Претставуваме FIAT 500е-КУЛТНИОТ FIAT 500 ВО ТЕК СО СОВРЕМЕНИТЕ ТРЕНДОВИ

04/05/2020

ИТАЛИЈАНСКАТА МАРКА FIAT ГО ПОКАЖА НАЧИНОТ ЗА КОЈ СМЕТА ДЕКА ТРЕБА ДА БИДЕ ВИСТИНСКО РЕШЕНИЕ ЗА ГРАДСКАТА МОБИЛНОСТ. ПРЕПОЗНАТЛИВ, УНИКАТЕН ИЗГЛЕД И НУЛТА ЕМИСИЈА НА ШТЕТНИ ГАСОВИ СЕ ДВЕТЕ ОСНОВИ ВРЗ КОИ СЕ ПОТПИРА ПРВИОТ ЦЕЛОСНО ЕЛЕКТРИЧЕН МОДЕЛ 500Е.

 

БЕЗВРЕМЕНСКИ ИЗГЛЕД

Компанијата „Fiat“ го покажа новиот член од семејството на својот култен модел 500 со електричен погон, а зад ознаката 500e се крие познатиот популарен безвременски облик кој доби благо редизајнирана каросерија поради потребите за сместување на батериите и електричниот мотор. Во најновото издание моделот е шест сантиметри подолг од верзијата која е придвижувана од агрегати со внатрешно согорување, а меѓуосовинското растојание е зголемено за 20 милиметри и сега изнесува 2.320 милиметри. Ревидираната внатрешност на Fiat 500e како најголема промена ја смета имплементацијата на 10,25-инчен екран чувствителен на допир кој е одговорен за инфозабавниот систем. Останатиот дел од внатрешноста има претрпено минимални промени во дизајнот, а како еден од поважните елементи се смета подигање на квалитетот на вградените материјали.

СО ЕДНО ПОЛНЕЊЕ ДО 320 К ИЛОМЕТРИ ВОЗЕЊЕ

Двигателот на 500е е електромотор кој развива 118 КС, со чија помош градскиот автомобил стигнува од нула до 100 км/ч за девет секунди, додека максималната брзина е електронски лимитирана на 150 километри на час. Од компанијата соопштуваат дека според WLTP стандардите, батеријата има капацитет 42 kWh што е доволно да се минат 320 километри со едно полнење. За полнење на батерија преку обичен домашен приклучок потребни се 14 часа, а со полнење преку 85-киловатниот полнач целата процедура трае далеку пократко, па така за 80 проценти од капацитетот се потребни 35 минути. Со помош на овој брз полнач, се овозможува полнење на батеријата за минување на 50 километри за само пет минути, колку што е просечната дневна дистанца која урбаните возачи ја минуваат. Пореалнa опција за сопствениците е почесто да го користат приклучокот Easy Wallbox кој поседува 7,4 kW. Со неговата употреба, батеријата во целост се дополнува за шест часа, што го прави идеален за користење во домашни услови и полнење преку ноќ.

ПОДГОТВЕН ЗА СИТЕ СЦЕНАРИЈА

Малиот градски Fiat нуди три режими на возење. Покрај стандардниот кој е наречен Normal, а кој овозможува возење на она кое го нуди конвенционалниот автомобил, тука се и режимите Range 500 и Sherpa. Првиот режим Normal, нуди возење со употреба само на педалата за гас, додека секое тргнување на ногата од гаста предизвикува полнење на батеријата. На кочницата се смета само во екстремни ситуации. Sherpa режимот е замислен на тој начин на возачот да му ја олесни мачната ситуација со недостатокот на енергија во батериите, со цел да стигне до станицата за полнење. Во овој режим е минимизирана потрошувачката на струја, а брзината е ограничена на 80 километри, а притоа се оневозможува вклучувањето на греење на седиштата и уредот за климатизација.

ПРВОТО ИЗДАНИЕ ЕДИНСТВЕНО СО МЕК КРОВ И НАЈВИСОКА ОПРЕМА

Италијанците, првото издание на 500e (La Prima) ќе го понудат со збогатено ниво на опрема и тоа по цена од 37.900 евра, оваа цена се однесува на засега единствената каросериска изведба која е во кабриолет форма. Во оваа најпрестижна верзија ќе бидат првите 500 примероци кои ќе го носат овој назив и ќе пристигнат стандардно опремени со LED светла, кожни седишта, 17-инчни алуминиумски тркала, хромирани детали на каросеријата и сите расположливи системи за асистенција на возачот. По почетниот период, на купувачите ќе им бидат достапни и регуларните варијанти, а многу брзо во гамата ќе се приклучат и примероците со цврст покрив. Во исто време актуелната генерација на конвенционално погонуваниот Fiat 500 ќе остане во понудата и во следните неколку години, со што преодот кон целосна електрификација ќе се одвива постепено, најпрво со додавање на хибридна верзија која своето деби го имаше непосредно пред претставувањето на 500е.

МОДНИТЕ МАЈСТОРИ СО СВОЕ ВИДУВАЊЕ ЗА ИКОНАТА НА ГРАДСКИТЕ УЛИЦИ

Со цел да се прослави лансирањето на новиот модел, три познати италијански компании – „Giorgio Armani“, „Bvlgari“ и „Kartell“ – дизајнираа уникатни верзии на возилото. Многумина се воодушевени што италијанците уште еднаш успеаја да направат убав и безвременски автомобил. Влегувањето во ерата на електричните автомобили не украде ниту еден детал од шармот на популарниот 500. Fiat е очигледно свесен за тоа бидејќи за премиерата подготви три уникатни верзии на 500е, настанати со некои од најголемите модни куќи на Апенините. Тука фокусот е ставен исклучиво на интересниот дизајн. Дизајнерските куќи подготвија само по еден примерок од 500е кои по промоцијата ќе се најдат на аукција, а средствата од нивната продажба ќе бидат донирани во добротворни цели.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ