Светско првенство во мотоциклизам-МАРТИН Е НОВ ЛИДЕР НА МОТО ГП

01/05/2024

МИНАТАТА СЕЗОНА БЕШЕ ВО ЗНАКОТ НА ФРАНЧЕСКО БАЊАЈА КОЈ РЕЧИСИ ЦЕЛО ВРЕМЕ БЕШЕ ВОДЕЧКИ НА ТАБЕЛАТА, А ПОСЛЕДЕН КОЈ ГО ЗАМЕНИ НА ЛИДЕРСКОТО МЕСТО БЕШЕ ТОКМУ ХОРХЕ МАРТИН, ВОЗАЧОТ КОЈ ПО ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ПОРТУГАЛИЈА ИМА ПРЕДНОСТ ОД 18 БОДА ВО ОДНОС НА НАЈБЛИСКИОТ КОНКУРЕНТ

 

Мартин иако настапува за сателитскиот тим на Дукати, успеа кон средината на октомври да се издигне над Бањаја, но не и да го остави зад себе. За време на тркачкиот викенд во Индонезија, со победата во спринт трката го престигна на табелата, но потоа во главната трка Бањаја се реваншираше и продолжи да маршира кон титулата. Бањаја ја отвори сезоната со победата во Катар, но со триумфот во Португалија, Мартин избива на лидерската позиција бидејќи неговиот ривал не ја заврши трката, а на тоа „кумуваше“ уште еден Шпанец, поранешниот шампион Марк Маркез.

Конзистентноста е најважна, но денеска клуч беше да се биде водечки по стартот. Навистина бев посветен да го преземам водството и потоа да блокирам во третиот свиок, бидејќи знаев дека тоа ќе му го отвори патот. На почетокот се обидував да ја одржувам предноста и да правам по две-три десетинки предност, но кога го засилив темпото никој не беше во можност да ја надополни разликата. Кога видов дека ми се доближуваат, повторно засилив. Мислам дека ова беше една зрела победа.

Среќен сум за мене и горд на тимот, бидејќи новиот мотор е подобар, особено во неделните трки,- рече победникот Хорхе Мартин.

Тој не пропушти да потсети дека на оваа патека имаше лошо излетување по кое се здоби со повеќе скршеници во 2021 година, а сега изјави дека научил многу од тој инцидент и дека е благодарен за тоа. Коментирајќи го судирот на Бањаја и Маркез, тој укажа дека го видел на екраните околу патеката и си задал цел дека мора да ја заврши оваа трка.

Си реков на себе, Хорхе мора да завршиш, 100%. Првите два свиока бев како блокиран, а потоа си реков, океј време е да победиш. Престанав да се грижам за финиширањето, туку само за победата. Судирот на конкурентите се случи во 23 од 25 круга додека се бореа за петтото место. Маркез го нападна Бањаја од внатрешната страна на свиокот број 5, по што следуваше контакт, најверојатно од недоволна прецизност при нападот и преширок отклон при излезот од свиокот. Бањаја се обиде да ја врати својата поставеност, по што обајцата паднаа и не ја завршија трката.

Имав добро чувство за контактот до подлогата и стануваше се подобро. Размислував за напад, но и за чување на гумите. Сепак, кога го засилив темпото видов дека имам проблеми и дека момците напред сепребрзи за мене. Се обидов да избегнам проблеми и да ги чувам гумите, да бидам напред колку што е можно повеќе. Прво ме помина Акоста, беше премногу брз, а потоа дојде и Маркез, кој отиде прешироко при обидот за престигнување. Се обидов да ја затворам таа линија и дојде до судир. Бесен сум, но тоа е нормално. Ова е тркачки инцидент и мора да продолжиме натаму,- концизно реферираше двократниот шампион на Дукати.

ПРОМОТЕРСКАТА КОМПАНИЈА НА МОТО ГП ЌЕ ИМА ГАЗДИ ОД ФОРМУЛА 1

Американската компанија „Либерти медија“ објави дека ја откупила промоторската компанија што стои зад светскотото мотоциклистичко првенство „Дорна“, а вредноста на зделката изнесува 4,2 милијарди евра. Комплетирањето на откупот ќе биде направено на крајот од 2024 година, а со овој чекор тие ќе управуваат со двете најгледани тркачки првенства, Формула 1 и Мото ГП.

Сигурно нема да ги преговараме правата за ТВ преносите од двете серии заедно, што поради законската регулатива, што поради нашата структура на договорот кој го имаме со Формула 1 партнерите и тимовите. Би сакале да веруваме дека имаме познавања за тоа како да ги направиме овие трки поприфатливи за медиа партнерите надвор од традиционалните бази како Шпанија, Италија и Франција,- изјави Грег Мафеи, извршен директор на „Либерти медија“.

Имавме успех со „Нетфликс“, но исто така ја отворивме Формула 1 и на други начини, преку социјалните мрежи, фан зоните, достапноста на возачите преку „Твич“, а со тоа ја сменивме и перспективата како се раководи со спортот. Мото ГП е неверојатен спорт и нивните навивачи знаат колку е возбудлив. Нашата цел е да ги експонираме пред поголема публика, како што направивме со Формула 1.

Од друга страна, Кармело Езпелета, досегашниот прв човек на „Дорна“ рече дека нема голема логика во тоа двете првенства да имаат заеднички настан, но иако таа идеја е комплицирана за реализација, не би ја исклучил од среднорочните планови.

Одговарајќи на новинарско прашање дали инцидентот можел да се избегне, Бањаја посочи дека кога ривалот оди прешироко, негов избор мора да биде да излезе пред него и да освои повеќе поени, па од таа гледна точка не преземал преголем ризик. Мислењето на Маркез, беше сосема спротивно и алудираше на лошата стратегија на Пеко.

Невозможно е двајца возачи да се согласни околу инцидентот, само еден час откако тој ќе се случи. Кога отидов пред стјуардите, изјавив дека тоа е тркачки инцидент, на самата граница. Стјуардите се тука за да ја проценат границата. Според мене, грешката е кај Пеко, беше преголем оптимист дека може да се врати пред мене. Но, ние се боревме за петто место кое носи два бода повеќе од шестото. Тој имаше големи проблеми со задната гума. На три круга до крајот кога гледаше дека ќе загубиш една позиција, не мора да бидеш агресивен. Но, тој донесе спротивна одлука и резултатот е нула поени за Дукати,- порача во своја одбрана Маркез, укажувајќи дека неговите зборови можат да бидат верификувани од инженерите кои имаат увид во телеметријата.

Поради победата на Мартин и инцидентот на Бањаја во сенка беа фрлени второто место на Ениа Бастијанини и третото на Педро Акоста, Со ваквиот расплет, Мартин сега има 60 поени на првата позиција, а зад него е група возачи со мошне сличен износ: Биндер има 42, Бастијанини има 39, а Бањаја со 37 е на четвртото место од генералниот пласман. По откажувањето на трката во Рио Хондо, Аргентина, следната трка на Мото ГП ќе биде на средината од април во Остин, Тексас, по што од 28 април натаму ќе следуват европските класици како Херез, Ле Ман, Каталуња, Муџело о и Асен.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ