Претставуваме Lotus Emira-БОЖИЦА НА УБАВИНАТА

08/05/2022

ТАА Е ВЛЕЗ ВО НОВАТА ЕРА НА ИСКОНСКАТА БРИТАНСКА МАРКА LOTUS КОЈА КАКО МИТСКАТА ПТИЦА ФЕНИКС ПОСЛЕ МНОГУ ПРЕМРЕЖИЈА СЕ КРЕВА ВО ПРЕСРЕТ НА ИДНИНАТА И ПРОДОЛЖУВА ДА ГО СЛАВИ ИМЕТО НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ОСНОВАЧ КОЛИН ЧЕПМЕН

 

Изговарањето на името Lotus интуитивно асоцира на спортски автомобил дури и кај оние кои не се октански зависници. Данок на едно богато тркачко наследство пренесено во производство на едни од возачки највозбудливите автомобили што светот ги познава. Историјата почнува во далечната 1948 година кога Колин Чепмен го создава својот прв тркачки автомобил во својата гаража. Од неговите успеси се раѓа и идејата за спортски автомобил кој подеднакво ќе плени и на улица. Оттука почнува приказната за Lotus која трае и ден денешен. Иако по смртта на Чепмен марката минува низ многу премрежија паѓајќи во финансиски проблеми и менувајќи сопственици, сепак, успева да опстои и тоа благодарение на инженерската генијалност при создавањето на своите модели. Отсекогаш моделите на Lotus биле познати по извонредната возна динамика и директните информации кои се испраќаат до возачот ставајќи го неговото задоволство зад волан на прво место. И тоа без исклучок. Од ова правило не се отстапува. Денес под капа на кинеската мултинационална компанија Geely иднината на Lotus повторно блеска како во времето на Чепмен.

Во пресрет на новата ера под стратешкиот план Vision80 со кого Lotus чекори кон својата 80 годишнина која ќе се случи во 2028 година пристигнува Emira. Нов супер спортски автомобил создаден од нула, но врз основа на генетскиот код на Lotus. Иако името се сретнува во многу древни јазици во облик на „Eh-meer-ah” и се толкува како командант или лидер, сепак, кога ќе се погледне, првата асоцијација за Emira би била божица на убавината.

 

МАГИЈА НА ЗАВЕДУВАЊЕ

Emira е влезниот билет на Lotus во новата ера за марката. Со неа славното британско име меѓу автомобилите сака наново да и се претстави на глобалната публика. Воедно ги кани возачки настроените ентузијасти да го почувствуваат легендарното задоволство на инволвираноста при возење што Lotus отсекогаш го нуди. Затоа креативниот тим успеал да создаде нешто кое наједноставно може да се опише како „Убаво”. Eлегантно, модерно, и безвременско парче автомобил кое без двојби ќе остави траг и ќе биде запаметено како Lotus. Магијата на заведување која ја поседува Emira доаѓа од складните пропорции и како скулптура извајано тело. Визуелната драма почнува од уникатната хауба со интегрирани отвори кои го водат воздухот преку куполата на кабината кон задникот со интегриран спојлер. Извајаните врати слеани во страниците со просечени отвори течат кон мускулестиот задник нагласувајќи го драматичниот настап кој кулминира одзади. И таму владее склад на пропорции на двата отвори за одвод на врелиот воздух од под тркалата и масивниот дифузор од каде штрчат два издувни топа. Сето ова е покриено со интегриран спојлер во облик на лак под кого се кријат LED светла во форма на буквата С споени со лента на стоп светло.

 

ПАСИВНА АЕРОДИНАМИКА

Ефикасната аеродинамика е во сржта на Lotus од неговото основање. Филозофија која е нераскинливо врзана со испораката на извонредни перформанси и на пат, и на патека. Во Lotus при развој на секој модел аеродинамиката и возната динамика се слеани во една уникатна хармонија која ги користи природните закони. Тајната на успехот е во едноставноста и во паметниот инженеринг според кои нема потреба од активни аеродинамични додатоци. Тоа значи дека дизајнот, аеродинамиката и инженерингот се споени во едно.

Emira е единствена во сегментот која генерира пасивен „downforce” прецизно балансиран меѓу предната и задната оска при сите брзини и совршено прилагоден кон тежинската распределба и геометријата на потпирањето. Станува збор за уникатна хармонија која создава магично возачко искуство кое е ненадминато во светот на автомобилите. Затоа Emira е подготвена да маѓепсува. Го маѓепса дури и Џенсон Батон поранешниот шампион во Формула 1 кој коментира. „Се очекува Lotus да има добра тракција и водење низ тесни свијоци каде брзината е мала, но силен „downforce” се чувствува и низ свијоци кои се ловат при полна брзина. Чувството на извонреден баланс е подеднакво без оглед како се вози. Исклучително добро, и ме одушевува.”

 

ДОКАЖАНА ТЕХНОЛОГИЈА

Основата на Emira е алуминиумска шасија споена со лепење, пионерска технологија развиена од Lotus за Elise во 1990-те години која ја наследуваат и останатите модели на марката. Emira се потпира на сосема нова архитектура на која ќе почиваат и новата генерација електромобили на Lotus. Шасијата нуди две можности на сетапот. Tour кој е прилагоден за секојдневно користење и испорачува оптимален спој на возна динамика со високи перформанси и покомфорно возење. Sports е достапен со т.н. Lotus Drivers Pack и нуди постегнато подвозје со подобрена динамичка способност и поголема чувствителност. И во двете изведби хидрауличното управување испраќа извонредни повратни информации до возачот кој чувствува како да е едно со автомобилот. Поставена на тркала од 20 инчи Emira во изведбата Tour носи гуми на Goodyear, Eagle F1 Supersport, а во изведбата Sports гуми на Michelin, Pilot Sport Cup 2. И за во двете изведби гумите се специјално развиени за потребите на Emira според барањата на Lotus и подеднакво придонесуваат за врвното возачко искуство.

 

БОГАТО НАСЛЕДСТВО

Поставен на богатото наследство на Exige и Evora движечката сила на Emira е прославениот 3,5 литарскиот V6 мотор потпомогнат со механички компресор и поставен во средина на шасијата. Во основа моторот е земен на заем од Toyota заради неговата докажана издржливост и комплетно е преработен од инженерите на Lotus за да ги задоволи потребите на еден супер спортист. Со помош на механичкиот компресор на Edelbrock кој преку интеркулер присилно пумпа воздух, моторот е навиен да испорачува 400 КС и 420 Nm кои се доволни за спринт до сто зa 4,3 секунди. Во колку се избере опцијата со автоматски менувач тогаш вртежниот момент расте на 430 Nm, а спринтот до сто се скусува на 4,2 секунди. Без оглед кој од двата менувачи со шест степени е во игра погонот е на задни тркала, а максималната брзина расте до 290 km/h. Оваа моторна поддршка важи за првото издание на Emira наречено V6 First Edition.

На почетокот на следната година ќе се појави и основната верзија на Emira каде зад возачот место V6 ќе „вришти“ линиски четирицилиндарец кој доаѓа од соработката со AMG и ќе испорачува 360 КС. За ова ремек дело на AMG важи дека е најмоќниот сериски четирицилиндарец на светот. Моторот секако повторно е допрен од инженерите во Хетел кои му подариле нов вшмукувачки тракт и нов издув за да се добие уникатното искуство кое го нуди еден Lotus.

 

СПОРТСКИ АВТОМОБИЛ ЗА СЕКОЈ ДЕН

Идејата која стои зад Emira е да биде спортски автомобил за секој ден. Emira поставува нови стандарди во светот на спортистите во поглед на практичноста, комфорот и функционалноста. Без оглед дали се патува или секојдневно се врти низ град Emira е спремна за исполнување на обврските. Во кабината комфорно патуваат двајца, зад седиштата има доволно место за два куфери, или торби со намирници, а оставен е и мал багажник од 150 литри зад моторот. И највисоките нема да се пожалат на возачката позиција, ниту на видливоста. Благодарение на големите стаклени површини и паркирањето е лесно. Внатрешното уредување е спортски едноставно и дополнето со прочуеното британско чувство на благородност.

Emira рачно ќе се произведува во погоните во Хетел кои се база на Lotus од 1966 година. Благодарение на инвестицијата од 100 милиони фунти погоните се модернизирани и подготвени за новата ера на марката. Првите примероци на Emira треба да почнат да излегуваат од погон оваа пролет. Цената на оваа ексклузивна серија Emira V6 First Edition која носи полн пакет на опрема во Велика Британија ќе чини 75.995 фунти, а во Европа, конкретно во Германија 95.995 евра. Кога на пазарот ќе се појави основниот модел со четири цилиндри цената ќе стартува од 59.995 фунти, или 71.995 евра. Списоците за нарачки се отворени.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ