ПОЛЗАЧОТ ОД ЕРГЕЛАТА НА BRABUS ЈА ПРЕТВОРА ФАСЦИНАЦИЈАТА ОД ПУСТИНСКИТЕ ТРКАЧИ ВО РЕАЛНОСТ. И БЛАГОДАРЕНИЕ НА СТРЕМЕЖОТ КОН ТЕХНИЧКО СОВРШЕНСТВО НА АТЕЛЈЕТО ДО БОТРОП СПОСОБЕН Е ДА ГО ДОПРЕ НЕДОПИРЛИВОТО
Brabus, престижното тјунерско ателје од Ботроп, неодамна ја прослави 45 годишнината од своето основање. Основан од визионерот Бодо Бушман, Brabus е најголемиот независен производител и тјунер во автомобилската индустрија. Овој најголем светски рафинер на автомобили се прослави со тјунирање на моделите на Mercedes-Benz, а од неодамна мерак фрли и на други производители. Сега во Brabus можат да се добијат специфично дотерани и навиени, и модели на Porsche, Range Rover, па дури и на Rolls Royce. И што е уште поинтересно тука не застанува отворањето на лепезата од интереси и понуди. Во Brabus може да се видат и дотерани мотоцикли на KTM, но и брзи глисери создадени во сопствена режија со вон бродски мотори навиени според нивен терк. Нивното дизајнерско студио дури покрива и модни додатоци, а инженерскиот оддел нуди блиндирани возила. Меѓутоа големиот јубилеј одлучија да го прослават со претставување на нешто сосема поинакво. Нешто кое никој не би го очекувал. А тоа е првата машина создадена целосно во сопствена режија, и тоа не било каква машина. Ползач по карпи, освојувач на пустини и диви непристапни предели. Машина способна да вози онаму каде што други не се осмелуваат ниту да помислат да кинисаат. Станува збор за баги со масивни 900 КС под хауба и портални оски едноставно наречено Brabus Crawler – ”ONE OF 15”.
КОЛОСАЛЕН НАСТАП
Пустинскиот тркач на Brabus е впечатлива појава. Изграден е околу просторна рамка од цевки која ја интегрира патничката кабина со механичките компоненти создавајќи цврста безбедносна ќелија. Обоени во посебна Brabus светло црвена боја цевките на просторната шасија доаѓаат како дизајнерски акцент кој ги поврзува панелите од каросеријата. Каросеријата, пак, доколку така може да се наречат предниот дел кој го покрива моторот, страничните украсни панели и едноставниот кров се изработени од гол карбон лакиран до перфекција за да се заштити од надворешни влијанија. Brabus Crawler всушност нема ниту врати, ниту прозорци, ниту предно стакло. Кабината е целосно отворена, кровот е тука само да ги штити патниците од сонце, а хаубата е едно парче со светлата и маската. Подот, подвозјето, моторот и диференцијалите го штитат панели од алуминиум и од композит на карбон засилен со кевлар. Затоа не е страшно доколку Crawler наседне врз врв од дина или се провлече преку грпка песок. Високо подигнатата каросерија има клиренс од 53 сантиметри што е голема предност кога се лета низ пустина. Гумите со димензија 40 x 13,5 R 20 се огромни. Повисоки се од 1 метар и пошироки се од 34 сантиметри, наменети се само за на терен и значително придонесуваат за колосалниот настап на Crawler.
КОМПЛЕКСНА РОБУСНОСТ
За да стигнат до бескомпромисен теренец инженерите вложиле многу труд во конструкција на подвозјето. Врските на подвозјето со шасијата се пресметани на максимална цврстина за да ги издржат дополнителните напрегања предизвикани од порталните оски. Кај овие оски секоја главчина од тркало е вид диференцијал со два запченика поставени еден врз друг. Погонското вратило наместо директно во осовина од тркало, влегува во горниот запченик. Тој е взабен со долниот за кого е врзана оската од тркалото. На овој начин вртежниот момент од погонското вратило наместо директно, преку пренос од два запченика, се испраќа до тркалото. Оваа изведба значително ги подигнува моторот, менувачот, диференцијалите и погонските вратила од подлогата подобрувајќи ја и теренската проодност. Воедно, бара специјални компоненти за подвозјето кои за Crawler се изработени од полно парче алуминиумска легура изглодано на CNC машина. Тие се посебно робусни за да ги издржат масивните напрегања што машината ги трпи при доскок после прелетување на пустинска дина. Амортизерите имаат дополнителен резервоар за масло и се местат во четири нивоа за високи и за ниски брзини, а нудат и посебно поддесување на силата на компресија и екстензија со 12 клика. Погонот е постојан на четири тркала. Вртежниот момент се испраќа преку автоматски менувач со девет степени и три електронски управувани диференцијали. Секој од нив има можност за заклучување која го претвора Crawler во незапирлива ѕверка.
НАЈМОЌНИК МОТОР НА BRABUS
Кога се поставило прашањето за избор на мотор што ќе го задвижува Crawler во Brabus не се двоумеле ниту за миг. Под хауба ја напикале најмоќната енергана навиена во нивна режија наречена Brabus 900 Rocket V8. Станува збор за ремек дело на современото инженерство наполнето со високотехнолошки компоненти. Зафатнината од 4,5 литри е распределена низ осум цилиндри кои дишат преку два масивни турбо полначи со максимален притисок од 1.4 бари. Клиповите од 84 mm се ковани и преку прецизно балансирани клипни-лостови се врзани за коленесто вратило изработено од полно парче челик на CNC машина кое има од од 100 mm. Масивните турбо полначи остваруваат максимален притисок од 1.4 бари, а два Brabus BoostXtra вентили создаваат возбудлива бучава при издув, кога возачот ќе го подигне стапалото од педалот за гас. Независен издув еден за левиот, еден за десниот блок цилиндри со дијаметар на цевките од 76 mm обезбедува слободен проток на гасови. Активното управување со издувот дозволува возачот да избере дали Crawler тивко ќе се паркира во гаража, или со бесно крешендо ќе дивее низ пустината. Набиен со сета оваа техника 4.5 литарскиот V8 би-турбо на Brabus испорачува 900 КС при 6.200 min-1 и максимален вртежен момент од 1..250 Nm при 2900 min-1. Но, заради заштита на менувачот вртежниот момент е електронски ограничен на 1.050 Nm. Овој беснотилак од мотор е способен багито долго 4.624 mm, широко 2.105 mm, високо 2.337 mm и тешко 2.065 kg плус екипаж и 100 литри гориво да го катапултира од место до 100 km/h за 3,4 секунди. Вредност која е на ниво на еден спортски автомобил. Меѓутоа максималната брзина е ограничена на 160 km/h заради гумите кои се наменети само за на терен и кои не би издржале повисоки брзини.
ЗА ЦЕЛОСНО ДОЖИВУВАЊЕ
Фасцинацијата на овој пустински тркач ја комплетираат кокпитот и кабината во колку просторот што нуди четири места за седење воопшто може да се нарече така. Возачот плус тројца патници седат во тркачки кади од карбон-фибер оковани од појаси во четири точки на врзување. Седиштата нудат совршена поддршка, но и извонреден комфор. Преслечени се во ткаенина наречена Silvertex која со својата светло црвена боја се совпаѓа со бојата на шасијата. Оваа високотехнолошка ткаенина е земена на заем од бродскиот оддел на Brabus и е отпорна на вода, но и на избледување од сончеви зраци. Останатите елементи како педалите, потпирачот за стапало, копчињата, деловите од волан, носачот на навигацијата со интегриран GPS се елоксирани во црвена боја. Поставен е и интерком интегриран со карбонските кациги кои се дел од сериската опрема за меѓусебна комуникација меѓу патниците и возачот.
Планот на Brabus како што е навестено во името е да го произведе Crawler во лимитирана серија од само 15 примероци, секој со почетна нето цена од 749.000 европски банкноти. Очекувано најголема побарувачка има од арапските земји, а производството на целата серија треба да заврши до крајот на следната година.