NISSAN ЗАЕДНО СО ЛЕГЕНДАРНОТО ДИЗАЈНЕРСКО СТУДИО „ITALDESIGN“ ПРЕКУ ИКОНАТА МЕЃУ ЈАПОНСКИТЕ СУПЕРСПОРТСКИ АВТОМОБИЛИ GT-R НА ВИСТИНСКИ НАЧИН ПРОСЛАВУВААТ 50. ГОДИШНИНА, NISSAN ОД СОЗДАВАЊЕТО НА GT-R, А ITALDESIGN ОД СВОИТЕ ПОЧЕТОЦИ.
Со лик на концепт наменет да плени со својот стајлинг Nissan GT-R50 сокрива многу посочна содржина способна подеднакво да плени и на писта, единствено место каде може безбедно да се истражуваат неговите неверојатни перформанси. Предвиден да биде произведен во лимитирана серија од само 50 примероци и проценет на 1.1 милиони долари GT-R50 важи за најскапиот модел на Nissan во историјата на марката. Создаден е не само да биде дел од уште една лимитирана серија, туку да претставува уникат каков што досега не е виден ниту меѓу далеку поскапите суперспортски автомобили. И Nissan, и студиото „Italdesign“ успеале врз основата на сосема употреблив модел со врвни перформанси да создадат основа за серија од 50 ултимативни кастом примероци секој изработен според желбите на својот сопственик. Токму така, обединувајќи го најдоброто од Nissan и Italdesign, двете марки им овозможиле на ретките среќници да впливаат во море од опции, а сè со цел создавање на уникат, до уникат во една прилично ограничена серија. Иако најавен уште минатата година како проект за прослава на 50. годишнината од постоењето на Italdesign и на Nissan GT-R како модел, судбината на GT-R50 стоеше под знак прашалник сè до скоро кога и официјално беше потврден стартот на производството, а минатиот месец се појави и првиот примерок од серискиот модел.
ПОСВЕТЕНИ НА ДИЗАЈНОТ
Основанo од едно од најголемите имиња во светот на автомобилскиот дизајн Џорџето Џуџаро, дизајнерското студио Italdesign ги бележи своите почетоци од 1968 година. Оттогаш, до денес се потпишува под најуспешните модели од светот на автомобилите. Вредно да се спомене е првата генерација на VW Golf од 1974 година заедно со подеднакво успешното купе со три врати VW Scirocco. Меѓу привелигираните се Alfa Romeo 159 и Alfa Romeo Brera, модели на Fiat, Lancia, Maserati, Suzuki, Hyundai, Daewoo… Посебна е приказната со Seat за чии потреби Italdesign отвора сестринска фирма во Барселона и помага во развој и дизајн на моделите на шпанската марка. Italdesign работи и на индустриски дизајн во сите сфери, моделирање и изработка на прототипи, и производство на каросерии. Со цел да се задоволи пазарот на уникатни и колекционерски автомобили Italdesign во 2017 година отвори уште една сестринска фирма наречена „Italdesign Automobili Speciali“. Оттаму до сега излегол моделот „Italdesign Zerouno“ од кого се направени два примероци од предвидената серија од пет примероци. Неговата, пак, отворена изведба „Zerouno Duerta“ е планирана за продукција од само еден примерок за кого сè уште не е примена нарачка.
МОНСТРУМ НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА
Nissan GT-R со право го носи прекарот „Годзила” јапонскиот монструм од филмското платно чија разорна моќ уништува сè пред себе. Како спортска изведба на серијата Skyline на Nissan, GT-R за првпат е претставен во 1969 година. Идејата на Nissan е GT-R да служи како основа за тркачката изведба која ќе вози во азиската серија на трки на издржливост. Идејата се покажува како успешна и затоа GT-R опстојува низ пет генерации како спортска изведба на серијата Skyline, додека шестата и актуелна генерација на GT-R се одвојува со ознаката како посебна спортска марка на Nissan. Прекарот „Годзила” го добива третата генерација на GT-R, R32 во 1989 година од Австралискиот магазин за автомобили „Wheels”. Благодарение на навиениот турбо мотор и погонот на четири тркала специјално развиен за трки R32 ги уништува конкурентите на тркачките патеки. Оттаму и прекарот за моќното јапонско чудовиште. Третата R32, четвртата R33 и петата R34 се генерациите кои го прославија GT-R. Посебно R34 која со управување и погон на четири тркала и моќна енергана под хауба беше неприкосновена и на писта и на улица. Октанските зависници сè уште тагуваат по R34 од кого тјунерите извлекуваа и по 1000 КС и токму таа е појдовната точка за уште поекстремниот актуелен модел R35 кој се појави во 2007 година и оттогаш внимателно се дотерува, од година во година, претворајќи се во ултимативна спортска машина. Посебно нејзината екстремна изведба NISMO на чија основа почива и лимитираниот роденденски GT-R50.
ЈАПОНСКА ТЕХНИКА, ИТАЛИЈАНСКИ ДИЗАЈН
Во стил на најдобрите производители на каросерии Italdesign кој се потпишува под дизајнот на GT-R50 рачно ќе го произведе секој примерок од лимитираната серија од 50 примероци. Важно, секој примерок ќе биде скроен посебно според желбите на неговиот сопственик и на тој начин се планира да бидат изработени 50 уникати. Со неприкосновен стил кој го задржува препознатливиот настап на GT-R, но дотеран со многу сензибилитет автомобилот плени со својата појава. Посебно до израз доаѓа задното крило кое делува како да е слеано со каросеријата, но со помош на хидраулика се подигнува и ја врши својата аеродинамичка функција. Тоа е потребно за да се скротат 720 бесни коњи кои ги произведува моќниот V6 од 3.8 литри кој е потпомогнат од два турбо полначи на специјалистот Garett кои се позајмени директно од тркачот кој се натпреварува во серијата GT3. Покрај 720 КС при 7100 min-1, моторот турка и 780 Nm вртежен момент меѓу 3600 и 5600 min- 1. Тие преку секвенцијалниот менувач со две спојки и шест степени поставен на задната оска по принци- пот трансаксл и спортскиот погон на четири тркала ATTESA E-TS се пренесуваат на подлогата со помош на тркала од 21 инчи обуени во гуми на Michelin Pilot Super Sport со димензии 255/35 напред и 285/30 одзади. За сопирање се ангажирани карбон-керамички пливачки вентилирани и бушени дискови на Brembo. Предните со димензии 390х32,6 mm ги зафаќаат шест клипни моноблок сопирачки клешти, додека задните со димензии 380х30 mm ги зафаќаат четири клипни моноблок клешти. За врвната возна динамика се грижи и потпирањето зад кое се потпишува специјалистот Bilstein со неговиот активен систем DampTronic. Перформансите сè уште не се откриваат, но ако се знае дека стандардниот GT-R NISMO со 600 КС и 652 Nm успева да го катапултира возачот од место до 100 km/h за 2,5 секунди и да го одведе до максимална брзина од 330 km/h, тогаш GT-R50 со своите 720 КС и 780 Nm ќе биде уште поекстремен. Всушност кај Nissan GT-R50 by Italdesign екстремноста оди до максимум и во однос на перформансите, така и во однос на стилот, и во однос на цената.