МОДЕРНАТА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА LAMBORGHINI COUNTACH, ОСНОВОПОЛОЖНИКОТ НА ИДЕЈАТА ЗА СУПЕР СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ КОЈА КАКО ТАКВА ЈА ПРЕПОЗНАВАМЕ ДЕНЕС, ЈА СЛАВИ 50 ГОДИШНИНАТА ОТКАКО ОРИГИНАЛОТ ГО ВЧУДОНЕВИДИ СВЕТОТ ВО ДАЛЕЧНАТА 1971 ГОДИНА
Визионерски и футуристички, со лимитирана серија од 112 примероци, со модерна интерпретација на револуционерниот дизајн на оригиналот и наполнет со технологија од 21-от век доаѓа Lamborghini Countach LPI 800-4. Неговата намера не е да фрли сенка врз основоположникот на модерниот супер спортски автомобил. Напротив. Тој е тука да го слави неговото име и влијанието врз автомобилската историја како ниту еден автомобил досега. Токму заради неговото значење да се вратиме малку на историјата.
Оригиналниот Countach се појави на светската сцена на салонот во Женева во далечната 1971 година. Го вчудоневиди светот со футуристички дизајн дело на легендарниот дизајнер Марчело Гандини. Неговите смели потези во тоа време ги прекршија сите дизајнерски правила надминувајќи ги ограничувањата на здравиот разум и создадоа икона која беше апсолутен автомобил на соништата за неколку генерации. Па дури и денес. Неговото влијание не беше ограничено само врз автомобилската индустрија туку и врз сите сфери на живеењето. Не е тајна дека красеше стотици милиони постери и плакати кои завршуваа на ѕидовите од собите на момчињата, па и на девојчињата. Врз него брзаа да се фотографираат најславните фотомодели. Беше мечта за младите поколенија дури и години по престанокот на производството во 1990 година. И денес многумина сметаат дека Countach е најголемото Lamborghini во историјата на марката.
Името Countach, без оглед на традицијата на Lamborghini да ги именува своите модели по славни имиња на бикови докажани во корида, доаѓа од Пиемонтскиот дијалект и не постои во ниту еден речник, ниту, пак, во литературата. Се изговора „Кунташ” и буквално означува чума или зараза, но меѓу населението најчесто се користи да се изрази нешто величествено, естетски возвишено. Гандини дури во едно скорешно интервју конечно откри како е дојдено до името Countach – Кунташ. „Во ателјето Bertone имаше еден мајстор којшто ги изработуваше бравите. Беше висок два метри, имаше гигантски раце и зборуваше само на пиемонтски дијалект и секој втор збор му беше „Кунташ!”. Една ноќ додека брзавме да го довршиме моделот, дофрлив на шега, а да му дадеме име Countach. И додека јас се шегував инженерот Боб Волс којшто работеше на механиката дигна глава и кажа: „на некој чуден начин имево функционира”. Веднаш смисливме впечатлив фонт и името остана,” ја раскажува историјата Гандини.
КРШИ ПРАВИЛА ИСТО КАКО ПРЕТХОДНИКОТ
Модерниот Countach LPI 800-4 е визионерски автомобил исто како и оригиналот. Фрла поглед во иднината и ја претставува филозофијата на Lamborghini да ги поместува границите достигнувајќи ги неочекуваното и извонредното, и најважното, да се биде дел од соништата.
Countach LPI 800-4 не е ретроспектива туку замисла како иконата од 1970-те и 1980-те би еволуирала во елитен супер спортски автомобил од оваа декада. Инспирацијата доаѓа како од првичната изведба на оригиналот LP 400, така и од подоцнежните модернизации LP 500 и јубилејната 5000 Quattrovalvole. Сепак, сè е прилагодено на современите барања за врвна аеродинамика. Нешто кое за волја на вистината оригиналот не го поседуваше бидејќи никогаш не влезе во воздушен тунел. Врската со оригиналот се гледа по тенката правоаголна маска и колку што можело правоаголните светла, и шестоаголната тема на арките. Препознатливи се и шкргите на страничните отвори за воздух и темата на задникот во која се вооквирени светлата. А круна на задникот, како и кај оригиналот, се четирите издувни цевки кои штрчат од масивниот дифузор како топови спремни за канонада. Влегувањето во кабината е преку прославените врати-ножици кои се отвораат нагоре, а ги воведе Countach и станаа препознатлив знак за секое Lamborghini V12. Нема двојби дека дури и од оддалеку оригиналот се препознава во линиите на Countach LPI 800-4 кој подеднакво ги крши правилата.
ТЕХНОЛОШКО НАСЛЕДСТВО ЗА НОВА ЕРА
Нема двојби дека технолошки Countach беше револуционерен како и во дизајнот. Прославениот V12 поставен централно и надолжно во просторна шасија од цевки со ладилници од страна како во Формула 1 и кабина сместена ниско напред покажа револуционерен пристап во конструкција на спортски автомобили. Терк кој се следи и денес заради добар баланс и врвни перформанси. Оваа визионерска филозофија се рефлектира и кај новиот Countach LPI 800-4, кој ги користи во моментот најдобрите технологии на Lamborghini за да оствари перформанси кои се очекуваат од Countach во 21-от век.
Шасијата монокок и каросеријата се комплетно изработени од карбонски влакна, а внатре е поставен биковски моќниот 6.5 литарски V12 спарен со благата-хибридна технологија на Lamborghini која е единствената што создава директна врска меѓу тркалата и електричниот мотор, и дозволува да се сочува чистото доживување на испораката на моќност на атмосферскиот V12. 48 волтниот електромотор поставен е директно на менувачот и обезбедува дополнителни 34 КС за моментален одзив и зголемени перформанси. Се напојува од суперкондензатор кој дава три пати повеќе моќност од литиум-јонска батерија со иста тежина. V12 е навиен на 780 КС при 8500 min-1, а максимумот е ограничен на 8700 min-1. Вртежниот момент од 720 Nm се остварува на 6750 min-1, а се испраќа кон сите четири тркала преку седум степен менувач со две спојки и систем Haldex од четврта генерација. Сето ова е доволно за спринт од место до 100 km/h за 2,8 секунди, до 200 km/h за 8,6 секунди и максимум од 355 km/h. За обратен циклус се грижат карбон-керамички дискови од 400х38 mm напред со шест клипни клешти, и 380х38 mm со четири клипни клешти. Со нив на Countach LPI 800-4 од 100 km/h до целосно застанување му требаат едвај 30 метри. Нив ги сокриваат бандажи од лесен метал стилизирани како телефонски бројчаник од 1980-те од 20 инчи напред и 21 инч назад. Тие се обуени во новата генерација на гуми Pirelli P Zero Corsa со димензии 255/30 ZR20 напред и 355/25 ZR21 назад. Управувањето е на четири тркала со 3 различни карактеристики на системот сервотроник и променлив сооднос кои се избираат и менуваат по желба на возачот.
Ова парче автомобилска историја реинтерпретирана за иднината ќе биде произведена во ограничена серија од 112 примероци. Бројот одговара со кодното име на проектот „LP112” добиено во текот на развојот. Опциите во поглед на боите и внатрешното уредување остануваат многубројни, а од желбите на клиентот ќе зависи и цената. Експонатот прикажан на фотографиите е лакиран во боја Bianco Siderale со блага нијанса на бисерна сина боја. Истата со која бил лакиран и личниот Countach LP 400 S на Феручо Ламборгини и со внатрешност во црвена кожа. Сите оние што ќе сакаат да го поседуваат ова современо парче автомобилска историја ќе мораат да издвојат меѓу 2,5 и 3 милиони евра зависно од афинитетите.