СО НОВИОТ ХCEED КОРЕЈСКАТА КОМПАНИЈА ГЛАСНО КАЖУВА ДЕКА ПОВЕЌЕ НЕ САКА ДА БИДЕ РЕЗЕРВЕН ИГРАЧ, ТУКУ СМЕЛО ГИ ПОКАЖУВА СВОИТЕ КВАЛИТЕТИ СО КОИ МОЖЕ РАВНОПРАВНО ДА СЕ НОСИ ВО БОРБА СО ИГРАЧИТЕ ОД ПРВИОТ ТИМ.
Имиџот што Kia го постигна на стариот континент највеќе се должи на моделот Ceed, кој од своето деби во 2006 година континуирано бележи позитивни резултати. Свесни за постигнатиот успех раководните лица од компанијата во најновата, 3-та генерација се охрабрија и од моделот Ceed создадоа комплетен подбренд. Имено, покрај веќе познатите „хечбек“ и караванска изведба, во семејството постепено беа додадени верзиите Proceed, „лајфстајл“ интерпретација на караван-купе автомобил и последниот во низата, моделот ХCeed кој доаѓа како алтернатива во многу популарниот сегмент на урбани „кросовер“ автомобили.
ПОЛН ПОГОДОК
Пратејќи ги светските автомобилски трендови корејската компанија одлучи да се послужи со примерот кој веќе е искористен од другите производители и семејството го дополни со модел кој ќе биде поспортска алтернатива на SUV возилата од гамата. Иако изведбата XCeed е изградена врз база на „хечбек“ моделот Ceed, сепак станува збор за многу повеќе од класично преземање на основната и поставување на повисока основа. Од таа причина верзијата XCeed со стандардната изведба ја поврзуваат единствено предните врати, сите други елементи на екстериерот се специфично создадени за овој модел. На предниот дел е забележлив обликот на браникот кој е со поголеми отвори за воздух и хромирани додатоци. Стандардно, светлосните склопови се во LED изведба, навлегуваат подлабоко кон заштитната маска и имаат далеку поагресивен дизајн. Профилот на автомобилот дополнително ги открива разликите, XCeed има подолга каросерија чија поставеност е подалеку од подлогата отколку кај Ceed. По примерот на протеренските изведби долниот дел од екстериерот е обрабен со црни заштитни елементи, додека кровот е со далеку поизразена слегувачка линија како што се движи кон крајот на автомобилот. Силуетата на купе автомобил доаѓа до израз особено преку обликот на заден дел, каде што на највисоката точка е поставен спортски дизајниран спојлер. Робусниот изглед на задниот браник ја заокружува сликата за спортскиот дух, но тука доаѓа и еднинствената замерка за дизајнот. Трендот кој во последно време е популарен кај производителите наметнува наместо вистинските завршетоци на издувниот систем во браникот да се имплементираат лажни хромирани отвори, за жал овој пристап е применет и кај XCeed. Сепак и покрај оваа мала замерка, без разлика од кој агол се гледа XCeed изгледа атрактивно и модерно со линии кои визуелно го прават различен од конкуренцијата.
КОНФОРНА СТРАНА
Со зачекорувањето во внатрешноста на XCeed се сретнувате со познато опкружување, бидејќи во суштина ентериерот е речиси ист како кај стандардната варијанта на Ceed. Единствените разлики од технички аспект се забележливи во делот на дисплеј на инфотејмент системот кој е со големина од 8 инчи и кој стандардно е опремен со функциите за поврзување на паметен телефон преку Apple CarPlay и Android Auto. За разлика од некои производители кои се обидуваат сите секундарни функции да ги вметнат на екранот, во Kia сè уште се држат до традицијата. Затоа управувањето со климатизацијата се одвива преку засебни команди кои се логички поставени и секогаш при рака, што е добар показател дека не треба сè да биде комплицирано. Што се однесува до материјалите, тие се за нијанса на повисо ниво отколку кај стандардната верзија. Понудата на простор во кабината е секако една од појаките страни на XCeed. Со минималното зголемување на надворешните габарити бенефитот се испорачува на втората половина од автомобилот. Задната клупа располага со простор каде што и повисоките лица ќе немаат проблем со удобното сместување, простор има доволно за колената, но и за главата, иако кровот има слегувачка линија. Исто така, во прилог оди и зголемениот волумен на багажникот што сега досегнува капацитет од речиси 430 литри. Севкупниот впечаток е повеќе од позитивен, минималните промени во кабинскиот простор влијаат позитивно и прават овој модел да ја истакне својата комфорна страна.
ДОВОЛНО ДОБАР БАЛАНС
Тестираниот модел ја поседуваше основната моторна опција што брои 120 КС сили кои доаѓаа од агрегатот со зафатнина од 998 см3 помогнат со турбо полнач, што воедно е компатибилен со строгите Еuro 6d –Temp нормативите. Наведената моќност која ја испорачува е повеќе од доволна за користењето во градски услови и повремени излети на подолги патеки. Автомобилот во оваа конфигурација потегнува без потешкотии, благодарение на влечната сила од 172 Нм која е на располагање од 1.500 до 4.000 врт/ мин, на моменти делува поспретно отколку што може да се претпостави. Агрегатот работи во спрега со одлично пресметана 6 брзинска трансмисија која се одликува со исклучителна прецизност и релативно краток од при промена на степените. Забрзувањето до 100 км/ч трае 11.3 секунди, а максималните 186 км/ч без никаков проблем можат да се дофатат. Постигнувањата се сосема коректни за автомобили со тежина од 1.257 кг. и малолитражен мотор од само еден литар. Декларираната просечна потрошувачка изнесува 5.5 литри што во реални услови значи дека таа се движи во зоната 7-7,5 литри на секои 100 изминати километри. За да биде сè на страната која ја потегнува надворешниот дизајн се грижи подвозјето кое е сетирано повеќе кон конфорната страна, но истото може да биде доволно прецизно, што на модел како Xceed кој поседува повисока става му овозможува да се однесува многу софистицирано во урбаниот сообраќај, но и при возење на отворен пат.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ
МОТОР: | ТРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО БЕНЗИНЕЦ |
ЗАФАТНИНА: | 998 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 120 КС ПРИ 6.000 ВРТ/МИН. |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН МАНУЕЛЕН |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: | НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: MULTI LINK |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 205/60 R16, ПОЗ АДИ 205/60 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: | 1.257 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.395X1.826 X1.483 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
11.3 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.5 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: | 186 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ | 18.550 EU |