ГОЛЕМА БИТКА МЕЃУ FERRARI И TOYOTA ЗА ОСВОЈУВАЊЕ НА АМЕРИКАНСКИОТ ЛОУН СТАР ЛЕ МАН. БИТКА КАКВА РЕТКО СЕ ГЛЕДА НА ТРКИТЕ НА ИЗДРЖЛИВОСТ. БИТКА ВО КОЈА ИСТОПОРЕНИОТ КОЊ ОД МОДЕНА УСПЕА ДА ИЗВОЈУВА ТЕСНА ПОБЕДА
Срцето на Тексас. Патека: COTA (Circuit of the Americas) во Остин. Трка: Лоун Стар Ле Ман. Упориште кое, подготвени да кршат копја, со нетрпение го очекуваа големите имиња од Светскиот шампионат во трки на издржливост. Упориште на кое славеше Ferrari во тесна битка со актуелниот шампион Toyota. Славната марка од Модена после 24 часа на Ле Ман годинава по втор пат се закити со победа, и повторно на трка која го носи името Ле Ман. Како тоа да е тесно врзано со нејзината богата тркачка историја.
Победата на Лоун Стар Ле Ман му помогна на Ferrari да го задржи чекорот со Toyota и Porsche во шампионатот во кој преостануваат уште две трки. Иако, повторно останува на трето место заостанувајќи 19 бода зад водечкиот. Од друга страна, по одличниот настап во Остин Тексас, Toyota освои доволно за да ја преземе водечката улога во шампионатот и да застане на чекор од одбрана на титулата. Без оглед што на репертоарот преостануваат две тешки трки: 6 часа на Фуџи и 8 часа на Бахреин, кои, веруваме, ќе донесат големи возбудувања во завршницата на сезоната.
Лоун Стар Ле Ман не бил дел од календарот на WEC од 2020 година. Модерната патека изградена во срцето на Тексас официјално е пуштена во употреба во 2013 година како домаќин на петтата рунда од шампионатот. Трката од 2013 до 2017 година го носи името 6 часа на COTA (Circuit of the Americas). Во 2018 и 2019 година не се вози, а во 2020 година е преименувана во Лоун Стар Ле Ман. После пауза од три сезони 2021, 2022 и 2023, годинава повторно го кити календарот на WEC. Специфична заради големите висински разлики меѓу одделни секции оваа 5,5 километри долга патека се вози во обратна насока од стрелките на часовникот. Изобилува со свијоци кои се групирани во две секции со долги правци меѓу нив. Брои вкупно 20 свијоци од кои 11 леви и 9 десни. Возилата од класата Hypercar менуваат степени околу 54 пати по круг и во просек 44% од кругот возат со гас до крај, притоа достигнуваат брзини од околу 305 km/h.
На една олку вртоглава патека Ferrari ја доби Toyota во тесна завршница, откако, јапонскиот тим беше казнет за непочитување на ограничување на брзината при истакнато жолто знаме. Победата на Toyota и побегна од раце во последниот час од трката кога автомобилот број 7 Toyota GR010 со Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Ник Де Вриј беше на пат кон освојување на вториот настан годинава. После победата во Имола се чинеше дека Конвеј, Кобајаши и Де Вриј ќе слават и на север од американскиот континент. Но, Кобајаши не забавува доволно при истакнување на жолто знаме заради заглавениот на патека број 94 Peugeot 9X8. Изречена му е казна „drive-through” која бара да влезе и излезе од пит-стоп минувајќи низ него со ограничена брзина. Така Кобајаши излегува од пит-стоп зад број 83 Ferrari 499P со Роберт Кубица, Јифеи Је и Роберт Швартман и ја губи трката за 1,78 секунди.
Заплетот во завршницата беше само круна на исклучително возбудливата трка која и без друго се очекуваше од Лоун Стар Ле Ман. Квалификациите минаа во знак на Ferrari. На пол-позиција се најде број 51 Ferrari 499P со Антонио Џовинаци зад волан, додека Роберт Кубица со Ferrari број 83 стартуваше да него. Првиот ред на старт беше резервиран за болидите од Модена. Неочекувано број 2 Cadillac со Алекс Лин се пласираше на третата позиција, а големо изненадување приреди и број 35 Alpina со Чарлс Милези кој се пласираше четврти. Од третиот ред, пак, стартуваа петопласираниот број 50 Ferrari со Антонио Фуоко, и број 5 Penske Porsche возен од Мет Кемпбел. Седми и осми беа број 20 и број 15 на BMW, а конкурентот за победа број 7 Toyota со Кобајаши зад волан се пласираше дури на деветтата позиција.
СТАРТОТ НА ТРКАТА ПРИРЕДИ ВИСТИНСКА МЕШАНИЦА
Полсетерот Џовинаци очекувано поведе тесно следен од Кубица. Но, пробивањето на број 51 Ferrari со Мигуел Молина од петтата позиција на третата во првите метри од трката беше подвиг вреден за паметење. Водството на Ferrari 1 – 2 – 3, Џовинаци – Кубица – Молина, се чинеше солидно. Меѓутоа во тимот на Ferrari имаа свои идеи како треба да се одвива трката. После 35 минута од трката Џовинаци го пропушта Кубица на лидерската позиција за што добива опомена. И додека во Ferrari си играа комбинаторика, вистинска драма им се одвиваше зад грб додека BMW се бореше да избие напред. Број 15 и број 20 на BMW заедно стигнаа зад водечкото трио и почнаа да притискаат врз грбот на истопорениот коњ од Модена.
Екстремната жештина на патеката COTA почна да го зема својот данок. Џовинаци се откажува на 1 час и 45 минути од трката кога го оштетува автомобилот при престигнување за цел круг на број 94 Peugeot. Кубица и Молина остануваат на врвот следени од болидите на BMW. Toyota ја нема ниту на повидок во првите два часа од трката. Тогаш почнуваат предвидените застанувања во пит-стоп. Благодарение на добрата тактика Toyota успева да направи пресвртница. Во следните два часа од трката почнува да се разгорува борбата за победа меѓу број 83 Ferrari 499P и број 7 Toyota GR010. Јифеи Је и Ник Де Вриј разменуваат најбрзи кругови. Без оглед на нападите Де Вриј не успева да избие на чело. Следува редовната замена на возачите. Број 7 Toyota влегува во пит-стоп порано. Де Вриј се менува со Кобајаши. Круг подоцна во бокс влегува број 83, но доцни за влакно и Кобајаши избива на чело.
Toyota води во завршницата. Јапонците се на чекор од третата победа годинава, а Ferrari ја прокоцка шансата да победи. Но, кога станува збор за трки на издржливост ништо не е завршено додека не се развее чекираното знаме. Пред крај Кобајаши ја прави кобната грешка и заради казна се простува од победата. Слави Кубица, заедно со тимот AF Corse. Третото место го освојува уште еден екипаж на Ferrari, број 50 со Молина, Нилсен и Фуоко. Број 2 Cadillac Racing и број 5 Alpine Endurance завршуваат четврти и петти.
Добриот резултат на Лоун Стар Ле Ман и помогна на Toyota да избие на чело во генерален пласман и сега води со 147 бодови пред Porsche кој има 136 бодови. Ferrari е на трето место со 128 бодови.
Класата LMGT3 мина во целосна доминација на американско-британскиот тим Heart of Racing и нивниот број 27 Aston Мartin Vantage AMR со Ијан Џејмс, Алекс Рибера и Даниел Манчинели. Брзиот Ијан Џејмс ги доби квалификациите со брилијантно одвозен круг. Тој за 0,178 секунди беше подобар од Сара Бови од тимот на железните дами – Iron Dames со број 85 Lamborghini Huracan. Доминацијата од квалификациите број 27 Aston Мartin ја продолжи во трка. Водеше од почеток до крај со добро одработена тактика и се закити со првата победа годинава. Борбата меѓу Ијан Џејмс и Сара Бови која се разгоре на квалификациите продолжи и во трка. Делови од секунда ги делеа Џејмс и Бови. Но, по второто застанување во бокс и смена на возачите број 27 со Манчинели почна да се оддалечува од број 85 со Рахел Фреј. Разликата постојано се зголемуваше сè додека број 85 со Фреј не удри во број 81 Corvette. Фреј беше казнета за предизвикување на судир. На крај казната го испрати број 85 дури на 13 место. Второто место го наследи тимот Manthey Purerxcing со број 92 Porsche 911 GT3 R и Александар Малихин, Џоел Штурм и Клаус Бахлер зад волан. Тимот на Manthey EMA со број 91 Porsche 911 GT3 R го наследи третото место.
Класата LMGT3 во генерален пласман не носи изненадување. Продолжува да води тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R број 92 со 118 бодови. Втор е тимот Manthey EMA со Porsche 911 GT3 R број 91 кој сега има 90 бодови, а трет останува тимот Team WRT со BMW M4 број 31 со 84 бодови.
Следната трка е 6 часа на Фуџи која се вози на 15 септември.