Светско првенство во Формула 1-ФЕРАРИ ГО СКЛОПИ МОЗАИКОТ, РЕД БУЛ ИМ ЈА РАСТУРИ ЗАБАВАТА

11/04/2022

НОВАТА СЕЗОНА КОНЕЧНО НОСИ НОВА ПРИКАЗНА. ДОСЕГАШНАТА ДОМИНАЦИЈА НА МЕРЦЕДЕС НА СВОЈ НАЧИН „ЈА ЗАДУШУВАШЕ“ НАВИВАЧКАТА АТМОСФЕРА БИДЕЈЌИ ГО ИМАА ГЛАВНИОТ ЗБОР ВО ТРКИТЕ ОД 2014 ГОДИНА, СО РЕТКИ ПРОБЛЕСОЦИ НА ФЕРАРИ ВО ПЕРИОДОТ МЕЃУ 2017 И 2019 ГОДИНА, КОГА ФЕТЕЛ И ЛЕКЛЕР УСПЕАЈА ДА ИМ СЕ СПРОТИВСТАВАТ И ДА ГИ ПРЕДИЗВИКААТ ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛАТА. СЕПАК, ТОА КОНЕЧНО МУ УСПЕА НА РЕД БУЛ, КОЈ ВО 2021 ГОДИНА ЈА ИМАШЕ ПОБЕДОНОСНАТА КОМБИНАЦИЈА СО ХОНДА

 

Пол позицијата на Шарл Леклер во Бахреин, надополнета со победа во истото гран при беше главната вест во медиумите. Ферари им се врати на победите по 45 трки пауза! Според историските податоци, тоа е втор најголем пост во историјата на легендарниот тим: во периодот од 1990 до 1994 година, во периодот на доминација на Аиртон Сена и Мекларен Хонда, тие имале 59 трки без победа! За утеха, последната победа пред постот (Голема награда на Сингапур 2019), како и првата после него, сега во Бахреин, се „еден-два“ триумфи, односно надополнети со освојување на второто место. Овој пат, тоа можеби повеќе се должеше и на други околности, бидејќи двата болида на Ред Бул не ја завршија трката, а Макс Ферстапен не само што беше второпласиран во поголемиот дел од неа, туку и активно го напаѓаше Леклер во почетокот.

Со победата, Леклер поведе и во шампионатот, со што стана првиот Моначанец кој водел на табелата во Формула 1. За возачот на Ферари, ова е само трета победа во 81 старт, но не треба да се заборави дека првата сезона ја мина како дебитант и аутсајдер, во тимот на Алфа Ромео. За Карлос Саинц, пласманот на второто место е повторување на најголемиот успех во кариерата (ГН Италија 2020 година и ГН Монако 2021 година).

– Се случува нешто чудно со моторот, – им порачал Леклер преку тимското радио, по што во продолжение открил дека се шегува, пред да мине како прв на стартно-целната рамнина.

Возачот ги искористил истите зборови како во сезоната 2019-та, кога на трката во Бахреин остана без посакуваната победа и ја употреби истата фраза „Се случува нешто чудно со моторот“.

– Направив мала шега преку радиото при последниот круг, им порачав дека се случува нешто чудно со моторот. Сигурно им дадов причина за срцев удар на инженерите, но сè беше во ред, тоа беше шега. Многу сум среќен што отворивме со голема победа,  изјави Леклер.

Луис Хамилтон на крај се појави на подиумот, иако во текот на трката севкупно извозе само 5 круга како дел од првата тројка. Двете откажувања на болидите на Ред Бул (прв случај по ГН Австрија 2020 година) му донесоа подиум финиш, а Џорџ Расел како четврто пласиран стигна до најдобриот пласман во кариерата. Големо изненадување беа и болидите на Алфа Ромео и Хаас, кои користат погон на Ферари, па така Кевин Магнусен (со Хаас) дојде до 5 место, а Валтери Ботас (со Алфа Ромео) до шесто место, кое претходно го имаше освоено и во квалификациите. Со други зборови кажано, на крајот од трката, четири од првите шест болиди имаа погон на Ферари.

Окон на седмото место и Алонсо на деветтото покажаа дека и Алпин (поранешен Рено), има своја равенка за освојување на бодови базирана на издржливоста, но сепак во перформанси заостануваа зад другите. Кинезот Жу кој дебитираше во Алфа Ромео, стана 66 возач во историјата на Формула 1 кој во првата трка освоил најмалку еден бод.

Ред Бул беше единствениот тим кој не го заврши првото гран при во Бахреин.

– Тежок резултат за прифаќање. Ќе направиме целосна истрага, но изгледа дека двата болиди страдаа од сомнителен проблем со пумпата за гориво, – гласи објаснувањето на Ред Бул за катастрофалниот епилог на трката.
Ферстапен појасни дека имале и други проблеми во текот на трката.

– Се чувствував одлично во натпреварувачка смисла и овој резултат е навистина лош за нас. Проблемот првично започна со сопирачките и затоа му дозволив на Леклер да се одлепи. Потоа, имав проблем со балансот, а по последниот пит стоп, мојот управувач се закочи. Тоа направи работите да бидат многу тешки во дуелот со Саинц, а конечниот проблем мислам дека беше нешто со системот за гориво. Поради тоа морав да се откажам и беше болно да се види дека не завршија нашите два болиди. Сигурно ќе анализираме и ќе го утврдиме проблемот и ќе научиме од него. Ова е мотоспорт и сите работи се непредвидливи, ова е прва трка и има уште многу до крајот, – изјави Макс Ферстапен.
Сепак, тимот покажа дека е во состојба да се врати по овој удар. Веќе на следната трка во Саудиска Арабија, на градската патека во Џеда, Серхио Перез стигна до пол позиција, а Макс Ферстапен беше посреќен при влегувањето во бокс и успеа да дојде до победа. Тој му се доближи на Леклер во финишот и двајцата возачи неколку пати се престигнаа определувајќи го победникот во трката на најубав можен начин, со многу возбуда за гледачите. Разликата од 549 илјадити делови од секундата е една од најмалите регистрирани меѓу првите двајца во Формула 1, а прва од ваков тип по италијанското гран при во 2020 година.
Ферари, исто така, може да биде задоволен, иако победата им избега во последните моменти. Второто место на Леклер и третото на Саинц им донесоа два пласмана на подиумот, на две трки во низа, што е повеќе отколку што имаат во минатите две сезони севкупно.

За разлика од претходната трка, само 13 болиди завршија на целта, а во текот на 2021 година тоа се случи само еднаш (на ГН Унгарија). Мик Шумахер, кој излета претходниот ден на квалификациите и ја стопираше втората сесија за подолг временски период, не настапи на трката, но за среќа потврди дека одлично се чувствува.

Леклер и Саинц се лидери на табелата: Моначанецот има 45 бода, а вториот возач на Ферари има 33 бода. Ферстапен со 22 е трет, пред Расел и хамилтон кои имаат акумулирано по 22 односно 16 бода.

Првенството продолжува со трките за ГН Австралија (10 април) и ГН Емилија Ромања (24 април).

 

Уште една улична трка од 2023 година

 

Промотерите на светското првенство во Формула 1 ја потврдија долго шпекулираната зделка за враќање на Лас Вегас во календарот со свој слот за 2023 година, односно 40 години по славните моменти кога низ тогашните улици на „Градот на гревот“ се тркаа великани како Нелсон Пике, Ален Прост, Кеке Розберг и други.

Засега е познато само дека трката ќе се вози во ноќни услови, што најавува непопуларен термин за следење на директен пренос во живо во Европа, то ест  на полноќ.

Иако првите реакции вообичаено се позитивни, фановите кои реплицираа на Твитер искажаа безброј негативни коментари на тема „трета трка во САД“, како и отсуство на некои од славните автодроми од календарот на Формула 1 како Хокенхајм (Германија), Киелами (Јужна Африка), Сепанг (Малезија) и други.

Оваа година од календарот беше исфрлена Русија, а договорот на промотерот за организација на трката во Сочи беше раскинат.

 

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ