ДЕНЕС СВЕТОТ ЖИВЕЕ ВО ЕДНО НОВО ВРЕМЕ, ЕДНОСТАВНО КАКО ЦЕЛОСНО ДА ЗАПРЕ. ВЕРОЈАТНО КОГА ЧОВЕШТВОТО ЌЕ ЈА НАДМИНЕ ПАНДЕМИЈАТА, ЗА ВРЕМЕТО ЌЕ СЕ ЗБОРУВА КАКО ПРЕД И ПО КОРОНАВИРУСОТ. НЕМА ЗЕМЈА КАДЕ ШТО НЕ СЕ ВОВЕДЕНИ СТРОГИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО – ОД БЛОКАДА НА ГРАДОВИ, ЗАТВОРАЊЕ НА УЧИЛИШТА, ДО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПАТУВАЊЕ И ЗАБРАНИ ЗА МАСОВНИ СОБИРИ.
Во оваа вонредната состојба со ограничувања за движење, кога примарна препорака е физичката дистанцa, луѓето внимателно планираат како да ги завршат своите обврски надвор од домот, при што многу често за тоа го користат своето возило како најбезбеден начин за превоз.
Можеби велосипедот е едно од најдобрите безбедни превозни средства со кое може да се избегне близок контакт со други лица, но не е можно секогаш да се користи. Во случај кога имате реална потреба да користите автомобил, нормално е да си го поставите и прашањето како безбедно да се возите ако во него има и други лица? За да се спречи ширење на вирусот и во случај на превоз со здравствените мерки е предвидено лицата во едно возило да бидат оддалечени еден метар едно од друго. И веднаш помислувате дали е тоа можно и како да го спроведете. Поради ова, возењето на повеќе луѓе во еден автомобил станува сериозен проблем за да се обезбеди безбедно растојание.
Не постојат ограничувања ако во автомобилот се возат членови на семејство што живеат заедно.
Меѓутоа, во секој друг случај мора да се почитува растојанието од еден метар меѓу сите патници. Ова практично значи дека покрај возачот во возилото може безбедно да се вози само уште едно лице што ќе седи дијагонално од возачот, односно на спротивната (десна) страна на задното седиште.
На мотоцикл или скутер може да се вози само едно лице затоа што не може да се одржи пропишаното растојание меѓу возачот и сопатникот. Евентуален исклучок е ако сопатникот е брачен другар или близок член на семејството од заедничко домаќинство, но само ако за тоа постои неопходна потреба.
Се надеваме дека многу брзо ќе заврши корона агонијата и животот ќе се врати во нормала. Почитувани членови, придржувајте се кон препораките на релевантните институции и задолжително внимавајте да одржувате растојание од еден метар ако се возите во автомобил.