Претставуваме Isuzu D-MAX Arctic Trucks AT35-КОГА ПРЕДИЗВИКОТ СТАНУВА СЕРИОЗЕН

01/06/2022

АВАНТУРАТА Е ВПИШАНА ВО НИШКАТА НА НЕГОВАТА ДНК, СОЗДАДЕНА ЗА ДА ГИ ПОМЕСТУВА ГРАНИЦИТЕ НА ВОЗМОЖНОТО СЕКОГАШ КОГА ПРЕДИЗВИКОТ ЌЕ СТАНЕ СЕРИОЗЕН. НИШТО ПОМАЛКУ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ОД ISUZU, СПЕЦИЈАЛИСТОТ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНИ ВОЗИЛА

 

Со повеќе од сто години традиција во создавање на исклучиво комерцијални возила Isuzu e вратата на која треба де се тропне кога е потребен цврсто, силно и издржливо возило, со огромни тркала и техника која му дозволува да отиде онаму каде што обичните теренци не се осмелуваат. Поткрепен од оваа филозофија доаѓа ултимативниот пикап на Isuzu, D-Max, потпишан од Arctic Trucks. Соработката меѓу Isuzu и Arctic Trucks започна во 2017 година со модификување на последниот фејслифт од втората генерација на D-Max. Добриот одзив од страна на купувачите кои имаат потреба од сериозен теренец ги увери двете компании дека соработката треба да продолжи. Затоа на сцена стапува актуелната трета генерација на Isuzu D-Max потпишана од исландскиот Arctic Trucks. Наставката во името AT35 го означува дијаметарот на гумите кои мерат 35 инчи, или безмалку 90 сантиметри. Всушност од гумите и почнува приказната за Arctic Trucks.

 

МАЛКУ ИСЛАНДСКА ИСТОРИЈА

Проблематичниот тежок терен кој преовладува на Исланд, со лоши патишта кои место со асфалт се прекриени со остар вулкански чакал, карпести патеки, бројни речни премини, мек песок, снег и мраз, ги натерал жителите да експериментираат со поставување на поголеми гуми на своите теренски возила. Поголемите гуми дозволуваат да се намали притисокот во нив со што возењето станува помеко и за патниците, но и за самото возило, бидејќи се намалува стресот врз шасијата. Воедно со поголемата контактна површина се подобрува тракцијата и пловноста посебно на лизгава и мека подлога.

Оваа појава земала замав на Исланд и така кон средина на 1980-те години почнало да се работи на практично решение кое ќе може да се применува во редовно производство. Сето ова било поддржано од застапникот на Toyota на Исланд. Во 1988 година почнале конкретни тестирања и во 1990 година застапникот формира сопствен оддел кој веднаш покажал успех бидејќи безмалку 70% од нови модели на Land Cruiser и Hilux биле доработени пред да им бидат испорачани на купувачите. После шест години работа во 1996 година одделот го добива препознатливото име Arctic Trucks. Создава и модели со погон на шест тркала, а во 2005 се одвојува од Toyota и се посветува на доработка на модели на други производители како што е случајот на Isuzu.

 

 ЦВРСТОТО ПРЕОЃА ВО ПОЦВРСТО

Со надградба врз докажаната платформа издржливиот Isuzu D-Max се претвора во ултимативен теренец развиен и реконструиран така за да може лесно да ги совлада и најголемите предизвици на терен. За да се оформи комплетната слика Isuzu D-Max Arctic Trucks AT35, како што гласи неговиот полн назив, е сериозно доработено возило со подобрувања направени во делот на носечката шасија, подвозјето, погонската спрега, тркалата и гумите. Секако сите подобрувања направени од Arctic Trucks се внимателно проверени од инженерите на Isuzu и така е добиено зелено светло за цврстиот D-max да стане уште поцврст. Воедно задржана е гаранцијата која Isuzu редовно ја дава на своите возила. Пикапот АТ35 во однос на стандардниот е подигнат за 50 mm што дозволува на него да бидат монтирани големите гуми за секаков терен од 35 инчи, односно 315/70 R17 кои ги носат засилени бандажи од 17 инчи. За да се добие поткренување, направени се измени на шасијата и подвозјето сочинето од амортизери и пружини на Bilstein поставени на предна оска и амортизери на задната крута оска. Со овие измени оваа ултимативна „офроуд” машина добива клиренс од 266 mm напред и 290 mm назад. Висината дозволила да се зголеми аголот на пристап на 35°, аголот на напуштање на 29° и аголот на прекршување на 34°. Воедно комбинацијата на поголеми гуми, високо перформансни пружини и амортизери дозволува помеко возење на нерамна подлога и поголема контрола, а со нив и поголема брзина. Она што е важно е дека без оглед на правецот во кој се направени измените, не е нарушена возната динамика на пат.

ПРОВЕРЕНА ТЕХНИКА

Движечката сила на D-Max AT35 е проверениот турбо дизел од 1.9 литри кој испорачува 164 КС при ниски 3600 min-1 и вртежен момент од 360 Nm меѓу 2.000 и 2.500 min-1. Иако забрзувањето и крајната брзина се неважни за ваков тип на возило сепак D-Max и покрај големите гуми успева да улови темпо сто за околу 13 секунди и да стигне до максимални 180 km/h. Вртежниот момент преку мануелен или автоматски менувач со шест степени на Aisin се испраќа до сите четири тркала. Постои вртливо копче за избор на погонот кое дозволува префрлање на погонот само на задна оска за кога се вози на пат. D-Max е опремен и со редуктор и со можност за заклучување на задниот диференцијал. Во тој случај задните тркала се вртат истовремено без пролизгување овозможувајќи му да се извлече од безизлезни ситуации. Заклучувањето може да се активира при брзини до 8 km/h, a се исклучува автоматски кога брзината ќе мине 30 km/h. Кога на ова ќе се надоврзат високиот клиренс, поголемата артикулација на оските и заштитата со челични плочи на моторот и менувачот станува јасно зошто D-Max АТ35 лесно станува избор број еден како за професионалците, така и за оние кои трагаат по забава. Во таа насока оди и способноста за влечење на приколка од 3.500 kg, и можноста за превоз на товар од преку 1.000 kg.

НЕ Е САМО ПРАКТИЧЕН

Без оглед на колосалните димензии и грубиот настап на работна машина Isuzu D-Max Arctic Trucks AT35 не е само практичен, туку е и привлечен. И за тоа се погрижиле во Arctic Trucks. Неговата груба убавина и драматичен настап доаѓаат од проширените арки над тркалата и проширените газишта на праговите кои прават да личи повисок и помоќен. За моќниот настап придонесува и ролбарот во товарниот простор и мат црните бандажи кои ја нагласуваат масивноста на гумите. Од практична страна D-Max AT35 е опремен со мулти функционален челичен профил од 2 инчи назад на кој може брзо да се наместат и извадат: две топки за влечење, електрична макара, газишта за полесно товарање одзади и други потребни алатки чија примена се наметнува при секојдневно користење.

Внатрешното уредување како да не соодветствува со грубата намена на пикапот. Седиштата се преслечени со кожа и го носат неизбежното лого на Arctic Trucks и носат печат на благородност. Информацискиот систем од 9 инчи е компатибилен со Apple CarPlay & Android Auto, поставен е и безжичен полнач на мобилен, а патосниците се од висококвалитетен тепих. За да се сочуваат скапоцените тркала од Arctic Trucks го опремуваат D-Max со специјални шрафови кои се заклучуваат и за нивно одвртување соодветен моментен-клуч. Секако сето ова има и соодветна цена. Вака подготвен Isuzu D-Max Arctic Trucks AT35 почнува со цена од 47.999 британски фунти. Автоматикот чини 2.000 фунти повеќе.

Куриозитет за Arctic Trucks e што нивните возила се наоѓаат како поддршка на сите научни експедиции кои се одвиваат на Грендланд, на Северниот Пол, и на Јужниот Пол. Го држат рекордот за најбрзо патување до Јужниот Пол од 2010 година, а три години пред тоа успеаја да стигнат и на Северниот Магнетски Пол. Во овие приказни главните јунаци доаѓаат од Toyota, но очекуваме дека наскоро Arctic Trucks ќе се втурнат во нова авантура во која главниот јунак ќе биде Isuzu.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ