БРИТАНСКИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ ГО ОТКРИ ЦЕЛОСНО НОВИОТ DB12, КОЈ НА ПАЗАРОТ ЌЕ ПОНУДИ АВТОМОБИЛ ШТО ОТВОРА СОСЕМА НОВО ПОГЛАВЈЕ СО ЗНАЧИТЕЛНО ПОГОЛЕМА МОЌНОСТ, ПОДОБРА ДИНАМИКА И УШТЕ ПОВИСОКО НИВО НА УДОБНОСТ ВО ВНАТРЕШНОСТА
Aston Martin воведува нова ера на луксуз и перформанси со целосно новиот DB12, кој се смета за „првиот светски Super Tourer“. Дизајниран за да ја прослави 110-годишнината на брендот, моделот во суштина претставува обемен и драстичен фејслифт на DB11, кој беше претставен во 2016 година. Сепак, тоа воопшто не го намалува впечатокот бидејќи ажурирањата се многу поголеми од вообичаените стилски измени.
Почнувајќи со екстериерот, DB12 е веднаш препознатлив бидејќи јасно потсетува на својот претходник, моделот DB11. Сепак, има неколку промени, вклучувајќи нов преден браник и поголема решетка. Ним им се придружуваат изразениот сплитер и еволутивните LED светлосни групи. Моделот има и нов поклопец на моторот како и ревидирана значка на Aston Martin.
Ним им се придружуваат нови тркала од 21 инчи, кои се 8 килограми полесни од 20-инчните тркала што се наоѓаат на DB11. Тркалата се обвиткани во специјално развиени гуми Michelin Pilot 5Ѕ, кои имаат инсерти од полиуретанска пена за поништување на бучавата, кои ветуваат дека ќе го намалат количеството на бучавата на гумите која стигнува во кабината за дополнителни 20%.
ЕНТЕРИЕР ОД НОВОТО ВРЕМЕ
Иако надворешноста несомнено потсетува на DB11, истото не може да се каже за кабината бидејќи тука унапредувањата и промените се драстично поголеми. Возачите седат зад нов управувач и гледаат во модерен дигитален инструмент кластер.
Во центарот се наоѓа целосно нов 10,25-инчен инфозабавен систем, кој има Android Auto и Apple CarPlay, како и 4G конекција, гласовен асистент и поддршка за безжични надградби на оперативниот систем. Се чини дека е огромно подобрување во однос на претходниот инфозабавен систем кој доаѓаше од Mercedes, а се чини дека е и многу полесен и поинтуитивен за ракување.
Покрај екраните, тука е и пловечката централна конзола и нова контролна табла со тенки отвори за воздух. Моделот има и минималистички менувач, нова разводна опрема и поквалитетни материјали. Возачите, исто така, ќе најдат ротирачки контролер, кој овозможува лесен пристап до петте различни режими на возење.
Аудио системот со 11 звучници доаѓа стандардно, но клиентите можат да го надградат на врвниот аудио систем Bowers & Wilkins со 15 звучници. Кога станува збор за опциите, има седишта Sports Plus и Carbon Fiber Performance, како и облоги од алуминиум, дрво или карбон.
БРИТАНЕЦ СО ГЕРМАНСКО СРЦЕ
Под предниот поклопец се наоѓа 4.0-литарски V8 битурбо од Mercedes кој произведува 680 КС и вртежен момент од 800 Nm. Тоа е огромен пораст во однос на DB11, кој имаше 535 КС и 675 Nm вртежен момент. Новиот V8 е, исто така, помоќен од претходниот битурбо 5,2-литарски V12, кој развиваше 639 КС и 700 Nm вртежен момент.
Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач, кој му овозможува на моделот да забрза од 0 до 100 км/ч за 3,6 секунди пред да постигне максимална брзина од 325 километри на час. За да се стават овие бројки во перспектива, на DB11 V8 му беа потребни „цели“ четири секунди за да стигне до 100 км/ч и максимално достигнуваше 309 км/ч. Исто така, DB11 V12 од место до „стотка“ стигнуваше за 3,7 секунди пред да достигне максимални 334 км/ч.
Покрај новиот мотор, DB12 е поставен и на обновената шасија која е 7% поцврста благодарение на подобрувањата и модификациите направени во предниот дел на автомобилот. Надградбите не завршуваат тука бидејќи моделот е опремен со електронски диференцијал кој го ограничува пролизгувањето и обновен систем на потпирање, која има поцврсти рол барови, како и нови приспособливи амортизери.
Заокружувањето на главните точки се подобрениот електронски систем за контрола на стабилноста и штелуваниот засилувач на сопирачките. Кога станува збор за сопирачките, како опција ќе биде достапен карбон-керамички систем за сопирање и заштедува дури 27 кг на тежина а, исто така, нуди намалено губење на силата на притисок на при сопирање доколку автомобилот се користи на патеката.
Компанијата на своите клиенти го нуди DB12 во комбинација со многу опции за каросеријата и пакети за ентериерот. Сепак, доколку некој посака комплетна индивидуализација на автомобилот може да се нарача по сопствени спецификации за кои се одговорни лицата од одделот „Q by Aston Martin“ чија задача е да остварат желбите и на најпребирливите купувачи.