и правилно детектирање на нужните елементи за донесување правилна и издржана одлука.

АМСМ Клуб Мобилити: Во ова динамично време во кое твориме секој период, година има свои специфики. Кои сегменти од Вашиот долгогодишен работен век би ги издвоиле? Миновски: Процесот на раздружување на АМСМ од АМСЈ, кој паралелно следуваше со осамостојување на нашата држава од поранешна СФР Југославија, е еден од највпечатливите периоди за АМСМ. Буквално се тргна од „нула“ во позиционирањето на АМСМ на меѓународен план и зачленување во ФИА, АИТ и ФИМ. Недостасуваше искуство во оваа област и следуваше неколкугодишен процес на испитување на постапките и процедурите за зачленување, при што беа извршени повеќе посети на клубовите-членки и, пресудното, одржување на контакти и информирање на нашите државни органи и обезбедување на потребната документација. Следуваше процес на лобирање во меѓународните асоцијации што заврши со успех. Овие моменти се со историска тежина и значење и се темели врз натамошниот развој на АМСМ во домашни и меѓународни рамки.

АМСМ Клуб Мобилити: Дали може да направите споредба со работењето на АМСМ некогаш и денес? Миновски: АМСМ, како и многу други организации, се соочувал со падови и подеми. Во нејзиното основање, во далечната 1945 година, тежиштето беше ставено на повоеното обучување на возачи. Оттука АМСМ е препознатлив по автошколата со поголем возен парк и инструктори. Функционирајќи во рамките на поранешната АМСЈ се воведоа и патна помош, сервиси за поправка и одржување на моторни возила, а подоцна следуваше циклус на отворање на станици за технички преглед.

АМСМ работи во доменот на сообраќајот и се моделираше во согласност со потребите на сообраќајот. Сепак, најголема компактност и современ начин на работење бележиме во периодот на осамостојувањето на нашата држава, што природно следува со стекнувањето на меѓународниот елемент. Во овој период голем број наши кадри се вклучија во различни обуки и пренесоа драгоцено искуство во тековното работење и потребниот развој. Тоа може да се види и преку бројот на вработени, кои на почетокот секогаш беа помалку од стотина, достигна бројка и до околу триста, а денес се околу двестa.

АМСМ Клуб Мобилити: Вие бевте иницијатор за објавување и на списанието „АМСМ Клуб Мобилити“, со цел да се пополни долгогодишната празнина на квалитетен контакт со членовите на АМСМ. Од оваа перспектива, по 18 години, дали сметате дека постоењето на членското списание ги потврди Вашите очекувања? Миновски: Од самиот почеток на осамостојувањето АМСМ претендира да се развива во модерен автомобилски и туринг клуб, во кој членовите ќе бидат постојано и навреме информирани со квалитетни и значајни информации поврзани со нивното патување со автомобил. Приближувањето на АМСМ до нашите членови логично наметна потреба за сопствено списание и, на мое лично задоволство, првпат од своето постоење oд 1945 година АМСМ го издаде првиот број на АМСМ Клуб Мобилити во 2007 година.

За темите и за квалитетот на списанието најповикани се да се изјаснат нашите членови, кои списанието го добиваат на домашна адреса и на нивната е-адреса и, секако, стручната јавност. Лично сметам дека целосно ја постигнавме целта, иако секогаш има уште многу да се направи, но тоа ќе биде предизвик за во иднина.

АМСМ Клуб Мобилити: Паралелно со објавувањето на Клуб Мобилити се воведоа и многу други новини во АМСМ и во неговите дејности, со што се прошири спектарот на услуги… Кои сегменти во работењето на АМСМ би ги издвоиле? Миновски: Годините по осамостојувањето на Република Македонија беа предизвик за сите субјекти, па и за АМСМ. Курсот на развивање на пазарното стопанство и конкуренцијата, што ја носи овој концепт, е особен предизвик за здруженијата на граѓани. АМСМ избра јасен концепт, според кој бизнисот го водат проверени кадри – менаџери. Во овој контекст, усвоени се нови знаења организирани во повеќе правни лица, оспособени успешно да функционираат на пазарот. Тоа, пак, создаде соодветен простор за здружението. АМСМ дефинира повеќе членски пакети за земјата и за странство, кои се добро прифатени, но не може да сме задоволни од бројот на членството, како и од фактот дека најголем процент е лоцирано во главниот град.

Што се однесува до тоа дали треба да се издвои некое правно лице од системот, ќе речам дека тоа е невозможно бидејќи низ годините пазарот се моделира со нови прописи, кои ги опфаќаат дејностите од нашиот сектор и тоа е процес што трае, но она што е најважно е дека раководството на АМСМ има јасен концепт што се стреми кон успех. Зар нашето списание „АМСМ Клуб Мобилити“ со моментен тираж од околу 15.000 примероци не е пример за тоа.

АМСМ Клуб Мобилити: Какви се перспективите и можноста за надградба на АМСМ имајќи предвид дека брендот АМСМ долги години е лидер во областа во која дејствува? Според Вашето мислење, до каде е развојот на нашиот сојуз во споредба со другите клубови? Миновски: Точно, можам со гордост да истакнам дека брендот АМСМ зрачи и е лидер. АМСМ успеа да го надмине предизвикот што го носат годините анализирајќи ги пазарот и конкуренцијата, со сопствена реорганизација, ангажирање на проверени кадри, изготвување нови софтверски решенија и намалување на трошоците на работење. Со гордост можам да кажам дека АМСМ го зацврсти имиџот на успешна организација кај граѓаните која прави сè за да се приближи до нив со квалитетна и ефикасна услуга.

Компарирањето со кореспондентните клубови е предизвик за развој. Мора во континуитет да се работи и напредува за да се приближиме до позицијата на поголемите европски клубови, како германскиот ADAC, холандскиот ANWB, швајцарскиот TCS, австрискиот ŐAMTC и другите. Самиот податок дека некои европски клубови имаат членство што опфаќа повеќе од 50% од бројот на возилата во државата е нешто кон што се стремиме подолг период. Тоа се држави со изразена култура на живеење, според која, членувањето во автомобилски клуб е неопходност за сигурно и безгрижно патување. Ние упорно работиме на развојот на оваа култура меѓу нашите возачи и со задоволство можам да истакнам дека возачите, соочени со динамиката на модерното живеење, сè повеќе бараат професионална организација на која ќе ù ја дадат довербата за одржување и грижа на возилото.

Со задоволство можам да го истакнам фактот дека благодарение на јасниот курс што АМСМ го одржува за развој на модерен автомобилски клуб е причина на нашиот претседател, проф. д-р Спасе Јовковски, да му се довери функцијата претседател на КОФО (координативен форум на 23 автомобилски клубови на Југоисточна Европа), со мандат од четири години, за координатор на КОФО е избрана м-р Ирена Миновска-Пехливанова, стратегиски менаџер во АМСМ, а, исто така, севкупните стручни работи да ги извршува стручната служба на АМСМ.

АМСМ успеа да го надмине предизвикот што го носат годините анализирајќи ги пазарот и конкуренцијата, со сопствена реорганизација, ангажирање на проверени кадри, изготвување нови софтверски решенија и намалување на трошоците на работење. Со гордост можам да кажам дека АМСМ го зацврсти имиџот на успешна организација кај граѓаните која прави сè за да се приближи до нив со квалитетна и ефикасна услуга.

АМСМ Клуб Мобилити: Да имате тим што на предизвиците им пристапува со ист ентузијазам како и Вие е половина од успехот. Кој е Вашиот совет за вработените? Миновски: Главната премиса на раководството, секако, е лојалноста кон својата фирма. Тоа е императив што честопати не е на преден план, особено кај помладите кадри. Секако противтежа на тоа мора да биде соодветното наградување, подобрување на условите за работа, едукацијата и унапредувањето. Да не заборавиме дека се соочуваме со голема и сериозна конкуренција, а честопати таа успева да навлезе, можеби моментно, кај дефицитарните кадри. Во овој контекст препорачувам отворен разговор со раководството за изнаоѓање можно решение. На тој начин ќе обезбедиме континуитет на многу значајната кадровска политика што е новиот двигател.

АМСМ Клуб Мобилити: Во денешно време тешко може да предвидиме што ќе се случи за една, пет или десет години. Но како што велат: „Ако не мислиш за иднината, не мислиш ни да ја имаш“, па во тој контекст како и каде го гледате АМСМ во иднина? Миновски: Сообраќајот како стопанска групација има значајни промени и може да се рече дека неговиот развој е импресивен. Појавата на хибридни, плаг ин, електрични возила, па и напорите тие да летаат (веќе има успешни прототипови) во наредните години ќе ја обликуваат автомобилската индустрија и, секако, работата на автомобилските клубови. Секако, АМСМ ќе ги следи овие процеси, но факт е дека динамиката на нивното имплементирање ќе биде пропорционално со куповниот потенцијал на нашите граѓани. Развојот на АМСМ во иднина ќе биде во согласност со генералната политика што автомобилските клубови ја дефинираат во ФИА. Куриозитет и предност на АМСМ е што нашите вработени партиципираат во повеќе работни групи на ФИА и имаат можност непосредно да пренесуваат искуства и решенија што нашиот систем ќе ги имплементира со одредена динамика. АМСМ е подготвен и определен да се соочи со предизвиците што ги носи новото време.

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ