Претставуваме DONKERVOORT F22-ЗА БУДЕЊЕ НА ДЕТЕТО ВО ВОЗАЧОТ

25/01/2023

СОЗДАВАЊЕТО НА ИСКРЕНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ КОЕ СО СЕКОЈ МЕТАР МИНАТ ЗАД ВОЛАН ПОСТОЈАНО ЈА РАЗГОРУВА ВРСКАТА МЕЃУ ВОЗАЧОТ И АВТОМОБИЛОТ Е СТРАСТ КОЈА МОЖЕ ДА ЈА ПОНУДИ САМО DONKERVOORT F22

 

Водена од идејата да создава автомобили кои го менуваат животот на луѓето преку врвно сетилно возачко доживување, холандската одгледувачница на змееви Donkervoort претставува реткост во денешната глобална трка насочена кон масовност. Точно, името е ретко, можеби и непознато за оние кои помалку се зафатени од грозницата наречена октанска зависност но, иако ретко, тоа блеска како фино избрусен дијамант во сегментот на суперспортските автомобили. Единствената филозофија да го сервисира и дава поддршка на секој еден примерок кој некогаш излегол од неговата мануфактура, која за волја на вистината, повеќе личи на создавање филигран, е уште една посебност на Donkervoort што, исто така, се вбројува во реткост.

Создавањето на искрено возачко доживување кое со секој метар минат зад волан постојано ја разгорува врската меѓу возачот и автомобилот е страст која пред 45 години со својот прв модел ја зачна Jооп Донкерворт. Страст која ја продолжува неговиот син Денис од кого произлегува новиот Donkervoort F22. Модел создаден од бел лист хартија кој нема ниту една конструкциски допирна точка со својот претходник D8 GTO. Но, затоа не напуштајќи ги гените на семејното стебло претставува ултимативна возачки ориентирана машина.

 

ТАЈНАТА НА ЛЕСНИНАТА

Според Donkervoort тајната на успехот се сокрива во леснината. Колку помала тежина се носи, толку помала тежина е потребно да се сопре, да се сврти, да се забрза. Инерциските сили полесно се контролираат и доживувањето зад волан се чувствува поинтимно, посетилно. Згора потребно е и помалку гориво за сето тоа да се случи. И ете! Опусот нa филозофијата за леснина е Donkervoort F22 набиен со 500 КС способни буквално да си поигруваат со тежина од само 750 килограми. Или, 1,5 килограми на 1 КС. Сооднос кој повеќе задира во сферата на мотоциклите отколку меѓу автомобилите. Но, тоа е Donkervoort.

F22 е изграден околу ултра-цврста хибридна шасија која вклучува спој на челични цевки со делови од Ex-Core карбон-фибер сендвич систем. Иновативниот процес наречен Ex-Core е дело на Donkervoort кој покрај за себе, прави делови и за во Формула 1 и за други производители на спортски автомобили. А го користат и производителите на тркачките прекуокеански јахти.

Хибридната шасија на F22 иако полесна има торзиска цврстина од 40.000 Nm врз степен или два пати повеќе од D8 GTO, што ја подобрува пасивната безбедност и прецизноста на подвозјето дури и при најголеми напрегања. И, ако D8 GTO важи за првиот автомобил кој ја минал границата на странично забрзување во свијок од 2G, F22 лесно успева да достигне 2,15G што само по себе говори за способноста на овој супер спортист долг 4.039 mm, широк 1.912 mm и висок 1.105 mm.

 

СПРЕМЕН ЗА ПАТ И ЗА ПИСТА

Истражувањето на крајните граници на F22, иако предизвик, се одвива прилично лесно благодарение на активното подвозје кое покрај цврстата шасија е вториот виновник за неверојатното држење на пат. Активното подвозје e новина која за прв пат наоѓа примена во еден Donkervoort и дозволува лесно префрлање меѓу сетапот за на пат и сетапот за на тркачка патека. Така F22 лесно минува од смирена и комфорна нота при возењето во тркачка солидност која ги исполнува и најфренетичните барања на возачот со едноставно вртење на копче во кокпитот. Дури има опција да ја менува висината од подлогата, односно ја спушта шасијата за 35 mm што е нужно за на писта. Нешто кое во минатото, дури и кај D8 GTO, се правеше рачно.

Сопирачките доаѓаат од специјалистот AP Racing и штедат 10 kg во однос на оние кои ги носи D8 GTO. Ги сочинуваат жлебени вентилирачки дискови поставени врз  алуминиумска главчина, а ги зафаќаат фиксни четири клипни сопирачки клешти. Предните мерат 330х25 mm, а задните 297х20 mm. Сопирачкиот систем нема серво асистенција за подиректно чувство при сопирањето. Рачната сопирачка на F22 е хидраулична, а неа ја испорачува Brembo.

Сето ова е сокриено зад бандажи од 18 инчи напред и 19 инчи назад. Тие се нудат во три опции. Стандардни од лесен метал кои тежат 12 kg по бандаж, потоа ковани кои тежат 8 kg и од карбон-фибер кои тежат 5,4 kg по бандаж. Обуени се во гуми на Nankang AR-1 со димензии 235/40 напред и 275/35 назад. Гумите се специјално развиени за F22 со што Donkervoort и Nankang ја продолжуваат успешната соработка која започна уште со развојот на претходникот D8 GTO.

 

666 КС НА ТОН ТЕЖИНА

Токму така вели математиката кога 500 КС ќе бидат впрегнати за да си поигруваат со тежината од 750 kg на F22. Под долгата хауба се сокрива извонредниот 2,5 литарски петцилиндарец со турбо натполнење кој доаѓа од ергелата на Audi Sport. Меѓутоа моторот е дополнително доработен од инженерите на Donkervoort за да ги испорача зацртаните 500 КС кои се ослободуваат при 6.360 min-1 и 640 Nm при 5.150 min-1. Многу повеќе се работело на испораката на вртежниот момент од ниски вртежи за да може моторот да се спари со пет степен рачен менувач, но и на смалување на потрошувачката која достигнува просек од 7,1 l/100 km, што е реткост меѓу суперспортските автомобили. Катапултирањето од место до 100 km/h се случува во 2,5 секунди, а до 200 km/h во 7,5 секунди. Додека максимумот се достигнува кога брзиномерот ќе покаже 290 km/h.

Изборот на пет степен рачен менувач е направен заради значително покусото куќиште на менувачот. Оние со шест, или седум степени не би дозволиле моторот да биде поставен многу поназад, буквално централно во шасијата. Принцип кој значително влијае на возната динамика. Менувачот е на TKX со краток од на рачката, рамно префрлање и систем за изедначување на вртежите. Вртежниот момент се испраќа кон задните тркала преку диференцијал со ограничено пролизгување Torsen и систем за контрола на тракција со повеќе опции кои се избираат зависно од условите на возење, или расположението на возачот.

 

НАСТАП КОЈ ПЛЕНИ

Испресечен со остри линии, долга хауба, коси светла, кусо отсечен задник и врати кои се отвораат како крилја на пеперутка, Donkervoort F22 делува како вонземјанин кој воопшто не се обидува да се претопи меѓу земјаните. Оваа посебност му дозволува да биде ексклузива дури и ако не се споменат бројките. Кровот е тарга составен од два дела. По еден капак над возачот и совозачот кои кога се извадени се сместуваат во посебно скроен дел во багажникот. Дополнително само преку притискање на копче може да се отстранат и централниот носач и предното стакло за директен контакт со ветрот.

Кабината е значително поголема од онаа кај претходниците и нуди комфорен престој дури и за повисоки возачи, а сѐ со цел да се задоволат глобалните аспирации на Donkervoort со F22. Лакираниот карбон-фибер во кабината јасно говори од што е направен F22, а дополнително делови од арматурата и централниот гребен се преслечени со кожа. Седиштата, исто така, се од карбон-фибер. Дело се на Recaro, а со нив доаѓа патентираниот систем на врзување на појасот во шест точки кој подеднакво е хомологиран да се употребува во редовен сообраќај, но и на тркачка патека.

Првичниот план на Donkervoort производството да биде лимитирано на само 50 примероци мораше да биде напуштен, бидејќи целата серија беше распродадена само со покажување на скиците. Затоа беше донесена одлука да се произведат дополнителни 25 примероци. Цената почнува од 250.000 европски банкноти и расте со исполнувањето на желбите на клиентот. Па кој сака да се тргне на страна од вообичаената слика на супер спортист и се смета способен да ги истражува границите кои ги дозволува Donkervoort F22 нека повели.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ