Peugeot 108 Active 1.0 VT – МУСКЕТАР СО КАРАКТЕР

22/10/2019

МАЛИТЕ ВОЗИЛА СЕ ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА УРБАНОТО ДВИЖЕЊЕ, А ТОЈ ПОДАТОК ДОБРО ГО ЗНААТ И АВТОМОБИЛСКИТЕ КОМПАНИИ. ИАКО НА ВОЗИЛАТА ОД ОВОЈ СЕГМЕНТ ЗАРАБОТУВАЧКАТА Е НАЈМАЛА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ КОИ ДРЖАТ ДО СЕБЕ НЕ СМЕАТ ДА ГО ИЗОСТАВАТ ОВОЈ ТИП НА АВТОМОБИЛИ ОД СВОЈАТА ПОНУДА. МАРКАТА PEUGEOT ВО СЕГМЕНТОТ НА ГРАДСКИ АВТОМОБИЛИ ОД СВОЈОТ КАТАЛОГ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР ГО НУДИ МОДЕЛОТ 108, ТОЈ Е ЕДЕН ОД ДВАТА МОДЕЛИ НА ГРУПАЦИЈАТА PSA КОЈ ПОКРАЈ CITROEN C1 СЕ РАЗВИЕНИ ВО ПАРТНЕРСТВО СО ЈАПОНСКАТА TOYOTA КОЈА ГО ИМА МОДЕЛОТ AYGO.

 

УРБАНО ЛАВЧЕ

Co моделот Peugeot 108 ни доаѓа и препознатливиот дизајнерски јазик на францускиот призводител, но во оваа прилика има за цел да и се додвори на помладата популација. На предниот дел од автомобилот доминираат елементите кои се сретнуваат и кај останатите модели на марката со кои малиот автомобил добива динамичност, а модните трендови се дополнети и со пар LED дневни светла поставени на самиот завршеток од браникот.

Димензиите го диктираат и обликот, но гледано од профил може да се забележи дека каросеријата изгледа многу поатрактивно отколку другите припадници во овој сегмент. Тоа особено може да се забележи на долниот дел од предниот браник и завршетокот на кровот на задниот дел со што е дадена дополнителна динамика на севкупниот дизајн. На задниот дел е продолжена „лавовската“ изведба од предниот дел со тоа што тука таа ја креираат задните светлосни елементи со нивната графика. Севкупно гледано моделот 108 поседува посебен каратер со кој јасно изјавува дека при креирањето на градски автомобили може да се покаже стил иако тие доаѓаат во мало пакување.

ЗА СЕЧИЈ ВКУС

Внатрешноста на Peugeot 108 го прати трендот кој го диктира надворешноста. Кабинскиот простор е целосно во склад со новите автомобилски трендови и нуди максимални можности за персонализација. Можноста секој купувач да може да го персонализира својот автомобил е повеќе од популарнa во светот, а така е и кај Peugeot 108.

Покрај добро осмислените пакети индивидуалноста може да се искаже и преку многубројните додатоци изработени во голема колoрна палета. Надворешните габарити не ветуваат многу, но во реалност во внатрешноста комотно може да се сместат 4 возрасни лица. Место има и во багажникот, но не доволно целото семејство да отпатува на годишен одмор. Волуменот од околу 180 литри може да одговори единствено на секојдневните потреби за пазарење, сепак ова е автомобил од само 3.5 метри и не треба да се очекува повеќе.

Инструмент таблата е поставена во мала рамка налик на оние кај моторциклите, истата е изведена во комбинација на аналогни и дигитални инструменти, а единствено недостасува бројачот на вртежи на моторот.

Аудио уредот го зазема врвот од централниот дел, и покрај тоа што служи како класичен радио приемник во оваа конфигурација поседува и USB влез преку кој може да се репродуцираат аудио фајлови.

ПРГАВ ШТЕДЛИВЕЦ

Моделот Peugeot 108 кој ни беше позајмен на неколкудневно дружење го поседуваше проверениот агрегат со зафатнина од 998 см3. Француските инженери постојано трагаат по совршенство, затоа овој трицилиндричен агрегат претрпе минимални преправки со цел да добие на ефикасност и еластичност, а воедно и да ја намали емисијата на штетни издувни гасови под границата на 100 г/км. Кубатурата на трите цилиндри е во можност да произведе 72 КС кои се расположиви на максимални 6.000 врт/мин, воедно поседува вртежен момент од 93 Нм што својот максимум го постигнува на 4.400 врт/ мин. Иако му недостасува еден цилиндар тоа во пракса не може да се забележи, избалансираното работење и урамнотеженоста на агрегатот ги анулира сите предрасуди.

Покрај тоа малата тежина во соработка со наведените податоци му подаруваат темперамент и доза на агилност во градскиот сообраќај за што свој удел има и мануелниот менувач со пет степени на пренос кој е доста брз и прецизен во работата. Модерно конструираниот агрегат може да се пофали со респектабилни перформанси, ако се земе предвид класата во која припаѓа, „стотката“ ја достигнува за 14 секунди, а стрелката на брзиномерот застанува на 160км/ч. Малиот 108 во град е на свој терен каде што неговите доблести се истакнуваат најмногу, малата потрошувачка во нерамномерниот ритам на секојдневниот урбан циклус на возење резултира со биланс помал од 6 литри на 100 километри. Ситуацијата се менува кога со него ќе излезете на отворен пат, Peugeot 108 со овој агрегат е предвиден за урбана употреба, затоа од него не треба да се очекуваат чуда.

Доколку сте тргнати на подолга дистанца добро е да знаете дека доколку сакате чести излети во левата лента, истите треба претходно добро да се испланираат, затоа, пак, доколку стилот на возење ви е полежерен може да сметате на потрошувачка која се движи во зоната од 4,5 литри на секои 100 изминати километри.

Peugeot 108 и понатаму останува верен на својата целна група, на оние кои ги ценат практичноста, агилноста и динамиката во мало, елегантно и шик возило. Вистински избор за понежниот пол и одличен изговор за нивните партнери кои знаат што значат наведените карактеристики.

 

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

МОТОР: Трицилиндричен бензинец
ЗАФАТНИНА: 998см3
МОЌНОСТ: 72 КС
при 6.000 врт/мин
МЕНУВАЧ: 5 Степен Мануелен
ПОГОН: На предните тркала
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: McPherson
НАЗАД: Торзиона оска
СОПИРАЧКИ: Напред: Вентилирачки дискови
Назад: Барабан
ГУМИ: НАПРЕД: 165/65 R14
НАЗАД: 165/65 R14
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 935 кг
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В 3.475 X 1.615 X 1.460 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: 14.0 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
4.1 лит/100 км
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: 160 КМ/Ч
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ 9.380 €

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ