Претставуваме-BMW X1 xDrive20d-МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД ВЛЕЗНИЦА ВО СУВ СВЕТОТ НА BMW

31/07/2023

ВО BMW СЕ УВЕРЕНИ ДЕКА МОДЕРЕНИОТ ИЗГЛЕД, НАЈНОВАТА ТЕХНОЛОГИЈА, КАКО И ДОПОЛНИТЕЛНИОТ ПРОСТОР И ШИРОКИОТ СПЕКТАР НА ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ СЕ КЛУЧНИТЕ ЕЛЕМЕНТИ ВО ПАКЕТОТ ШТО ЌЕ ГО ЗАДРЖИ МОДЕЛОТ X1 НА ВРВОТ ВО СВОЈАТА КЛАСА

 

Моделот X1 е присутен на пазарот речиси 15 години, како најмал SUV во гамата на BMW ја воодушеви публиката уште од самото претставување во 2009 година и стана инстант хит. Ситуацијата не е сменета до денешен ден, правејќи го овој мал SUV еден од најпопуларните во портфолиото на марката. Ова значи дека во својата најнова иретација од него се очекува да понуди многу повеќе.

„МАЛИОТ“ СО ПРЕМИУМ МАНИРИ

Дизајнерите во компанијата повеќе или помалку имаат добиено слобода во процесот на креирање на новиот X1, а прво нешто што ќе забележите на надворешноста е формата на предната бубрежна решетка, која е очигледно помала отколку што во поново време сретнуваме кај модели од гамата. Предните светлосни склопови се со изразен тенок дизајн и навлегуваат во страните на автомобилот. Страничната силуета со својата монолитна појава открива дека X1 многу наликува на смален BMW X5, а ако подобро загледате на задниот дел се забележува длабокиот 3D ,,smoky“ дизајн на задните светла што црпи инспирација од за број поголемиот брат. Велиме поголем, но X1 порасна до вкупна големина како и оригиналниот BMW X3, така што сега е многу попрактичен предлог. Нашиот тест примерок беше облечен во нијанса на сина боја која одлично му прилега, поставен на алуминиумски тркала со интересен дизајн што во комбинација со стилизираните „Aluminium satin“ деталите (дел од ХLine пакетот) на надворешноста содава многу префинета и привлечна целина без тоа да го искажува гласно, во вистински премиум манир.

 

BMW X1 sDrive18d

„ХАЈ ТЕК“ КАБИНА

Првото нешто што ќе го забележите кога ќе седнете во новиот X1 е дека оваа генерација изгледа и се чувствува повеќе премиум отколку што тоа го правеа претходните верзии. Голема е веројатноста многу потенцијални купувачи да бидат придобиени едноставно со тоа што ќе седнат во него, не само што ќе се воодушеват од употребените материјали и завршната обработка, туку и од просторот и практичноста што се нудат во кабинскиот простор. Удобноста на седиштата напред е одлична, а има и многу место за складирање, особено во широката и длабока остава под „лебдечката“ централна конзола на која, пак, се сместени сите витални прекинувачи потребни за управување со возилото. Тука се копчето за стартување на моторот, електронската рачна сопирачка, физичката контрола на јачината на звукот и прекинувачот за изборните режими на возење, сè на едно место и веднаш на дофат. Задната клупа е лесно достапна преку големите отвори на вратите, а внатре комоцијата е на завидно ниво, простор за главата има на претек, а и оние со подолги нозе нема да се пожалат дека ги притискаат предните седишта. Во манир на вистински семеен транспортер се претставува и багажниот простор, со стандардни 500 литри и правилен облик лесно ќе ги „вдоми“ сите патни торби на четиричлено семејство, за транспорт на посериозни предмети неговите габарити растат до речиси 1.600 литри кога се соборени задните седишта. На врвот од контролната табла се наоѓа голем заоблен екран кој всушност е составен од два помали екрани, 10,25 инчен дигитален дисплеј што ја игра улогата на инструмент табла и 10,7 инчен екран задолжен за инфозабава. Ваквата комбинација изгледа елегантно а како дополнување функционира многу добро. Распоредот на менито за инфозабава е лесно за користење, но преместувањето на речиси сите функции за контрола на климатизацијата на екранот не е по наш вкус, сепак трендовите го налагаат тоа.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБО ДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 1995 СМ3
МОЌНОСТ НА
АГРЕГАТОТ:
163 КС
При 4.000 врт/мин
МЕНУВАЧ: 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА СИТЕ 4 ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 225/50 R18,
ПОЗАДИ 225/50 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.765 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4500Х1845Х1642 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
8.6 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
5.4 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
210 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
62.070 ЕВРА

ТОКМУ ОНА ШТО СЕ ОЧЕКУВА

Во поглед на моторизацијата кај моделот Х1 компанијата нуди изразено широка лепеза на двигатели, тука се бензинците кои може да се добијат и во plug-in хибридна верзија, дизелиските агрегати во зависност од изведбата може да бидат опремени со благ 48 волтен хибриден систем и целосно електричната верзија која ја носи ознаката IX1. Во нашиот случај, Х1 е погонуван од 2.0 литарски турбо дизел агрегат што располага со 150 КС кои се добиваат од агрегатот со внатрешно согорување и дополнителни 19 КС од благиот хибриден погон за вкупна системска моќ од 163 КС. Комбинираната влечна сила изнесува 400 Нм, од кои 360 Нм се дело на дизелскиот моторот и 55 Нм на електричниот систем. Ваквата комбинација овозможува малиот елктро генератор да го стимулира забрзувањето, а воедно и да го исклучи во целост користењето на моторот со внатрешно согорување при крстаречки брзини на отворен пат, овие две ставки се особено важни и директно влијаат на ефикасноста и динамиката на возилото. Како награда доаѓа просечната потрошувачка која не ја преминува границата од 7 литри, а од друга страна забрзувањето до 100 км/ч од 8,5 секунди. Силата се пренесува преку 7 степен автоматски менувач со двојна спојка, погонот е изведен по теркот xDrive и е насочен првенствено кон предната осовина, а по потреба ги ангажира и задните тркала. Се разбира, како што е пракса во новото време, сето тоа е проследено со неколку модови на работа кои се секогаш достапен избор на возачот. Во поглед на возните карактеристики Х1 е токму она што се очекува од едно BMW, не велиме дека е на ниво на седаните на компанијата, но за SUV возило е доста спортски настроен, иако не е опремен со М пакет. Управувачот е директен и испраќа доволно повратни информации до возачот. Насмевката на лицето доаѓа со избирање на спортскиот режим на работа, тогаш агрегатот и реакцијата на благиот хибриден систем се спремни во секој момент да испорачаат се што во другите режими на возење чувале во резерва. Потпирањето делува подготвено и рафинирано, реагира правовремено на сите предизвици кои му ги поставивме, а позитивното изненадувањето доаѓа од комодитетот што го испорачува, тука голема заслуга имаат и соодветните димензии на тркалата кои ја имаат задржано големината од 18 инчи. Моделот X1 ги зема сите препознатливи традиционални вредности на BMW и ги пакува во SUV форма со особено привлечна надворешност. Дополнително, во комплетот доаѓаат најсовремена технологија и изобилство на простор. Ако на ова се додадат возните карактеристи и можностите на xDrive погонот се добива производ кој што ја продолжува низата на своите претходници, подигнувајќи ја границата за скалило погоре.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ