Peugeot 2008 GT-Line 1.2 Pure Tech 130 HP-Лавот претендира на врвот

29/10/2020

ЕДЕН ОД НАЈИНТЕРЕСНИТЕ МОДЕЛИ ВО КЛАСАТА ИГРА НА КАРТАТА КОЈА ГО СПОЈУВА ДИЗАЈНОТ НА НАДВОРЕШНОСТА, ВОНСЕРИСКИОТ ГАБАРИТ НА КАБИНСКИОТ ПРОСТОР, ВИСОКАТА ТЕХНОЛОГИЈА И СЕКАКО ОДЛИЧНАТА МОТОРИЗАЦИЈА. СИТЕ ЕЛЕМЕНТИ СЕ ВНИМАТЕЛНО СПАКУВАНИ ВО ПАКЕТ ШТО ГО ПРАВАТ PEUGOET 2008 МНОГУ СЕРИОЗЕН ИГРАЧ ВО КЛАСАТА КОЈА Е ПРЕПЛАВЕНА СО ИЗВЕДБИ ОД РЕЧИСИ СИТЕ АВТОМОБИЛСКИ МАРКИ.

СТИЛСКА ДОРАБОТКА НА ОДЛИЧНИОТ ДИЗАЈН Компактниот SUV и кросовер сегмент е зоната каде што се одвиваат најголемите активности во автоиндустријата. Поттикнати од успехот кој го постигнаа со првата генерација одговорните лица од Peugeot својот потенцијал го прикажаа при создавањето на новата генерација на моделот 2008. Модата може да има многу форми, особено кога станува збор за дизајнот во светот на автомобилите, но во случајов, французите го покажуваат својот максимален потенцијал. Визуелниот идентитет прави да наликува на поголемиот 3008, но моделот 2008 оди чекор понапред и игра доста похрабро во тој поглед. Одговорниот за стилизирање на надворешноста во Peugeot на моделот 2008 му подарува јак сопствен карактер и уникатен лик, особено на предната страна каде што целото осветлување се карактеризира со канџи и дневни светла кои длабоко навлегуваат во предниот браник. Странично се откриваат острите триаголни потези кои се протегаат на каросеријата над тркалата и се спојуваат на средината каде формираат единечна линија која ги поврзува предните и задни врати на автомобилот. На задниот дел, црно обоениот дел од браникот се придружува на светлосните кластери за да ја истакне ширината на автомобилот. Вреди да се напомене дека во GT-Line пакет на опременост како моделот што ни беше отстапен на тест каросеријата доаѓа обоена во две нијанси, алуминиумските тркала се со поголем пречник, решетката на ладилникот е изведена во темен хром, а куќиштата на ретровизорите се во сјајна црна боја. Севкупно гледано, третманот на надворешноста го постигнува посакуваниот ефект преку кој моделот 2008 наметнува сопствени правила во високо конкурентниот сегмент.

НАПРЕДНА ТЕХНОЛОГИЈА И ПРОСТРАНА КАБИНА Внатрешноста на моделот 2008 користи решенија кои што сме ги сретнале во поновите модели од гамата на Peugeot, сепак сè е подигнато на едно ниво погоре, користените материјали и завршната обработка го сместуваат 2008 во врвот од класата. Главната улога пред возачот ја игра новиот i-Cocpit во 3D изведба. Преку овој концепт е овозможено сите најважни информации да бидат прикажани во прв план како холограм, а секундарните да бидат во позадина. Неговата можност за персонализација дозволува повеќе опции на приказ со што е загарантирано дека во секое време ќе ги имате најважните податоци на увид. Вториот екран кој доминира со внатрешното опкружување е задолжен за инфозабавниот систем, како што е општо прифатена пракса истиот се поврзува со системите на мобилните телефони од типот на Apple Car Play и Android Auto. Бројот на хардверски копчиња и прекинувачи во кабината е сведен на минимум, командувањето со сите примарни елементи е изведено преку клавирските типки кои се користат како кратенки за брз пристап до избраната функција. Системот делува интуитивно и не е комплексен за употреба при управување со возилото, единствено за што треба да размислат од Peugeot во иднина е враќањето на командите за климатизација како засебни „хардверски“ прекинувачи. Зголемените габарити особено во должина најдобро се отсликува во кабинскиот простор. Со оваа конфигурација најголемиот бенефит го уживаат патниците на задната клупа кои добиваат далеку повеќе простор во сите правци, а тука е и делот предвиден за багаж кој поседува волумен од максимално искористиви 434 литри кога задните седишта се во функција.

МАКСИМАЛНА РАФИНИРАНОСТ Понудата кај моделот 2008 со бензински погон се базира на еден од најдобрите трицилиндрични единици во моментов, кој од зафатнина еднаква на 1.2 литри помогнат со турбо полнач овозможува три верзии на моќност: 100 КС, 130 КС и единствено во GT изведба со 155 КС. Сите двигатели од понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови кои ги исполнуваат Euro 6 d-Temp нормативите. Тестираниот примерок беше опремен со верзијата која располага со 130 КС што својот максимум го нуди при 5.500 врт мин додека, пак, целосниот вртежен момент става на располагање веќе од 1.750 врт/мин, истата работи во спрега со исклучително добро пресметан 6 брзински мануелен менувач. Овој француски пар во зависност од потребите на возачот нуди избор за начини на возење: Eco и Normal, но запомнете, во ниту една комбинација 2008 не нуди погон на сите тркала, едноставно таа опција е целосно исклучена како и кај повеќето конкурентски модели. Карактерот што ја поседува оваа верзија на агрегатот се наметнува како идеална опција за оние кои освен економичност сакаат повремено да се препуштат на забавниот дел од управувањето. Малиот агрегат повлекува моќно и без размислување во секоја прилика, работи доста куптивирано без разлика дали сте на ниски, или, пак, го носите во високи вртежи, речиси комплетно се анулирани вибрациите кои инаку се одлика на трицилиндричните мотори. Потрошувачката која ја постигнавме за време на нашето дружење се движеше за нијанса над 8 литри на секои 100 изминати километри. Веруваме дека доколку бевме малку повеќе упорни, сигурно таа ќе беше барем за 1 литар помалку. Перформансите што ги поседува 2008 ги задоволуваат потребите за секојдневно урбано возење, а воедно придонесуваат за комотно управување на брзи делници кога се патува на долги дистанци. Забрзувањето до 100 км/ч трае 8.9 секунди, а брзиномерот запира на максимални 198 км/ч. Возните карактеристики и потпирањето се далеку над очекувањата, малиот кросовер се управува повеќе како автомобил отколку како SUV. Со оваа моќност на мотор и сетирање на суспензија моделот 2008 делува доста рафинирано во возењето, на моменти дури и позабавно од очекуваното, што секако е предност пред повеќето од конкурентските модели.

 

 

 

МОТОР ТРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО БЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА 1.199 цМ3
МОЌНОСТ 130 КС
ПРИ 5.500 ВРТ/МИН
МЕНУВАЧ 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН
ПОГОН НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊА НА ТРКАЛА НАПРЕД – MCPHERSON
ПОЗАДИ – MULTI LINK
СОПИРАЧКИ НАПРЕД – ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
ПОЗАДИ – ДИСКОВИ
ГУМИ НАПРЕД 215/55 R18 
ПОЗАДИ 215/55 R18
1.192 КГ
ДИМЕНЗИИ : Д/Ш/В 4.300 Х 1.770 Х 1.453 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч 8.3 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА 5.5 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА БРЗИНА 198 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ  24.390 €

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ