15 ГОДИНИ КЛУБ МОБИЛИТИ

15/06/2022

ЧЕСТИТ ЈУБИЛЕЈ!

 

Петнаесетгодишнината од првиот број на „Клуб Mобилити“ претставува значаен јубилеј на списанието што континуирано разгледува теми од различни области, советува и информира, забавува и предупредува, расте и се развива. Прелистувајќи ги страниците на првите броеви, потоа на следните, најновите, може да се забележи дека секое интервју, тема, информација или занимливост од светот на автомобилизмот, автомото спортот, безбедноста на патиштата, опфаќаат широка читателска публика.

Во нашето списание има рубрики, во кои се опфатени новините во сообраќајната инфраструктура, измените на законските прописи или состојбата и проодноста на патиштата во Македонија и во другите држави како потсетник за возачите и за моторизираните туристи-наши членови, со единствена цел патувањето да им биде побезбедно и попријатно. Со пишаниот збор се обидувавме да влијаеме едукативно, особено кај помладите возачи и да придонесеме во подигнувањето на сообраќајната култура на нашите патишта. Да се создадат, обмислат, креираат и организираат 150 броја на едно списание е навистина обемна и тешка работа, но претставува вистинско задоволство и чест да се биде негов главен и одговорен уредник.

Редакцијата на „АМСМ Клуб Мобилити“, со своите внатрешни и надворешни соработници, ја создаваше неговата душа, неговиот начин на комуникација со членовите. Упорната и квалитетна работа на редакцијата се отсликуваат во „АМСМ Клуб Мобилити“ со секое ново издание. Нашите членови имаат привилегија да добиваат по четири бесплатни печатени примероци, како и шест изданија во електронска форма. За тоа колку едно списание е успешно најмногу говори тиражот од 15.000 примероци, што за медиум од ваков вид е многу значајно.

Плановите и целите за иднина се секогаш големи, има уште многу да се направи, но тоа ќе биде предизвик за идно време. За нас ќе биде најважно и во претстојните години да ја оствариме основната цел на „АМСМ Клуб Мобилити“, со збогатени содржиниа да го задржиме вниманието на нашите членови, да бидеме доследен репрезент на сите случувања во сферата на сообраќајот, но и да добиеме нови читатели, а со тоа и нови членови на АМСМ. Се надевам дека ќе имаме можност заедно да сведочиме на многу годишнини и јубилеи на „АМСМ Клуб Мобилити“.

Следното издание на „АМСМ Клуб Мобилити“ очекувајте го во јули 2022 година, во електронска верзија на вашата меил адреса и на нашата веб-страница www.amsmklubmobiliti.mk.

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ