ДА СЕ ВРАТИШ ВО МИНАТОТО СО ЦЕЛ ДА СЕ ПОДГОТВИШ ЗА ИДНИНАТА. ТАКА НАЈДОБРО СЕ ОПИШУВА ПОТЕГОТ НА АЛФА РОМЕО СО НЕЈЗИНИОТ НАЈНОВ СУПЕР СПОРТСКИ КУПЕ АВТОМОБИЛ
Како што велат тие од автомобилската индустрија, светот се наоѓа на крстопат и разделба од многу посакуваните и обожуваните мотори со внатрешно согорување. Нивното место како што знаете ќе го заземат електричните погонски единици. На тој крстопат стаса и Алфа Ромео и сакајќи да го одбележи тој момент најави скорашно лансирање на супер купе. Имаше тука и натегања, дали ќе биде или не. Алфа Ромео не е многу почитувана во новокомпонираниот „комитет“ наречен Стелантис, исто како Ланча и Доџ. Тоа се марки која од која, марки кои оставиле силен белег во историјата, но нивната судбина е неизвесна. Алфа Ромео тргнува напред и во овој миг има три модели во семејството. Четвртиот кој го претстави на 30 август нема да биде од тие големо сериските, туку бројот ќе биде ограничен на точно 33 примероци. Збориме за „алфа ромео 33 страдале“. Легендарниот автомобил со истото име е претставен во 1967 год. Конструирањето на овој автомобил е да се одбележи враќањето на Алфа Ромео на тркачките патеки. Сето тоа го сработува легендата Карло Чити и тогаш главниот во Алфа Ромео, конструкторот и организатор Џузепе Еуџенио Лураџи. Овие двајца се виновни за создавање на прототипот „типо 33“ („аутоделта алфа ромео типо 33“), подготвуван за трки, а туристичката изведба именувана како „страдале“ е правена врз основа на тркачката. Тоа „страдале“ е типично име за тркачките автомобили наменети за употреба во секојдневието. Да не ве буни тоа Аутоделта, тоа е работилницата во која се правеле и сѐ уште се прават тркачките автомобили на Алфа Ромео.
Ако тркачките автомобили биле правени во Аутоделта, тие наменети за секојдневна употреба се правеле во Алфа Ромео, но и во други работилници како на пример Каросерија Мараци од каде излегле не повеќе од 18 примероци од „33 страдале“. Купето „алфа ромео 33 страдале“ за првпат е видено на 5 октомври 1967 год. на Салонот за автомобили во Париз, а производството продолжило до 1968 год. Токму овој автомобил е обликуван Франко Скалионе. И сега да се вратиме во сегашноста во која главен во Алфа Ромео е новопечениот диригент Жан – Филип Импарато. Откако обновениот модел беше прикажан, главниот нагласи дека ќе има уште вакви автомобили од Алфа Ромео. Тоа значи дека производителот влегува во безбедната зона и нема опасност од исфрлање од Стелантис. Засега во таа опасна зона се Ланча и Доџ. Најавата за претставување ново супер купе од Алфа Ромео предизвика лавиниод воодушевување во светот на љубителите на чудата на четири тркала. И конечно на 30 август автомобилот беше претставен пред светската јавност. Светот беше дополнително побудален кога разбра дека ќе бидат произведени само 33 примероци. Производителот најави вградување на класични, но и електричнипогонски единици, а за тоа треба да одлучи секој купувач посебно, дали сака ото или електричен мотор. Потенцијалните купувачи беа поканети во Монца да присуствуваат на речиси таен состанок со Алфа Ромео каде им беше претставен новиот „33 страдале“, а за впечатоците при конструирањето и обликувањето им ги пренесе лично главниот од дизајнерскиот оддел Алехандро Месонеро – Романос. Да разјасниме уште една непозната „равенка“.
Кога производителите се соочуваат со мал „тираж“ тогаш се обраќаат до работилниците кои се специјалисти за таква работа. Овој пат Алфа Ромео одлучи да соработува со Каросерија ТурингСуперлеџера. На сите 33 примероци од моделот „33 страдале“, покрај името Алфа Ромео на плочките ќе го пишува и името на работилницата каде се направени. Основата е изработена од лесна легура во која алуминиумот е најзастапен, а сето останато е направено од јаглеродни влакна. И сега да не правиме драма заи околу обликот, фотографиите зборат сѐ. Како што вели производителот, ото моторот е позајмен од „џулија квадрифољо“, легендарниот 2,9 литарскиот V6 мотор и е дополнително доработен, „разубавен“. Во него има двоен турбо полнач со чија помош моторот развива 620 КС. Сотаа силина управува автоматскиот менувач со двојна спојка со осум преноси. Со овој мотор „33 страдале“ постигнува забрзување од 0 до 100 км/ч за помалку од 3,0 сек. а показалката од брзиномерот застанува на бројката 333 и покрај тежината на автомобилот од 1,5 тони. Изведбата со електричен погон располага со 750 КС, но има и 500 кг повеќе поради тежината од батеријата која обезбедува изминување на околу 450 км. Сепак забрзувањето од 0 до 100 км/ч помалку од 3,0 секунди, но тоа се должи на дополнителните 130 КС во однос на тие 620 КС што ги има класиката. „Алфа Ромео 33 страдале“ ги има следниве димензии, висина 1.226 мм, должина 4.637 и ширина 1.966 мм. со растојание меѓу оските од 2.700 мм.
Димензиите не се толку важни за севкупниот впечаток, но ред е да се спомнат. Јавноста најмногу е заинтересирана за обликот на автомобилот. Правен е под директен надзор на Алехандро Месонеро – Романос, главен во одделот Алфа Ромео Центро Стиле, но засега е непознато кој ги нацртал основните линии, кој стоел над работната маса, чии се тие цртежи на новата „трента тре страдале“ и кој е потпишан на нив. Еве еден пример – студиото Бертоне е одговорно за дизајнот на легандарниот ламборџиниев модел „каунтач“, но зад тој модел се „крие“ генијалноста на Марчело Гандини и неговите линии, дизајнер вработен во тоа време воспомнатото студио. И да спомнеме дека дизајнот целосно е црпен од стариот модел, така што многу надворешни и внатрешни детали го содржат тој ретро облик. Цената на автомобилот е предмет на најразлични коментари, почнувајќи од еден милион евра, но најчесто спомнувана бројка е 1,7 милиони фунти или околу 2,1 милион евра. Цената е променлива и не е иста и сега се прашувате зошто. Секој купувач може да каже што сака и како сака да биде преуреден неговиот примерок исто како што може да бира дали погонската единица ќе биде ото или пак електрична. Сето тоа преуредување чини пари и затоа цената кај секој примерок ќе биде различна. Најголем дел од заинтересираните за купување на „алфа ромео 33 страдале“ беа разочарани кога слушна дека купето ќе биде произведено во само 33 примероци. Сите се надеваа на некоја посоодветна бројка која ќе ги задоволи апетитите на многумина во светот, но за жал тоа не се оствари и само неколку мина во светот ќе имаат прилика да бидат сопственици.