Претставуваме PORSCHE 911 GT3 RS-БЕСКОМПРОМИСНА ЅВЕРКА СОЗДАДЕНА ДА СОБОРУВА РЕКОРДИ

02/12/2022

НИТУ ЕДЕН СЕРИСКИ АВТОМОБИЛ ДОСЕГА ВО СВОЈОТ ГЕНОМ НЕМАЛ ВПИШАНО ТОЛКУ МНОГУ ТРКАЧКИ ГЕНИ КАКО НОВИОТ PORSCHE 911 GT3 RS. МОДЕЛ КОЈ ВО БУКВАЛНА СМИСЛА НА ЗБОРОТ Е ТРКАЧКИ АВТОМОБИЛ ХОМОЛОГИРАН ЗА ДА ВОЗИ ВО РЕДОВЕН СООБРАЌАЈ

 

Спортското одделение на Porsche воопшто не сакало да калкулира создавајќи ја својата најнова креација 911 GT3 RS. Се чини како да го свртеле редоследот и како од тркач да направиле автомобил хомологиран за на пат. Затоа новиот 911 GT3 RS е една бескомпромисна ѕверка која лесно успеа да постави нов рекорд на Северниот круг на Нирбургринг за автомобили со атмосферски мотор.

Јорг Бергмајстер, поранешен тркач со преку 20 години искуство во сериите GT, двократен победник на 24 часа Леман во својата класа и петкратен шампион во американската Леман серија со Porsche 911 GT3 RSR, кој активно учествувал во развојот на новиот 911 GT3 RS е дециден дека досега ниту еден сериски модел во себе не содржел толку елементи од светот на мотоспортот како 911 GT3 RS. Воедно, овој нов бисер е создаден во чест на 50 годишнината од појавувањето на подеднакво бескомпромисниот тркач 911 Carrera RS 2.7 кој, кога се појави во 1972 година, ја воодушеви светската јавност. Да видиме во што е толку посебен новиот 911 GT3 RS.

 

ОСНОВА НА ТРКАЧКИОТ КОНЦЕПТ

Porsche 911 GT3 RS е бескомпромисен кога се во прашање перформансите. Тука не се мисли само на забрзувањето и на максималната брзина, туку комплетното однесување на патека и способноста да ниже круг по круг без да покаже слабост во ниту еден сегмент од својата конструкција. Основата на тркачкиот концепт се сокрива во централно поставениот ладилник што како идеја беше употребена кај победникот на Леман, 911 GT3 RSR. Тој е поставен под предната хауба каде стои багажникот кај обичниот 911 кој користи три одвоени ладилници. Ослободениот простор во страниците е искористен за интегрирање на активните аеродинамични елементи. Континуирано прилагодливите елементи на крилцата во предниот дел и дводелното задно крило кое е повисоко од кровот можат да го менуваат аголот со команди одвнатре.

Во комбинација со другите аеродинамични додатоци зад тркалата, на калниците, задниот дифузор и посебно профилираниот под, се обезбедува вкупен „downforce” од 409 kg при 200 km/h, и 860 kg при 285 km/h што е три пати повеќе од 911 GT3. При силно сопирање цела аеродинамика се претвора во воздушна сопирачка помагајќи им на дисковите од карбон-керамика. Вентилирани и бушени, дисковите мерат 410 х 36 mm напред и 390 х 32 mm назад. Сопирачките клешти се фиксни со шест клипови напред и четири клипови назад. Бандажите се од кована легура со централна навртка и обуени се во гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 R со димензии 275/35 R20 напред и 335/30 R21 назад.

 

ТРИ МОДУСИ ЗА СЕКОЈА ПРИЛИКА

Дури и подвозјето е конструирано во насока на подобрување на аеродинамиката. Водилките на предната оска имаат облик на капка и се среќаваат во Формула 1. Тие обезбедуваат дополнителен „downforce” на предната оска од 40 kg. Преработени се комплетно и предната и задната оска во однос на 911 GT3, a и трагата е поширока за 29 mm. Активното управувањето на задната оска дополнително го стабилизира возилото при високи брзини во свијок.

Во игра се три возачки модуси: Normal, Sport и Track. Последниот дозволува индивидуално местење на повеќе параметри: компресијата и повратната сила на амортизерите независно напред и назад, местење на активната аеродинамика и на диференцијалот. Сето ова се одвива преку вртливи команди на волан, а се прикажува на дисплејот од инструментите кои имаат опција за редуцирање на бројот на прикажани информации како кај вистинските тркачи.

 

 СИЛЕН УДАР ОД ВИСОКОТУРАЖНИОТ БОКСЕР

Перформансите примарно се долг на високотуражниот шестцилиндричен боксер. Навиен да се врти до 9.000 min-1 овој 4.0 литарец силно удира по грбот дури и на најмалото притискање на педалот за гас. Остварува 525 КС при 8.500 min-1 и 465 Nm при 6.300 min-1. Значителниот раст на моќноста, гладот за вртежи и брзиот одзив се добиени со поставување на брегасти оски со поостар профил и крути подигнувачи на вентилите. Спарен со седумстепениот менувач PDK со куси преносни односи боксерот му овозможува на 911 GT3 RS да се катапултира од место до 100 km/h за 3,2 секунди, да улови четвртина милја за 10,9 секунди и да спринтне од 80 – 120 km/h во само 1,8 секунди. Максималната брзина од 296 km/h се достигнува во највисокиот седми степен.

Ниската тежина од 1.450 kg е достигната со користење на карбон-фибер за хаубата, вратите, крилата, кровот, па дури и за седиштата кои всушност претставуваат тркачки кади преслечени со алкантара. Ентериерот е спортски преслечен со црна кожа и алкантара и инсерти од карбон-фибер. Од овој лесен и цврст материјал е направена и внатрешната заштитна преграда која ги чува возачот и совозачот во случај на превртување.

 

ВО ЧЕСТ НА CARRER RS 2.7

Со новиот 911 GT3 RS, Porsche оддава почит и ја прославува 50 годишнината од појавувањето на првиот модел на марката со ознака RS. Ознака која до ден денешен се врзува со сите сериски тркачи на марката. Првиот RS модел на Porsche се појави во 1972 година и важеше за идеал на врвни перформанси. Станува збор за легендарната 911 Carrera RS 2.7 чиј карактеристичен настап со интегриран спојлер на капакот од моторот останува врежан во историјата како прекален спортист наменет за секојдневна употреба. Токму кон овој идеал се стреми, а можеби и го надминува оваа актуелна бескомпромисно тркачка ѕверка.

СОЗДАДЕН ДА СОБОРУВА РЕКОРДИ

Прва работа што стоеше на агендата на спортското одделение на Porsche беше да се постави нов рекорд за автомобили со атмосферски мотор на Северниот круг на патеката Нирбургринг, кого познавачите го нарекуваат „Зелениот пекол”. Воден од сигурната рака на исклучителниот познавач на патеката и тест возач Јорг Бергмајстер 911 GT3 RS го сврте кругот во должина од 20,8 километри за 6:49,328 минути што е за 10,6 секунди подобро од времето на неговиот посмирен брат 911 GT3. Без оглед на лошите временски услови со силен ветер во чело на долгиот правец на висорамнината Дотингер, каде се постигнува највисоката брзина и се задржува најдолго, и на ладниот асфалт, 911 GT3 RS едноставно блескаше и постави нов репер кого конкурентите треба да го достигнат.

Оттука се раѓа и копнежот за поседување на еден ваков бескомпромисен легален тркач. Секако за сите оние кои можат да го реализираат својот копнеж Porsche веќе ги отвори списоците за нарачка, а со отворањето доаѓа и најавата за почетна цена. Во Германија таа стартува од 229.517 евра без вкалкулирани давачки.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ