33 години самостојна држава-ЧЕСТИТ 8 СЕПТЕМВРИ, ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНИЈА

06/09/2024

БЕЗ ОГЛЕД НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВА НЕПРЕКИНЛИВО, МАКЕДОНИЈА СЕ ДРЖИ ЦВРСТО. МЕЃУ ДРУГОТО И ЗА ВИСТИНАТА, СЕКАКО. ИСТОРИСКИТЕ ОДЛУКИ ЈА ТРАСИРАА(Т) НЕЈЗИНАТА ИДНИНА. И НАШАТА, НА ГРАЃАНИТЕ ЗАЕДНИЧКИ, СЕ РАЗБИРА

 

Годинава ја одбележуваме 33-годишнината од референдумот на кој мнозинството се изјасни за самостојна, независна држава 95,09 проценти од гласачите (1.079,308) одговорија позитивно на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Излезноста беше голема, исто така – 71,85% или 1.132,981 од вкупно 1.495,626 лица што имаа можност да гласаат. Нивната волја и формално се потврди со Декларацијата за прифаќање на резултатите од референдумот, потпишана на 18 септември 1991 година. Всушност, на целиот процес му претходеше Декларацијата за независност, која ја усвои првиот повеќепартиски македонски парламент во крајот на јануари 1991-вата. Сепак, името на празникот симболично се врзува со датумот на гласањето – 8 Септември, а денот е прогласен за неработен. Оваа година се поместува на 9-ти, понеделник.

Во чест на празникот се одржуваат големи свечености, меѓу нив и доделувањето на орденот „8 Септември“ од страна на избраниот шеф на државата. Повеќе официјални делегации ќе положат венци од цвеќиња пред Споменикот на паднатите херои за Македонија во паркот „Жена-борец“, а Мотоциклистичката федерација на РСМ го организира и традиционалното рели. Секако дека и нашите дипломатски претставништва ширум светот се приклучуваат на прославата, приредувајќи коктели, свечени приеми.

Овој ден е повод и за да се потсетиме на минатото, да не го заборавиме. Веднаш по прогласувањето на самостојноста, независноста – суверенитетот на државата, следеше донесувањето на Уставот (17 ноември 1991 година). Државноста на Македонија прва ја призна Бугарија, па Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина… Монетарно се осамостои на 26 април 1992 година, со воведувањето на основната парична единица – денарот, а потоа ја доби и својата армија. Нејзиниот роденден се слави на 18 август. Независноста на државата ја одобри и Генералното собрание на ОН, при што на 8 април 1993 година стана 181-ва полноправна членка на светската организација, под референцата ПЈРМ… Притисоците во изминатиот период не стивнуваа, резултираа со додавката Северна. Денес Македонија е полноправна членка и на НАТО.

Премрежињата се дел од секојдневјето, цели 33 години. Без исклучок на убавите работи за кои сè поретко се зборува, а ги има во изобилство. Нумерички, бројот 33 е доста влијателен, ја симболизира и духовноста и толеранцијата. Ја изискува мудроста, но и разбирањето во пристапот кон другите. Се одликува со посветеност, приврзаност и заложби. Вклучувајќи ја и зрелоста. Го нарекуваат и учител. Метафоричното значење дава поука, за доброто на сите граѓани. Во комбинација на осумката – визуелниот израз на космичката рамнотежа, на цикличното обновување, на повторното раѓање и на вечното блаженство, ни претстои светла иднина. Придонесот на секоја индивидуа е од особена важност. Државата сепак е општествена, заедница на луѓе. Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ