Светско првенство во мотоциклизам-ХОРХЕ МАРТИН ЈА КОМПЛЕТИРАШЕ СЕНЗАЦИЈАТА ВО МОТО ГП

27/12/2024

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД, ХОРХЕ МАРТИН ВОЗЕЈЌИ ЗА ПРИВАТНИОТ ТИМ ПРАМАК И КОРИСТЕЈЌИ ОГРАНИЧЕНИ РЕСУРСИ УСПЕА ДА ИМ ОДРЖИ ЛЕКЦИЈА НА ГОЛЕМИТЕ ФАБРИЧКИ ТИМОВИ И ДА ВЛЕЗЕ ВО ДУЕЛ ЗА ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА НА ПОСЛЕДНАТА ТРКА, ОВОЈ ПАТ СО ПОБЕДНИЧКА ЗАВРШНИЦА

 

Хорхе Мартин е новиот светски првак во мотоциклизам, кој успеа да стигна до овој наслов возејќи за сателитскиот тим Прамак, користејќи машинерија на Дукати, при што главни ривали му беа возачите од официјалниот фабрички тим на италијанската марка, како и поранешниот осумкратен првак Марк Маркез кој исто така вози за сателитскиот тим Гресини и има на располагање мотор.

По низа перипетии околу елементарните непогоди и поплавите кои го зафатија регионот на Валенсија, каде што требаше да се вози последната трка од Светското првенство во мотоциклизам, организаторите се одлучија за промена на локацијата и за одржување на настанот во Барселона. Иако ваквото сценарио отвори пат за многу шпекулации, сепак контроверзите останаа на страна: Франческо Бањаја под притисок извојува две важни победи, во спринт саботната трка и во неделната главна трка, но благодарение на предноста од 24 бода, Хорхе Мартин парираше со две трети места во истите трки и на крајот успеа да го оствари сонот што му беше на дофат и минатата година.

– Научив да си верувам повеќе на себе. Во минатото бев личност со многу дилеми, бев мошне негативен како дете. Кога се натпреварував во купот на дебитантите, мислев дека нема да успеам да стигнам до светското првенство. Малку по малку почнав да си докажувам на себе дека сум способен да ги остварувам тие цели. Оваа година верував во себе пред да ја освојам титулата. Во минатото морав да освојам нешто за да се убедам себеси дека сум способен, а сега верував дека сум способен пред да го освојам. Тоа е нешто што ќе го практикувам и во иднина,- рече Мартин во интервјуто за специјализираниот портал „Моторспорт“.

Во истото интервју, тој исто така посочи дека користењето на услугите на психолог му помогнало во кампањата и дека неговото искуство е позитивно.

– Некои луѓе мислат дека користењето психолог е знак на слабост, а во суштина тоа е сосема спротивно, јас на тоа гледам како доказ за силата бидејќи тоа покажува дека нештата ќе се подобрат. Никој не е совршен, сите имаме слабости кои што можеме да ги подобриме. Психологот не е некој што може да ти наштети. Сè што тие прават е да ни дадат на располагање алатки што самите ќе одбереме како да ги употребиме, доколку сакаме да ги употребиме.

Коментирајќи ги наводите кои потекнаа од изјавата на Бањаја, дека ова е „сезона на грешките“, при што оној со помалку грешки ќе стане светски првак, новиот шампион го откри својот пристап.

– Знаев да им дадам исто значење на спринт трките во саботите и на главната трка во неделите. Многумина од возачите на крајот од годината „ја платија цената“ за лошите перформанси во саботните спринтови, додека јас добивав. Севкупно имав четири нули од можни четириесет, додека Пеко имаше осум или девет. Секогаш може да се подобриш. Според мене тоа е она што ја одлучи титулата. Пеко е еден од најдобрите возачи во историјата, а тоа не е само поради бројките. Тој го надмина Стонер, којшто е еден од петтемина најдобри возачи некогаш. Сега јас го победив него со истиот мотор, но не знам каде ме сместува тоа. Имам освоено по еден подиум на секои три трки, броејќи ги и настапите со Махиндра и во Мото 2. Ќе видиме што ќе се случи во 2025 кога ќе имам поинаков мотор,- вели Мартин, кој беше принуден да се префрли во Априлија откако Дукати објави дека ќе му даде шанса на Марк Маркез.

Од своја страна, Бањаја рече дека е задоволен од сезоната во која постигна свој личен рекорд според бројот на победи, но дека ќе мора да се промени во иднина.

– Мора да ги разберам подобро некои ситуации, затоа што во три случаи бев елиминиран од трката од други возачи. Исто така имав проблеми со моторот, а четири пати излетав заради ситници. Јас сум возач кој никогаш не се предава, но време е да размислам и да завршам петти или четврти, отколку да паднам. Мора да се подобрам и ќе се обидам да го направам тоа идната сезона.  Хорхе оваа година покажа дека понекогаш е подобро да биде престигнат и да заврши втор, отколку да се бори за победа. Тој направи фантастична работа, ја заслужи титулата,- оцени Франечско „Пеко“ Бањаја.

На крајот од сезоната, Мартин собра 508 бода, а Бањаја 498 поени. Првите луѓе на „Дукати“ се одлучија да му дадат предност на Марк Маркез кој на крајот успеа да биде трет со 392 бода, само шест повеќе од Енија Бастијанини, вториот возач на фабричкиот тим од Борго Панигале.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку имал фабричка поддршка и оваа година би можел да атакува на титулата, Шпанецот одговори одречно.

– Не можам да одговорам потврдно на тоа прашање. Хорхе и Пеко имаа одлична сезона. Јас не би ја освоил титулата бидејќи не беше најдобар момент за борба. Можеби ќе бев за нијанса поблиску во поените на крајот од годината, но секако немаше да победам.

Идната сезона предвидено е да стартува со трката во Тајланд на 2 март, а веднаш по неа се очекува и враќањето на Аргентина како организатор со трка на 16 март.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ