Претставуваме Bentley Bacalar-НАЈРЕТКИОТ BENTLEY ОД МОДЕРНАТА ЕРА

01/06/2020

СО ЕКСТРЕМНО ЛИМИТИРАНА СЕРИЈА ОД САМО ДВАНАЕСЕТ РАЧНО ПРОИЗВЕДЕНИ ПРИМЕРОЦИ КАКО ШТО ДОЛИКУВА НА ЕДНА ЕКСКЛУЗИВА ОД РЕДОТ НА BENTLEY, ДВОСЕДОТ BACALAR ВАЖИ ЗА НАЈРЕТКИОТ МОДЕЛ ОД МОДЕР НАТА ЕРА НА МАРКАТА.

 

Bentley Bacalar, е отворен двосед со GT гени кој нуди ретка ексклузивност, врвни перформанси и неповторлив луксуз. Именуван е според езерото „Bacalar” кое се наоѓа на полуостровот Јукатан во Мексико и е познато по својата природна убавина која го одзема здивот. А, создаден е во Mulliner, одделот за ексклузивни проекти на Bentley, кој се смета за најстариот производител на каросерии на светот. Овој исклучително редок родстер е создаден да плени. Отсуството на кров во стил на „Barchetta” и понудата на опции и материјали во соработката со клиентот го претвораат секој поединечен Bacalar во уникатно парче автомобилска техника. Идејата за Bacalar e инспирирана од концептот на Bentley, EXP 100 GT.

Но, не е само инспирацијата таа која влече корени од овој концепт. Тука се и изработката и материјалите. Всушност Bacalar делува како директна изведеница од концептот по прашање на употребените материјали, начинот на изработка, користените технологии и неприкосновениот стил. А токму стилот е првото нешто кое запнува за око кога ќе фрли поглед врз оваа подвижна скулптура. Не е ниту чудно кога ќе се земе предвид дека концептот EXP 100 GT е носител на две престижни награди: „Најубавиот концепт на годината” доделена на престижниот Француски фестивал за интернационални автомобили, и „Концепт на годината” доделена од магазинот GQ.

УМЕТНИЧКА КРЕАЦИЈА НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА

Како што споменавме, според концепцијата Bentley Bacalar е „Barchetta”. Спортски двосед без кров, или, отворен високо- перформансен автомобил, рачно изработен според личниот вкус на купувачот. Овoj ултимативен израз на отворен Грантурер може да се пофали со фактот дека не споделува ниту едно парче од каросеријата со некој друг модел од понудата на Bentley. Секој квадратен центиметар од телото на Bacalar носи сопствен дизајнерски печат рачно изработен според дадената спецификација. Во Bentley дури и се шегуваат на оваа тема велејќи дека иако е поставен на основата на Continental GT, единственото нешто на каросеријата што е исто и за двата модели се рачките за отворање на вратите. И тоа, само затоа што го носат единствениот систем за отворање без клуч.

Школката која го покрива задниот дел, заедно со капакот на багажникот и двете испапчувања се направени од лесен алуминиум, a од истиот материјал е и хаубата, додека вратите и предните крила се од карбон-фибер. Извајаната каросерија делува впечатливо и изобилува со детали како отвори и превиткувања кои се добиени благодарение на 3D печатење. Низ овој процес се создава тридимензионален објект, панел, или било каков друг дел од претходно компјутерски конструиран модел со додавање на материјал слој, по слој сè до конечно оформување на делот. Оваа нова технологија им овозможува и на дизајнерите, но и на инженерите на лесен начин да го добијат она што го замислиле. Затоа Bacalаr повеќе наликува на движечка скулптура отколку на автомобил. Воедно процесот на 3D принтање ќе им овозможи на оне 12 среќни клиенти да додадат свои идеи при конечното оформување на својот примерок што само по себе ветува дополнителна уникатност на секој изработен примерок. Со одлуката клиентот потполно да биде инволвиран во изработката на моделот Bentley им се враќа на корените, односно на раните години од постоењето на марката кога на клиентите им било дозволено комплетно да бидат инволвирани во создавањето на својот примерок. На тој начин клиентот кој учествувал во обликување на својот автомобил знаел деке ќе го добие својот автомобил од соништата.

КОКПИТ КОЈ ИЗОБИЛУВА СО УНИКАТНОСТ

И кога може каросеријата да биде вајана како скулптура, зошто не би можела и внатрешноста. Дизајнерите со помош на вредните уметници-занаетчии на Bentley Mulliner кај Bacalar го искажуваат врвот на своето умеење при креирање на единствената луксузна кабина. Едноставно ниту едните, ниту другите не ја пропуштиле дадената прилика да им бидат одврзани рацете при креирање на оваа луксузна лулка. Кокпитот на Bacalar наликува на совршено скроен рачно изработен костум, а згора клиентот го има последниот збор при креирање на своето совршено место за престој во автомобилот. Кокпитот кој се обвива околу возачот и совозачот започнува од стрмно накосениот централен гребен кој симетрично преоѓа во лак на едната и на другата страна на кабината. Лакот продолжува кон арматурата и преку неа се префрла кон панелите на вратите кои потоа продолжуваат зад седиштата и го оформуваат уникатно стилизираниот полузатворен простор за багаж со задолжителните рачно изработени луксузни патни торби кои се дел од автомобилот. Така и возачот и совозачот уживаат во чувството како да се едно со Bacalar.

Како што споменавме на клиентот му стои на располагање тимот од дизајнери и врвни занаетчии за да ги оствари своите желби кои сепак, како што велат во Bentley морат да се граничат со добар вкус. Секој детаљ е уникатно скроен да одговара со примерокот на фурнирот кој ги покрива панелите на централниот гребен и арматурата, а детали од него можат да се сретнат и на панелите на вратите, па дури и на деловите каде стојат контролните копчиња на воланот. Контролите и копчињата изработени во финиш на темен титаниум и на темна бронза дополнително ја нагласуваат благородната нота на Bacalar. Податокот кој плени е дека фурнирот е добиен со внимателно одбирање на шарите на напречно пресечени дрвени трупци стари и по 5000 години пронајдени во мочуриштата, езерата и реките во природно мочурливите пространства на Источна Англија. Ова дрво е намерно избрано заради својата природна црна естетика која настанала како резултат на лежењето на дрвото потопено во вода низ илјадници години. Дрвото потоа е сушено во контролирани услови за да се избегне оштетување и за да се задржи неговата природна карактеристика.

За поставување на седиштата и внатрешните панели е користена комбинација од кожа и природна волна со инсерти од алкантара. Кожата Белуга е двојно штавена и ја краси исклучителна мекост како и отпорност на вода. Сето тоа личи впечатливо најмногу и заради жолтите инсерти и конец користен за проширување на елементите. Како кулминација на врвно изработената внатрешност доаѓаат дигиталните инструменти комфорната електроника. Срцето на централната конзола е прочуениот ротирачки дисплеј на Bentley со преку 40 подвижни делови кој во себе содржи или три аналогни тркалезни инструменти, или екран на допир како дел од информацискиот систем, или чисто дрвено парче кое делува како слеано со арматурата и го сокрива скапоцениот инфо-систем.

ЕДИНСТВЕНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ НА ОТВОРЕНО

Секако Bentley не би бил Bentley додека покрај врвниот дизајн, изработка и квалитет не понуди врвно возачко доживување. Напоменавме дека Bacalar е поставен на техничката основа на Continental GT. Но, има поширока трага на тркалата за 20 mm која не само што обезбедува да личи помускулесто поставен на уникатните бандажи од 22 инчи, туку и допринесува за поголема стабилност. За неа се грижи адаптивната интелигентна шасија поткрепена со 48 волтниот систем на Bentley наречен Dynamic Ride System. Системот со помош на воздушното потпирање го контролира комфорот при возење и страничното навалувањето со што обезбедува врвна возна динамика во свијок комбинирана со високи дози на комфор. Затоа Bacalar делува како да вози по шини без оглед на димензиите, нуди изразена прецизност при водење и воедно дозволува комфорно пеглање на километрите кога се вози на долги рути.

Врвните перформанси доаѓаат од бруталниот W12 со зафатнина од 6.0 литри и потпомогнат од два турбо полначи. Моторот е навиен да ослободува моќност од 659 КС, или 24 КС повеќе од Continental GT и има вртежен момент од 900 Nm. Силината преку осумстепениот автоматски менувач на ZF со две спојки се испраќа до сите четири тркала. Активниот систем дозволува погонот примарно да го префрла вртежниот момент кон задната оска, а во услови на пролизгување до 38% се префрлаат кон предната оска. На овој начин се постигнува поголемо задоволство при возење, посебно низ свијоци, а притоа не е нарушена безбедноста. Од Bentley Mulliner наведуваат дека сите 12 примероци на Bacalar кои се планирани се веќе продадени на купувачи ширум светот. Се чека на нивно дотерување согласно желбите на секој поединечен клиент и пуштање во производство доколку така воопшто може да се нарече рачната изработка во работилниците на Mulliner.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ