Toyota Aygo X 1.0 Envy Ѕ-CVT-УРБАН БУНТОВНИК

12/10/2022

БРОЈОТ НА ЛУЃЕ КОИ ЖИВЕАТ ВО УРБАНИТЕ СРЕДИНИ Е ПОГОЛЕМ ОД БИЛО КОГА. ЗА ОВОЈ ФАКТ СЕ СВЕСНИ И ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА АВТОМОБИЛИ КОИ ПОКРАЈ ДИМЕНЗИИТЕ И ПРАКТИЧНОСТА КАЈ СВОИТЕ ГРАДСКИ МОДЕЛИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНАТ И СÈ ПОВАЖНИТЕ ЕСТЕТСКИ БАРАЊА НА КУПУВАЧИТЕ. ОД ТАА ПРИЧИНА TOYOTA ГО СОЗДАДЕ AYGO X, АВТОМОБИЛ ШТО НА ЕВРОПСКИТЕ КУПУВАЧИ ИМ НУДИ КОМПЛЕТНО НОВА ВИЗИЈА ЗА „КОМПАКТЕН УРБАН КРОСОВЕР“

 

Jапонската Toyota „повеќе не создава досадни автомобили“. Резултатите се отсликуваат и во пракса, во гамата се воведени возбудливи автомобили со GR (Gazoo Racing) ознаки, а популарните мејнстрим модели станаа многу попривлечни и со многу поизразен карактер. Сега, Јапонците го насочуваат своето внимание кон најмалиот автомобил во гамата, новиот Aygo X. Тој повеќе не е „обичен“ мал градски автомобил, туку урбан кросовер подготвен со сè што е потребно за справување со секојдневниот градски метеж.

ЦВРСТ СТАВ

Уште од првиот момент кога одблизу се сретнавме со Aygo X ни остави впечаток дека Јапонците завршиле одлична работа во неговото обликување. Со градски автомобил кој вообичаено е наменет за помладата публика, половина од битката за постигнување успех се заснова на привлечноста, а Аygo X го има тоа на претек. Особено во тесттираната конфигурација која што доаѓаат со би-тон комбинација, што значи дека црната контрастна „рамка“ на каросеријата му дава на автомобилот вонсериски изглед. Сосема јасно е дека во креирањето на новата Toyota дизајнерите имале максимална слобода на изразување што на малиот урбан воин му дава самоуверен изглед и цврст став. Според димензиите е поголем од претходникот, базиран на сопствената GA-B платформа на која, исто така, се поставени Yaris и Yaris Cross, неговата должина расте до 3.700 мм, поширок е за 125 мм, а меѓуоскиното растојание е зголемено за 90 мм.

Тесттираниот примерок доаѓа стандардно со леснометални тркала од 18 инчи што придонесува за посуштински изглед кој јасно црпи инспирација од поголемите кросовери. Лаковите на тркалата се обложени со пластика за да го нагласи тој, толку посакуван и трендовски карактер на SUV возило. Ретко кога со мал, урбан автомобил сме забележиле дека привлекуваме толку многу внимание низ градскиот сообраќај, токму затоа велиме дека Aygo X е вистински победник и во нашите очи.

„ФАНКИ“ ОПКРУЖУВАЊЕ“

Дизајнот на ентериерот е насочен кон помладата популација, па затоа користените облици и комбинираните бои се посмели и поистакнати со што е создаден атрактивен и „фанки“ амбиент. Да, скоро сите елементи се изведени од тврда пластика, но тоа не е ништо ново, такви се во секој градски автомобил. Кога станува збор за простор на предниот дел тој е сосема во ред, но на задната клупа е сепак малку потесна, што значи дека превоз на четири возрасни лица е препорачлив само на пократки релации. Тоа е данок кој мора да се плати и доаѓа како лимит од физичките габарити, истото подеднакво важи за сите модели од овој сегмент. Багажниот простор е со зафатнина од 231 литри, што е доволно за неделен шопинг во супер маркет, а ако посакате да транспортирате нешто покрупно, со соборување на задната клупа се добиваат и не така мали 829 литри. Во делот на напредните решенија компанијата ги испочитувала тековните трендовите кои се сè поприсутни во автомобилскиот свет. Какви што се барањата на младите, урбани номади таква е и технологијата која ја користи Aygo X. Затоа фокусот е ставен на 9-инчен екран на допир со Toyota Smart Connect што е одговорен за инфозабавниот систем и овозможува поврзување со „клауд“ навигација.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ТРИЦИЛИНДРИЧЕН
БЕНЗИН
ЗАФАТНИНА: 998 СМ3
МОЌНОСТ: МАКСИМАЛНА МОЌ:
53kW/72К
МЕНУВАЧ: CVT-БЕЗСТЕПЕНА АВТОМАТСКА
ТРАНСМИСИЈА
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ
НА ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: БАРАБАНИ
ГУМИ: НАПРЕД 175/60 R18
ПОЗАДИ 175/60 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
940 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В
3.700/1.740/1.525ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
15.5 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
4.9 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
151 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
18.690 ЕВРА

 

ИДЕАЛЕН ЗА НИЗ ГРАД

Што се однесува до изборот на моторизацијата, тука нема многу за размислување кај Aygo X. Постои само една моторна опција, а тоа е познатиот VVT-i 1.0-литарски, 3-цилиндричен, нормално аспириран бензински агрегат кој што се користеше во Aygo и претходно. Ова значи дека на располагање имате 72 КС при 6.000 вртежи во минута и 93 Nm влечна сила што се испорачува при 4.400 вртежи во минута. Од малиот агрегат не очекувајте да распали како огномет, и максималната брзина изнесува 151 км/ч., а од место на мирување до 100 км/ч на час се потребни 15-на секунди, така што не е брз во однос на стоперката, но во реалност автомобилот не се чувствува бавен, бидејќи рескиот звук што го создава агрегатот додека се движи кон повисоки вртежи создава слика на среќен и шармантен автомобил. Дури и автоматскиот Ѕ-CVT менувач во град работи подобро отколку што може да претпоставите.

Малата потрошувачка е одлика на оваа конфигурација, затоа во реални услови за секои 100 урбани километри ќе ви бидат потребни не повеќе од 5.5 литри од 95 октанско гориво, податок кој отскокнува од фабрички декларираниот за само 0,6 литри. Бидејќи е предвиден за употреба во градски услови спретното маневрирање е еден од клучните услови, а тоа е добиено со малиот круг на свртување од само 9,50 метри. Градскиот метеж е неговото секојдневие каде што се справува одлично со истрошените улици полни со дупки, она што најмногу изненадува е одличното возење на отворен пат. Моделот Aygo X се покажа импресивно за својата класа, неговата високо поставена положба, соодветно калибрираната суспензија и релативно тивката кабина ве тера да заборавите дека возите мал автомобил.

Различниот пристап преточен во модерно стилизирање кое е полно со карактер, покажува дека малите автомобили кои најчесто се користат во големите метрополи не треба да бидат само основно превозно средство, алтернативата доаѓа во кросовер облик преку атрактивниот Aygo X.

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ