МОЌЕН, БРЗ И ПРАКТИЧЕН, СО НЕНАДМИНАТ СТИЛ И ЛУКСУЗ И ИЗРАБОТКА ДОВЕДЕНА ДО ПЕРФЕКЦИЈА, СУПЕР ГЛИСЕРОТ НА BRABUS ОСТАВА НЕИЗБРИШЛИВА ТРАГА НА СЕКОЈ ШТО ЌЕ ИМА ПРИЛИКА ДА ГО ДОЖИВЕЕ
Бидете подготвени да ве маѓепса оваа појава која зрачи со груба убавина и мами да се биде на вода. Да се глисира кон морската шир на капење во длабочините, или пак да се ужива додека се истражуваат од копно непристапните подрачја и осамените плажи. Ништо повеќе, па, и ништо помалку, не е потребно во летниве горештини од ова фантомско сениште со 1.200 КС способно да бришка на вода со 102 km/h. Под еден ваков супер-глисер покриен со сончев кров се потпишува славното тјунерско ателје Brabus од Ботроп кое покрај светот на автомобилите успешно плива и во светот на наутиката.
Секако Ботропјаниве го користат рецептот како и за автомобилите. Го одбираат најдоброто за да го направат уште подобро. Наутиката ги предизвика откако финскиот производител на брзи глисери Axopar и генијалниот инженер Јан-Ерик Витала создадоа иновативна конструкција на скалест труп кој нуди висока стабилност во екстремни услови, лесно испливување и низок отпор кој дозволува да лизга низ вода. Типично нордискиот дизајн на глисерот, груб, мускулест и остар како сечиво Brabus го користи да ја создаде својата фантомска флота во која како круна доаѓа за ова лето подготвениот Brabus Shadow 1200 Sun-Top Phantom Gray Signature Edition. Можеби е долго за памтење, па дури и за изговарање, но вака гласи полното име на овој фантом од лагуната.
МАГИЈАТА НА МОЌНАТА КОЊИЦА
Исто како автомобилите така и глисерите со потписот на Brabus се магија за октанските зависници. Во целата наутичка понуда на Brabus, од најмалиот Shadow 300, преку Shadow 500, 900 и 1000, па сè до знаменосецот Shadow 1200 нема да најдете тежок бродски мотор. Зборуваме за бензинец, бидејќи дизел е богохулие и да се спомене. Brabus се потпира на вонбродски мотори. Тие не заземаат простор, полесни се, со нив коритото побрзо испливува и нудат подобра маневрибилност.
Дури и кога станува збор за вонбродски мотори Brabus повторно е пребирлив. Изборот паѓа на новата генерација мотори на престижниот Mercury, поточно на неговото од спортско одделение Mercury Racing. Овие вонбродски атмосферски бензинци во конфигурација V10, со агол меѓу цилиндрите од 64 степени и две брегасти вратила во глава на мотор, имаат зафатнина од 5,7 литри и остваруваат максимална моќност од 400 КС во дијапазон од 6.000 до 6.600 min-1. Брзиот одзив на командите за гас се должи на специјално изведениот вшмукувачки тракт со клапна од 92 mm, тркачкиот издув со слободен проток и спортска нота која реже и со пропелер кој се користи во трки. Се одликуваат и со мала тежина од 315 kg. Полесни се од најблискиот конкурент за 20% и имаат за 55% подобро забрзување.
Оваа моќна коњица поставена во тројка испорачува бесни 1.200 КС способни да го одведат 14 метри долгиот Shadow 1200 Sun-Top и неговите 11.000 килограми до максимални 55 јазли или 102 km/h.
ВРВНО ЗАНАЕТЧИСТВО ИЗДИГНАТО ДО УМЕТНОСТ
Качувањето на палубата открива посветеност на детали какви што попрво би ги виделе во светот на врвните часовници, отколку во наутиката. Прецизната обработка која е на ниво на врвно занаетчиство совршено ги вклопува елементите од карбон-фибер со црвената кожа прошиена со препознатливата шара на Brabus која ја препознаваме и кај уредувањето на автомобилите. Оваа специјална серија наречена Phantom Gray Signature Edition користи комбинација од бои инспирирани од ултимативниот пустински тркач Babus Crawler кого Ботропјаните го претставија за прослава на 45 годишнината.
Трупот е лакиран во темна нијанса на т.н. фантом сива боја која совршено пасува со црвената боја на тапацирот и на цевките од рамката на кровот и кровните носачи предвидени за носење на даски за едрење и скии за на вода. За љубителите на риболовот веднаш под кровот во задниот дел поставени се и носачи за трски, а кровот е покриен со две завеси кои се отвораатзатвораат електрично.
Оваа специјална едиција на Shadow 1200 е во целост изработена рачно. Само за склопување на елементите, лакирање и полирање се потребни шест седмици заради темелноста на рачниот процес на обработка. Посебно внимание е посветено на изработка и опремување на предната кабина со двоен кревет и кров кој се отвора како галебови крила. Истото важи и за кабината одзади за која како опција се доплаќа и од која низ стаклениот ѕид погледот паѓа директно врз трите вонбродски мотори.
ПРАКТИЧНОСТ НИЗ ЛУКСУЗ
Врвните перформанси, извонредната пловна динамика и рачната изработка во комбинација со луксузниот амбиент го издигнуваат Brabus Shadow 1200 на врвот меѓу луксузните глисери. Иако луксузнo Shadow 1200 е крајно практично пловило со лесен пристап до секој дел од палубата. Прамецот е опремен со скалесто распоредени пространи душеци за сончање под кои е сокриена кабината доволно голема за неколку дневен престој. Во средишниот дел масата на склопување и клупите по потреба формираат уште една површина за сончање, а тука се и страниците кои се отвораат и нудат дополнителни површини за седење, или за сончање. Веднаш зад трите одвоени седишта во кокпитот е поставен централен мини бар кој содржи фрижидер, лавабо со чешма и мала плотна за готвење. Задниот дел се опремува зависно дали е одбрана опцијата за задна кабина. Тогаш кровот од кабината е прекриен со душеци за сончање. Во колку нема кабина тогаш одзади може да се најде софа во форма на буквата „U”. Оваа опција подразбира уште еден мини бар во задниот дел од палубата.
Овој просторен концепт дозволува сместување и на поголема група на луѓе кои ќе уживаат во денот минат на сонце. За релаксирачка атмосфера придонесува и врвното озвучување кое го претвора Shadow 1200 во пловна дискотека. Со моќност и перформанси кои одземаат здив, со неприкосновени стил и луксуз, со исклучителна практичност и изработка доведена до перфекција Brabus Shadow 1200 Sun-Top Phantom Gray Signature Edition маѓепсува и остава неизбришлива трага на секој што ќе има прилика да го доживее. Затоа во ек на летните горештини подгответе се да бидете „Брабусирани”. Секако „Брабусиранизицијата” има своја цена, и во случајов свртува седумцифрен број.