СО 2.000 КС ПОД „ХАУБА” LOTUS EVIJA ИМ ФРЛА РАКАВИЦА В ЛИЦЕ НА РЕТКИТЕ РИВАЛИ ОД ОВА ЕКСКЛУЗИВНО ДРУШТВО И ВО ДУХОТ НА НАЈДОБРАТА ТРАДИЦИЈА НА БРИТАНСКАТА МАРКА НУДИ ВОЗНА ДИНАМИКА КОЈА МАМИ НАСМЕВКИ СО СЕКОЈ ИЗМИНАТ КИЛОМЕТАР
Влегувањето на електриката во светот на вртоглавите перформанси ги донесе првите електрични хипер-спортски автомобили, или накусо, хиперелектромобили кои поставуваат нови репери во поглед на моќноста, погонот, управувањето. Една таква ултимативна беснотија на електричен погон доаѓа од Lotus. Марка чие славно минато почива на искуствата стекнати на тркачките патеки и пренесени врз спортските модели познати по централно поставениот мотор, совршениот баланс, извонредната возна динамика и неизмерното задоволство зад волан. Потпирајќи се на своите знаења при создавањето на спортисти со класичен погон Lotus се свртува кон иднината. Од ергелата на оваа славна британска марка сега доаѓа најмоќниот електричен хиперавтомобил на светот. Со 2.000 КС под „хауба” Lotus Evija им фрла ракавица в лице на ретките ривали од ова ексклузивно друштво, но не e само моќноста која се смета или, пак, максималната брзина која за волја на вистината во реални услови тешко и се достигнува. Барем така сметаат во Lotus. Елементите кои отсекогаш биле важни за Lotus се напредната шасија, лесната градба и врвната аеродинамика преточени во возна динамика која мами насмевки со секој изминат километар. Токму на овие принципи почива и Evija.
ВОНЗЕМНИОТ ДИЗАЈН ВОДЕН ОД АЕРОДИНАМИКА
Инспиративна, впечатлива, вонвременска Evija соборува со својот вонземен настап. Со клиренс од 105 mm делува како залепена за подлога додека кабината во облик на капка пропаѓа меѓу мускулестите бедра обвиткани околу тркалата. Без двојби највпечатливиот елемент се вентуриевите тунели продупчени во задникот на Evija кои го насочуваат воздухот низ автомобилот помагајќи ја притоа работата на масивниот дифузор. Иновацијата е инспирирана од тркачите на серијата Ле Ман и кога ќе се види на улица буквално го одзема здивот. Храбриот дизајнерски потег го смалува отпорот на воздухот, а побрзото струење во внатрешниот дел на тунелот, т.н. вентури ефект, обезбедува подобро ладење на задната оска преку жабрите сокриени во него. Двата тунели завршуваат со LED лента која дава уникатен светлосен печат, посебно ноќе кога потсетува на согорувањето кај борбен авион. Сокриени LED ленти ја осветлуваат внатрешноста на тунелите, додека ласерските предни светла сечат низ темнината. Затоа Evija ноќе делува како непознат движечки објект.
Играта со струењето на воздухот низ телото почнува напред. Средишниот отвор од поделениот сплитер носи воздух до батеријата поставена централно во шасија, а страничните отвори кон моторите на предната оска. Жабрите на хаубата го насочуваат воздухот кој нормално оди преку предното стакло кон страниците. Така создаваат поголем негативен потисок кој притиска врз предната оска и обезбедува подобра тракција и попрецизно водење. Одличната аеродинамика профитира и од отсуството на ретровизори. Место нив Evija користи камери кои излегуваат хоризонтално од предните крила кога ќе се отклучи, а за полн поглед одзади поставена е камера на кровот.
ВЕРНИ НА ПРИНЦИПИТЕ ЗА ЛЕСНА ГРАДБА
Evija е изградена околу монокок од карбон-фибер чиј начин на изработка е идентичен со шасиите во Формула 1. Со тежина од 129 kg монококот на Evija е најлесната, непопустлива, најбезбедната и технички најнапредната шасија во историјата на Lotus. Батеријата е поставена зад кабината поточно централно во шасија. Овој пристап, исто како кај спортските автомобили со класичен погон каде моторот е сместен централно, нуди значителна предност во однос на тежинската распределба, аеродинамиката, возната динамика и комфорот. Воедно нуди брз и лесен пристап за сервисирање и замена со алтернативни батерии кои нудат подобри перформанси на тркачка патека. Дури и дизајнот профитира, бидејќи кај Evija батеријата се гледа преку задното стакло. Со капацитет од 2.000 kW литиум-јонската батерија дело на Williams Advanced Engineering е клучот за извонредната моќ од 2.000 КС и 1.740 Nm. Таа храни четири исклучително компактни електромотори од по 500 КС поставени одделно за секое тркало. Заедно со елементите од потпирањето од лесен метал и каросеријата, исто така, изработена од карбон-фибер Evija на вага мери 1.887 kg што е рекорд во овој сегмент.
ПОЛНА КОНТРОЛА ЗА ПОТПОЛНО ЗАДОВОЛСТВО
Системите на Evija се фино калибрирани да понудат врвна возна динамика и на пат, и на патека. Потпирањето доаѓа од светот на мотоспортот. Секоја оска ја контролираат по три хоризонтално поставени амортизери. По еден за секое тркало и третиот кој го контролира навалувањето. Амортизерите се врзани за тркалата преку пушрод систем кој овозможува поголема стабилност и дозволува поголема слобода при дизајнирање на каросеријата. Варијабилното потпирање е дело на специјалистот Multimatic кој ги снабдува и тимовите во Формула 1. Тоа и овозможува на Evija да вози комфорно на пат, но и да има тркачка крутост кога се вози на патека.
Системот за распределба на вртежниот момент варијабилно ја испраќа моќноста кон две, три или четири тркала и во секое време обезбедува максимално ниво на тракција. Дополнително, модусот за на патека Track има можност за сетирање според сопствените потреби на возачот и дозволува да се додаде моќност до одделни тркала зависно од конфигурацијата на патеката. Сетирањето кон кое тркало ќе испрати поголема моќност се прави според радиусот на свијоците на патеката. Така се подобрува тракцијата во свијок и се зголемуваат брзините што резултира во постигнување на подобри времиња по круг.
Управувањето е електрохидраулично. Систем од кој Lotus не се откажува бидејќи нуди најдобар баланс меѓу прецизно водење и испраќање повратни информации кон возачот. Затоа светскиот шампион во Формула 1 Џенсон Батон кој минал доволно километри зад волан на Evija коментира дека е вчудоневиден од нејзината агилност и дека на волан буквално може да се почувствува секое камче преку кое минуваат тркалата. Нешто кое според него се очекува од еден Lotus.
ЕКСТРЕМНИ ПЕРФОРМАНСИ
Без оглед на екстремната моќност, Evija достигнува електронски лимитирана максимална брзина од 350 km/h. Иако некои конкуренти се побрзи, инженерите на Lotus ја создале Evija како возачки настроен автомобил. Затоа многу поважен бил начинот на испорака на моќност, меѓу забрзувањата и можноста за контрола отколку непотребното бркање на максимуми. Така на Evija за да забрза од 100 – 200 km/h и требаат помалку од 3 сек. и помалку од 4 сек. да забрза од 200 – 300 km/h. Воедно и требаат помалку од 9 сек. за од место да улови 300 km/h што е подобро од било кој конкурент. Затоа спринтот од 0 до 100 km/h кој се случува во помалку од 3 сек. и не е толку важен за инженерите на Lotus.
Според Lotus крајната брзина единствено била важна при полнењето на батериите. Evija има батерија која се полни најбрзо на светот. Таа може да прифати полнење од 800 kW, но за жал сè уште на светот не постои полнач со таа јачина. Во колку би имало, полнењето би траело само 9 минути. Со користење на постоечката технологија на полначи со најголема моќност од 350 kW полнењето на батеријата трае 12 мин. до капацитет од 80% и 18 мин. до капацитет од 100%. Автономијата со едно полнење изнесува 402 километри.
Ова ексклузивно парче хиперелектромобил ќе биде произведено рачно во ограничена серија од само 130 примероци. Бројката доаѓа од кодната ознака под која се развивал проектот Type 130. А за да се застане во редот на чекање за овој британски електро ексклузивец е потребен депозит од 250.000 британски фунти. Додека полната цената стартува од околу 2 милиони фунти и оди нагоре зависно од желбите на купувачот. За да не се брза при нарачувањето вреди да се напомене дека сите примероци се продадени.