СО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА УНИКАТНИТЕ МОДЕЛИ КУПЕТО INVENICIBLE И РОДСТЕРОТ AUTENTICA, LAMBORGHINI НА СОВРШЕН НАЧИН ЈА ИСПРАЌА ЕРАТА ВО КОЈА ВЛАДЕЕЈА УЛТИМАТИВНИТЕ СПОРТИСТИ ЗАДВИЖУВАНИ ОД СТОЛБОТ НА УСПЕХОТ НА МАРКАТА, ПРОСЛАВЕНИОТ V12
Завршува ерата на суперспортските автомобили на Lamborghini задвижувани единствено од прославениот централно поставен и биковски моќен атмосферски V12. Ера на слава која наскоро ќе ја замени нова генерација чиј знаменосец ќе има хибриден погон. Во исчекување на првиот хибриден суперспортист, марката чие лого го краси разјарен бик одлучи на за неа уникатен начин да му оддаде почит на надолжно-назад (Longitudinale Posteriore – LP) поставениот V12. Станува збор за два уникатни автомобили, два единствени примероци на купе и на родстер чија вредност ќе биде бесценета. Изложени во музејот на Lamborghini ќе имаат чест да бидат круна која го слави крајот на една ера. Купето го носи името Invencible, a родстерот Auténtica. Автомобили кои на најдобар можен начин го нагласуваат геномот на Lamborghini како марка способна да стави ексклузивен акцент на персонализацијата, мамејќи ги клиентите да се обраќаат со желба да добијат сопствена уметничка креација на четири тркала со врвни перформанси.
И двата уникати се изградени врз платформата на знаменосецот на Lamborghini, моделот Aventador кој заминува во пензија. Односно со него го делат истиот монокок од карбон-фибер проектиран и изработен во сопствените погони на Lamborghini во Сент`Агата Болоњезе. Комплетно од карбон-фибер е изработена и каросеријата на двата суперспортисти, а секој елемент е скроен според дизајн и технологија кои се тестирани и докажани од Lamborghini во светот на мотоспортот.
Во Сент`Агата Болоњезе се горди на Invencible и Auténtica бидејќи и двата модели се дизајнирани во Lamborghini Centro Stile откривајќи ја врвната креативност на овој оддел преку посветеноста дури и најмалите детали да бидат осмислени до перфекција. Но, и заради способноста на Lamborghini да создава платформи како оваа V12 која е на заминување, а сепак сѐ уште нуди максимални можности за развој на креативноста. Затоа одлучивме да ги претставиме Invencible и Auténtica, и да видиме што е тоа што ги прави овие две ексклузиви толку ексклузивни.
ОСВРТ КОН РЕМЕК-ДЕЛАТА НА LAMBORGHINI
Нема двојби дека Invencible и Auténtica се дизајнерски ремек дела сами по себе, но она што тие го претставуваат е осврт кон сите дизајнерски ремек дела од славното минато на Lamborghini. Овие два уникати оддаваат почит кон целиот опус од историјата на оваа италијанска одгледувачница на змееви. Стилскиот центар на Lamborghini горд на својот труд од минатото буквално ни открива од кои модели се влечени дизајнерски елементи и се имплементирани во Invencible и Auténtica.
Големото задно крило не води во насока на моторпостот и кон ексклузивниот претставник на лесната градба моделот Sesto Elemento, заедно со специфичните отвори за довод на воздух на предната хауба својствени само за него. Понатаму во двата уникати се препознава уникатниот аеронаутички стил кого Lamborghini го протна на голема врата со прекрасниот Reventon. Идеалот за перфекција во аеродинамиката, реткиот Veneno, исто така, бил инспирација при влечење на дизајнерските потези вметнати во Invencible и Auténtica. А најсилен печат се чини оставил моделот Essenza SCV12 од кого како буквално да е земена на заем единствената впечатлива хауба заедно со нагласениот преден сплитер создаден да го насочува воздухот на најефикасен можен начин кон потребните системи.
ШЕСТАГОЛНИКОТ КАКО МОТИВ
Модерниот дизајнерски стил на Lamborghini почива врз шестаголникот како мотив. Дизајнерите успеале упадливо, но сепак хармонично да го интегрираат во најважните визуелни елементи на автомобилот. Почнувајќи од маркантните светлосни групи украсени од светлечки диоди и напред, и назад, до впечатливиот централно поставен троен издув чии цевки завршуваат со шестаголни украси од специјален високо-легиран челик наречен Inconel кој најголема примена има во аеро индустријата.
Покрај екстериерот шестаголникот како стилски мотив се повторува и во ентериерот на Invencible и Auténtica. Во кабината доминираат чисти површини украсени со вкусно избрани контрастни детали. Минималистичкиот пристап кој влече корени од мотоспортот совршено прилега на беснотилакот кој врие и во двата модели. Пред возачот нема многу копчиња и екрани кои би му го одвлекувале вниманието. Само основното. Екран на местото од класичните инструменти и неколку копчиња на централниот гребен. Комбинацијата од карбон-фибер, кожа и алкантара ја претвора кабината во благородно место за престој без оглед на минимализмот.
Купето Invencible е лакирано во т.н. Rosso Efesto лак со контрастни детали од карбон-фибер. Специјална боја Rosso Mars е искористена за сопирачките клешти кои се сокриваат зад тркалата со една навртка. Во кабината елементите од карбон-фибер совршено прилегаат со црната алкантара и контрастната кожа Rosso Alala. Додека ситните детали се изведени во оригиналната боја Rosso Efeto.
Родстерот Auténtica дели слична приказна. Телото е лакирано во сив титан лак, или Grigio Titans, додека останатите детали со вo црна боја Matt Black, но и во жолта Giallo Auge во која се обоени и сопирачките клешти. Внатрешноста на родстерот кој ветува возење со ветар во коса е идентична со кабината на купето, единствено акцентите се во посакуваната жолта боја на Lamborghini.
СУРОВАТА МОЌ НА БРУТАЛНИОТ V12
Invencible и Auténtica, се буквално последните модели создадени од Lamborghini кои ги задвижува брутално моќниот 6.5 литарски V12 сместен надолжно во задниот дел од автомобилот веднаш зад кабината. Invencible и Auténtica се и последниот поздрав за оваа славна енергана на Lamborghini со сурова моќ. Ова последно издание на прославениот V12 испорачува 780 КС при 8.500 min-1 и максимален вртежен момент од 720 Nm кои се остваруваат на 6.750 min-1. Моќноста се испраќа до сите четири тркала преку седумстепената роботизирана менувачка кутија ISR што ветува извонредна возна динамика. Покрај погонот на четири тркала Invencible и Auténtica имаат и управување на четири тркала кое ги прави исклучително агилни во тесни свијоци. Туркани од бруталната моќ на V12 Invencible и Auténtica се катапултираат од место до 100 km/h за едвај 2,8 секунди и ловат максимални 355 km/h. Масивните сопирачки апарати, пак, им помагаат да ја совладаат дисциплината од 100 km/h до целосно застанување во само 30 m.
Invencible и Auténtica доаѓаат токму на време за да го испратат неговото височество V12 во алејата на славните машини, но и за да ја дочекаат новата хибридна ера во Сент`Агата Болоњезе.